Јупитер влегува во Шкорпија - кому ќе му донесе добро во следната година?
Денес, на 11-ти октомври 2017 година, Јупитер го напушта знакот Вага и го започнува својот пат низ Шкорпија, кој ќе потрае до 9-ти ноември 2018. Неговите експанзивни вибрации Шкорпијата малку ќе ги задуши. Но, и покрај тоа, тие вибрации би требало да не поттикнат сите нас да започнеме потрага по нови чувства, по физички и духовни авантури, по ризик и опасност. Исто така, Јупитер во Шкорпија би требало да ја зголеми нашата потреба од правда и од изнесување на виделина на сомнителните настани и нивните учесници, на интригите и измамите. Нешто слично како во 2006 година. Но, ако сакаме да ја сфатиме суштината на Јупитер, треба да знаеме дека по Сонцето, тој е најголемото небеско тело во сончевиот систем. Од Земјата е поголем дури 11 пати. И еден мал куриозитет. Се смета дека, ако по некоја случајност исчезне Сонцето, Јупитер со својата гравитациона сила ќе ја превземе сончевата улога и ќе ги собере околу себе останатите планети. Ако сакаме пак да повлечеме аналогија меѓу митолошкиот и астролошкиот Јупитер, треба да се каже дека во митологијата Јупитер (Зевс) бил врховниот бог на Олимп. А, на тоа место дошол откако го симнал од престол својот татко Сатурн (Хронос), богот на времето. И доаѓаме до вечната тема на судирот меѓу генерациите. И на победата на прогресот над конзерватизмот. Познатиот грчки писател на трагедии Есхил ќе каже: „Зевс е етер. Зевс е земја. Зевс е небо. Зевс е се што е над нас“, објаснувајќи со тоа дека Зевс (Јупитер) го претставува владеењето на духот и редот кои се наметнати од надвор. Дека, Зевс е сеприсутен и сезнаен. Всушност, од Зевс зависеле и физичките и општествените и моралните закони. Бидејќи, тој од врвот на Олимп внимавал што се случува на земјата и според заслугите ги казнувал или наградувал луѓето, ги штител слабите и невините. Но, како и сите богови кои престојувале на Олимп, и тој не бил безгрешен. Па, и покрај тоа што негова официјална жена била Хера, бил познат како голем љубовник кој ги заведувал и божиците и обичните жени. Во астрологијата, Јупитер ги задржува истите атрибути како и во митологијата. Тој е планета на среќата, благосостојбата, богатството, хедонизмот, знаењето, философијата, патувањата, моралот, правдата и вистината. Што ќе донесе транзитот на јупитер на политички план? Минувањето на Јупитер низ таинствената Шкорпија, која ужива во заткулисните игри, во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година, би требало да ја нагласи силната потреба за право и правдина во општеството. Значи, ќе бидеме сведоци на тоа како криминалот и правдата си ги одмеруваат силите. Всушност, би требало да очекуваме дека Јупитеровите вибрации ќе поттикнат на површина да излезат некои тајни, матни и прикриени работи што се правеле во минатото. Како и завери и финансиски измами што се случувале и на државно ниво и меѓу обичните луѓе. Овие настани ќе актуелизираат низа прашања од етичка и правна природа. Во светски рамки, ритамот на светската економија ќе биде подложен на видливи промени. Проблемите со кои ќе се соочуваат големите сили ќе го забрза процесот на донесување оперативни одлуки. А, околностите ќе ги принудат да се соочат и со можните последици. Нафтата и водата (теми со кои владее Јупитер) ќе бидат во фокусот на интересот на големите сили уште повеќе од обично. Како јупитер на својот пат низ шкорпија ќе влијае на секој од вас, ќе откриете подолу во текстот. Но, пред тоа треба да знаете дека предвидувањата се правени само со следење на една планета, Јупитер. Затоа, сликата не може да биде ниту целосна ниту толку прецизна. Вистинската слика за тоа што ве очекува би ја дознале кога би ги изработиле вашите Петгодишни Предвидувања или Соларниот (Годишен) Хороскоп. За таа цел одете на оваа страна. Упатство за читање: Прво прочитајте го текстот што важи за вашиот подзнак. А, потоа комбинирајте ги информациите со текстот што се однесува на вашиот знак. Овен Во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година, Јупитер ќе ја стави својата заштитничка рака над вашиот живот. Но, од друга страна, неговите вибрации ќе ги разбудат во вас моралните дилеми. А, со тоа ќе ве принудат да го преиспитате своето однесување во минатото, како и квалитетот и смислата на некои ваши односи со луѓето. На правиот пат ќе се одржите ако, во моментите кога ќе ве совладаат емотивните дилеми, се потсетувате дека вистинската љубов има потреба од морална чистина. Од друга страна, Јупитер ќе ви донесе шанса да ја подобрите својата финансиска состојба. Некои тоа ќе го остварат преку помошта од страна на љубовниот партнер. Другите ќе подигнат кредит или ќе земат пари на заем. А, некои ќе се извлечат од финансиските проблеми во последен миг, со помош на некое неочекувано наследство или со помош од родителите. Најповолен момент за финансиско ефектуирање на вашите постигнувања во кариерата ќе биде периодот меѓу 8-ми ноември 2017 и 9-ти март 2018 година. Бик Во астрологијата се вели дека онаму каде што поминува Јупитер, на тој план човек ги гледа работите низ розови очила. Вам розовите очила ќе ви ја разубават сликата на план партнерски односи, во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018. Па, ако сте слободни, вашата силна желба за формирање семејство би можела да ве наведе да ги намалите критериумите при изборот на брачен партер. Ако сте во врска, ќе брзате да ја озаконите истата пред светот. А, ако сте во брак, идеализирањето на вашиот партнер би можело да ве одведе на лизгав терен и да ви создаде проблеми во брачните односи. Професионално, најголеми шанси за напредување и најголеми искушенија ги очекуваат Биковите правници, адвокати, судии, новинари, професори и спортисти. А, ако сте странка во судски спор, по различни перипетии, би можеле да почувствувате како изгледа правдата. Посебно во периодот од 8-ми ноември 2017 до 9-ти март 2018 година. Близнаци Под влијанието на поттикнувачките вибрации на Јупитер, вие во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година ќе добиете шанса да се ослободите од оковите на минатото и од ситуациите и луѓето кои ве исцрпуваа. Исто така, вистината за вашите лоши навики, на некаков начин, ќе исплива на површина. Па, вие ќе бидете принудени да внесете некаква промена во начинот на живот, во исхраната. Можеби ќе започнете да се занимавате со спорт. Професионално, Јупитер, ќе ви ги олесни и најомразените обврски. Па, со покажување поголема одговорност и свесност во работата, вие пред вас ќе отворите нови професионални можности. Некои од Близнаците успешно ќе ги решат и најкомплицираните ситуации кои ги измачуваа подолго време. Додека другите ќе добијат шанса за ново работно место. Посебно успешен на професионален план би требало да биде периодот од 8-ми ноември 2017 до 9-ти март 2018 година. Рак Вие ќе бидете едни од најголемите миленици на Јупитер, во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година. Тоа значи дека вибрациите на Јупитер ќе предизвикаат сите подрачја од вашиот живот да напредуваат. Но, најважно од се е фактот што Јупитер ќе ве наполни со животна радост и оптимизам. Па, ако сте слободни, оваа ќе биде плодна година на план љубов. Ако сте во врска, веројатно ќе посакувате да ја крунисате со брак или да ја запечатите со заедничко дете. Ако сте во брак, можно е да планирате уште едно дете или пак ќе се радувате на среќните моменти поминати со децата и внуците. Но, не е исклучена ниту можноста во вашиот живот да се појави една личност што ќе ве привлекува како магнет. Најповолни на план љубов ќе бидат периодите од 9-ти до 19-ти ноември 2017 и од 26-ти декември 2017 до 5-ти јануари 2018. Професионално, Јупитер ќе им донесе успех на Раковите што се занимаваат со уметноста, образованието, на оние што работат на местата за забава или со берзата. Посебно во периодот од 8-ми ноември 2017 до 9-ти март 2018 година. Лав Иако вибрациите на Јупитер главно носат позитивни нешта, во вашиот случај доброто би дошло како резултат на претходно поминати искушенија. Имено, вашите семејни односи ќе се најдат на тест. Тестот ќе го поминете ако најдете рамнотежа меѓу чувството на одговорност и потребата да се ослободите од оковите со кои ве ограничува вашата реалност. Но, ќе мора да најдете и компромис во односите со постарите членови на вашето семејство. Не си дозволувајте да им докажувате кој е подобар или посилен. Бидејќи, можно е да бидете финансиски ускратени од нивна страна или пак ускратени од наследство. Исто така, ќе постои можност да го менувате домот или местото на живеење, да правите големо реновирање. Но, имајте во предвид дека не е поволно тоа да го направите во периодот од 8-ми ноември 2017 до 9-ти март 2018 година. Уште повеќе ако треба да земете кредит, заем, да продадете стар стан или да ставите недвижен имот под хипотека. Девица Под влијанието на Јупитер, во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година, во полна сила ќе засјаат вашите интелектуални способности, вербалните вештини и умешноста да водите конструктивни разговори. Сето ова најдобро ќе го искористите ако започнете да учите нешто ново, ако држите предавања и обуки, ако работите во маркетингот или со рекламите. Исто така, под налетот на Јупитеровата енергија место нема да ве држи. Па, често ќе патувате, повеќе ќе се дружите, ќе започнете нови пријателства. Во текот на целиот пат на Јупитер низ Шкорпија ќе бидете учесник во убавите настани на блиските и сведок на среќните моменти во животите на вашите браќа, сестри и роднини. Вие пак би можеле да се вљубите во личност што не живее во вашиот град. А, за многумина од вас оваа ќе биде година кога ќе одлучите да стапите во брак или да станете родители. Вага Благопријатните вибрации на Јупитер ќе ве поттикнат да ги остварите вашите цели од финансиска природа. Тоа значи дека вие, со дополнителен оптимизам, ќе бидете целосно ориентирани кон успехот и нема да се задоволувате со малку. Така, во периодот меѓу 11-ти октомври 2017 и 9-ти ноември 2018 година, би можеле да ги берете финансиските плодови кои ќе се појават како логичен резултат од вашиот минат труд. Инаку, до повеќе пари би можеле да дојдете преку повисока плата, хонорарна работа, намалени давачки и сл. Ако имате приватна фирма, поголемиот финансиски прилив би дошол преку склучување нови зделки. А, не е исклучена ниту помошта од страна на родителите или добивка преку некаков недвижен имот. Посебно во периодот од 8-ми ноември 2017 до 9-ти март 2018. Во исто време, ќе се зголеми и вашата потреба од докажување на правото и правдината. Па, веројатно ќе покренете тужби против оние кои сметате дека ве оштетиле со изигрување на законот. Шкорпија По цели 12 години повторно доаѓаат вашите 5 минути. Имено, престојувајќи во вашиот знак, во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година, Јупитер, планетата на среќата, правдата и благосостојбата, ќе ви помогне да ги изреализирате вашите најдлабоки желби, и на приватен и на професионален план. Значи, поддршката на Јупитер ќе биде вашето моќно оружје. Но, како ќе го употребите и што ќе направите со него, ќе зависи само од вас и вашата умешност. За почеток, добро е да знаете дека ќе се зголеми вашиот и онака силен магнетизам и ослободеноста од предрасуди во сексот, што е гаранција за богат и исполнет љубовен живот. Од друга страна, вашата критичка интелигенција ќе се граничи со пророштво, што нема да остане незабележано. А, кога на тоа ќе се надоврзат и силната интуиција, зајадливиот говор и вашата продорност, ете ја формулата која би можела да ве донесе на позиција од авторитет, во вашата бранша. Љубовно, незаборавни ќе бидат периодите од 9-ти до 19-ти ноември 2017 и од 26-ти декември 2017 до 5-ти јануари 2018 година. Тогаш би можеле да се случат и многу бремености. Посебно ако сте родени во периодот од 2-ри до 12-ти ноември. Професионално, би можеле да се закитите со ловорики во периодот меѓу 8-ми ноември 2017 и 9-ти март 2018. Искористете ги предностите што ќе ги имате под закрилата на Јупитер до ноември 2018 година, бидејќи на слични, ѕвездени моменти би можеле да се надевате дури по 12 години. Стрелец Во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година, Јупитер ќе ви го штити грбот доволно силно и доволно долго за вие да присоберете сили и да се подготвите за акцијата која ве очекува во 2019 година. Значи, во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 подготовката ќе се состои во тоа што ќе мора да ги освестите своите желби и амбиции. А, потоа ќе треба да ги осмислите и плановите како истите да ги реализирате. Во тоа, покрај Јупитер, ќе ви помогне и вашата способност за подлабок увид на ситуацијата. На моменти можеби ќе ви се чини дека сте принудени на делување од позадина и дека вашите способности не доаѓаат до полн израз. Но, тоа ќе биде само привид, затишје пред бурата што следува во 2019. Во периодот од 8-ми ноември 2017 до 9-ти март 2018 година можно е да откриете нов начин со кој ќе ја подобрите вашата финансиска состојба или ќе имате некаков профит од купопродажба на недвижности. Јарец Јупитер во Шкорпија за вас ќе донесе период на задоволства кој ќе потрае од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година. Тоа значи дека трудот што сте го вложиле во минатото сега ќе ви носи резултати. Па, вие конечно ќе можете малку да застанете и да уживате во животот. Професионално, најдобро ќе им оди на Јарците кои се во политиката, во невладиниот сектор, на Јарците кои работат или членуваат во клубови, разни здруженија или работат за големи брендови. За вашиот успех да биде поголем, главна улога ќе одигра некој од вашите пријатели кои се на позиција од моќ. Исто така, вашата поголема опуштеност и имањето повеќе слободно време ќе му одат во корист и на вашиот љубовен живот. Па, постои можност да ви се случи љубов, и доколку сте слободни и ако сте во врска. Посебно убаво ќе се чувствувате во периодот од 8-ми ноември 2017 до 9-ти март 2018 година. Водолија Транзитот на Јупитер низ Шкорпија ќе ви помогне да привлечете одлични можности за стабилизирање или напредување во кариерата или за промена на работното место. И тоа во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година. Меѓутоа, бидејќи Шкорпијата за вас е непријателски знак, имајте во предвид дека патот до „тронот“ нема да биде послан со рози. Туку истиот ќе го освоите откако ќе ги поминете искушенијата. Ако сакате да влијаете на развојот на случувањата и да ги насочите во посакуваниот правец, ќе мора да направите промена во својот пристап кон работните задачи и на своите реакции кон претпоставените. Сепак, најголема промена ќе се случи кога ќе го смените аголот на гледање на себеси, на своите проблеми и на своето место во општеството. Периодот од 8-ми ноември 2017 до 1-ви јануари 2018 година ќе биде поволен за правење пари. Риби Ќе биде евидентно дека ви се враќа оптимизмот и самодовербата, во периодот од 11-ти октомври 2017 до 9-ти ноември 2018 година. Би било пожелно ако поволното влијание на Јупитер го искористите за унапредување на својот живот. Тоа значи дека ако студирате, пожелно би било да дипломирате и 2019 година да ја дочекате подготвени за новите шанси на професионален план. Ако немате работа, откријте што се бара на пазарот на трудот и преквалификувајте се. Запишете некаков курс. Одете на семинар, научете странски јазик, проширете го знаењето. Најголем успех ги очекува Рибите дипломати, професори, правници, философи, свештеници и оние кои работат со странство или планираат да заминат во странство. Некои ќе се пронајдат себеси како следбеници на некоја духовна дисциплина. Посебно поволен ќе биде периодот од 8-ми ноември 2017 до 9-ти март 2018 година.
 Регистрирано во Македонска Авторска Агенција под реден број 970 Скопје Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот. Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
|