In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Министерот со шешир и темни очила за сонце

Објавено на 07.05.2019 во 06:45

Министерот со шешир и темни очила за сонце
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

„Спасителот секогаш завршува како жртва“

Ова беа моите зборови што и ги кажав на Венера кога дојде кај мене да се посоветува дали да ја прифати понудата на својот пријател, бивш министер, да отворат заедничка фирма. А, кога разочарана од тоа што го слуша ме праша дали секогаш мора да биде така, дали секогаш мора спасителот да заврши како жртва, тогаш на долго и на широко и ја објаснив Теоријата на Стефен Карпман. Според оваа теорија од трансакционата анализа, кога еден човек влегува во улога на спасител, од страна на спасениот се доживува како агресор и на крајот завршува како жртва. Значи, станува жртва токму на човекот што го спасил. Бидејќи ова не се вклопуваше во идејата за розовата иднина преку бизнисот со градење на станови, што пријателот на Венера, Слободан, веќе и ја имаше ставено во глава, таа се обидуваше да најде некакво оправдување за својот пријател и да добие зелено светло од моја страна, дека може да се впушти во бизнис со него.

„Јас не знам зошто би била негова жртва? Тој толку ме почитува. Вели дека поради тоа што сум му го спасила животот, ме доживува за нешто повеќе од пријател. А, бидејќи нема сестра, вели дека јас сум неговата сестра. Дури така ме нарекува и пред своите пријатели и роднини. И не верувам дека ми глуми, бидејќи нема причина за тоа...“

„Немам поим на кој начин ќе станеш негова жртва“, и го пресеков зборот јас. „Едноставно тоа е правило во животот. А, од она што ти ми го кажа за вашиот заеднички однос, штом Слободан те доживува како негов спасител, постои опасност да завршиш како жртва. Ако те интересира механизмот според кој функционира овој процес, побарај на Гугл што пишува за „Карпмановиот триаголник“, бев упорна јас. „Уште повеќе што и твојата Натална Карта покажува дека во следната година би можела да го смениш работното место и да бидеш успешна. Но, тоа би требало да го направиш сама, бидејќи ортачките бизнис релации би можеле да ти донесат проблеми во следните две години. Па, дури постои опасност и од судска разрешница на некое бизнис партнерство. Значи, подалеку од ортачки бизниси дури и со родениот брат“, бев децидна јас.

Инаку, за да знаете за што станува збор, накусо ќе ви ја раскажам историјата меѓу Венера и Слободан. Венера беше преубава русокоса жена во доцните триесетти години. Висока, со извајано тело и совршени нозе пред кои паѓаа сите мажи. Но, таа не сакаше клекнат маж, туку самосвесен тигар во кревет и рамноправен партнер во секојдневниот живот. „Невозможна комбинација која не вирее на Македонско тло, каде што мајките ги прават своите машки деца вечно врзани за себеси и несигурни да се впуштат во челустите на животот“, ми се исповедаше Венера. Затоа не беше мажена. Работеше како архитект, ама во последно време работата не и беше сигурна. Додека Слободан беше бивш министер кого го беше запознала кога ја уредувала неговата нова куќа. На почетокот се зближила со жена му, чија убавина ја споредуваше со убавината на Анџелина Џоли. За неа ми рече: „Кога ќе ја видиш од надвор, претпоставуваш дека таа е жена која сите луѓе ги гледа од високо. А, всушност се работи за кревка душа која нема реална свест за себеси. Мислам дека тоа што била грда како дете ја формирало во несигурна личност.“

Знаејќи како Слободан изгледа од телевизијата и весниците, се надоврзав на муабетот: „Заради несигурноста ли се омажила за средовечен чичко?“ Венера збунето ме погледна бидејќи не ми го разбра коментарот, па откако и текна што сакам да кажам се насмеа: „Аааа... неее... Па, тој не е толку постар од неа. Само три години. Но, личи така заради застарениот имиџ. Ама, да. Магде, сопругата на Слободан, таа де што личи на Анџелина Џоли, ми раскажуваше дека се имаат запознаено на работа. Таа била почетничка, изгубена во новата работна средина, штотуку разведена од првиот сопруг, со кој морала да се омажи бидејќи останала трудна пред да матурира. Слободан веднаш го привлекол нејзиното внимание, бидејќи физички личел на татко и кого многу го сакала, затоа што секогаш ја бранел од нејзината строга и бесчувствителна мајка.“

„Психолозите за ова би рекле дека е класичен случај на Електра комплекс“, се надоврзав јас и прашав: „Овие работи Магде ли ти ги кажуваше или ти сама ги заклучи?“

„Не, не, јас само ти прераскажувам тоа што Магде ми зборуваше. Во времето кога започнала врска со Слободан тој се уште бил во брак со првата жена која му била колешка од факултет, ќерка на негов професор, со која имал две деца. Магде дури се сомневаше дека тој се има оженето додека студирал, затоа што бил слаб студент и очекувал дека женејќи ја ќерката на професорот, полесно ќе го заврши факултетот. И така некако и било.“

„И добро, каква врска има тоа со тебе“, се обидував јас да го најдам излезот од лавиринтот на приказната на Венера. „Како си му го спасила животот?“

„Па, како што веќе ти кажав, јас продолжив да се дружам со Магде и откако завршив со уредувањето на нивната куќа. Со Слободан се гледавме повремено, кога беше дома. Магде ми се допаѓаше како личност. Не беше расипана. Ама судбината ли, Господ ли, ѓаволот ли, некој сакаше таа да добие поздрав, преку брат и, од нејзината прва и најголема љубов, од дечкото од кој била насилно разделена кога мајка и открила дека се во врска. Долго време не ми кажуваше ништо, а се гледала со него. И кога беше сигурна и во своите и во неговите чувства, реши да го напушти Слободан. Се сеќавам дека бевме на ручек во едно скопско ресторанче кога таа бркна во својата брендирана чанта и извади фотографија од непознат маж. Поддавајќи ми ја ме праша: „Ти се допаѓа ли?“

„Јас се доживував како пријателка на семејството“ продолжи да раскажува Венера. „Не сакав да заземам ничија страна, кусо ја погледнав фотографијата и искрено кажав: „Па, не баш. Слободан ми личи поубаво, погосподски.“ Тоа не ја поколеба, па ми возврати: „Знаеш Венера, убавината е во очите на тој што набљудува. Јорго е моја прва љубов и колку да остари, јас секогаш ќе го гледам како дечкото со кого прв пат почувствував што е тоа љубов.“ „И да не должам повеќе“, продолжи Венера „Значи Магде замина со Јорго. А, неколку дена подоцна ми се јави Слободан целиот избезумен. Ах, да. За малку ќе заборавев. Магде ми кажа дека пред 5 години си и правела Натална Карта и си и рекла дека за 5 години ќе се вљуби. Таа те прашала во кого, дали повторно во маж и. Но, ти си и рекла дека е нешто друго и многу силно.“

„Не знам што сум и рекла, Венера. А, и да знам, не коментирам доверливи разговори со други луѓе. Туку, уште не ми кажа како си му го спасила животот на Слободан?“ се обидував јас да го канализирам долгиот говор на Венера до поентата.

„Ах, да. Сега ќе стигнам до тој момент“, одговори таа. „Значи кога Слободан ми се јави целиот избезумен, се обидов да го смирам. Но, ми беше чудно зошто од сите можни пријатели токму мене ми се јавува. Потоа, имав грижа на совеста дека знаев за она што Магде го правеше зад негов грб. Сепак, го прашав: „Што се случило Слободан? Нешто лошо ли?“ А, тој липајќи на цел глас едвај ги извади зборовите низ уста: „Магде...Магде...избега...со друг...Ме остави...Готово е.“

„Со кој друг? Сигурен ли си? Да не ти прави некое трикче?“

„Какво трикче? Сите нејзини работи си ги собрала... Ауууу... Не можам да издржам. Каков срам. Пиштолот го држам во рака...Жена ми и децата ги оставив заради неа. Со мајка ми и татко ми се скарав заради неа. Куќата ја правев заради неа... Ауууу... И таа вака да ми врати... Леле... не можам... Готово...“

„Па, тоа сериозно било“, констатирав јас. „Што се случи потоа?“

„Се обидов да му го одвлечам вниманието во друг правец. Да го шокирам. Затоа реков: „Како не, готово е. Гледај какво сонце има надвор! Го слушаш ли џагорот од луѓе? Лето е. Некои сега се на одмор, уживаат, се смеат. А, што ако Магде ја тестира твојата љубов, па се врати?“

„Ха...Браво Венера. Добро ти текнало. Како обучен психолог“, забележав јас.

„Фала му на Господ во такви моменти сум присебна. Па, му предложив да излеземе на некое убаво место во природа и се да ми раскаже. Му предложив да го посетиме црквичето на Света Богородица во Матка, бидејќи тој ден беше нејзиниот празник. Да си земеме светена вода и дека тоа можеби ќе смени нешто. И така. Тој се потсмири. Отидовме на Матка. Седнавме на една изолирана клупа во кругот на црквата и тој со солзи во очите ми го раскажуваше она што веќе делумно го знаев. Оттогаш станавме неразделни. Секогаш кога му беше тешко се среќававме и разговаравме. Прво личеше на дух кој оди. Ослабе. Ама со тек на времето се поврати. И некако спонтано почна да ме нарекува сестра.“

„А, да не се вљубил во тебе?“, сакав да ги расчистам работите јас. „Знаеш, мажите обично не можат да живеат сами. Па откако некоја жена ќе ги остави, веднаш бараат утеха во друга.“

„Па, и мене така ми се чинеше на почетокот. Иако сакав да не се случи тоа. Не му дозволував да зборува лоши работи за Магде, објаснувајќи му дека можеби ќе се смират и ќе му биде срам пред мене поради тоа. И така, по неколку месеци, ме викна на вечера во ресторан со цел да ме запознае со новата девојка. Таа работеше кај него и беше над дваесет години помлада.“

„Зарем толку брзо ја преболел жената што ја сака?“, не можев да прифатам јас.

„Какво преболување“, одговори Венера „Си ја лечеше повредената машка гордост пред пријателите и деловните партнери. Ама мене ми беше мило, бидејќи некако живна и престана да зборува за самоубиство.“

Ова, во кратки црти, беше објаснувањето на Венера за тоа како влегла во улога на спасител на нечиј живот. Останатите детали од нашиот разговор се неважни за приказнава. Нејсе. Поминаа неколку месеци пред таа повторно да се јави. А тогаш, едно пладне, нејзиниот возбуден глас ме прекина среде работа: „Може ли да дојдам на консултации? Итно ми е. За два часа треба да одиме со Слободан на нотар, да го потпишеме основачкиот договор за фирмата. Сакам да знам што стои во Наталната. Добар ли е денот за потпишување договори?“

„Штооо?“ бев шокирана јас. „Зарем ќе потпишуваш договор за време на Соларна Еклипса? Никако! Се што би почнала на тој ден би било катастрофа и ниту ќе има перспектива, ниту ќе потрае. И зошто брзање? “

„Па, Слободан потоа има лет за Париз. Ќе оди на пат.“

„Добро де, можете да потпишете договор и откако ќе се врати. Нигде ништо не гори. Плус, ти ќе можеш да го разгледаш договорот и да се посоветуваш со свој адвокат.“

„Е, не можело кога ќе се врати. Веќе се било договорено со нотарката“, слушнав вознемиреност во гласот на Венера.

И покрај моите противења, таа замина да го потпише договорот за основање фирма во која таа ќе беше директор, а Слободан сопственик. Неколку месеци по овој чин, Венера повторно дојде на консултации и ми ја раскажа целата рашомонијада низ која поминала. Работата ја напуштила. Договорот го потпишала дента кога се консултираше со мене, на Затемнување на Сонцето. Со месеци му барала на Слободан да го види договорот, но тој и се лутел дека немала доверба во него. „Зарем јас ќе те изиграм? Толку ли не ми веруваш? Па, ти си ми како сестра“, и велел. Плата добила првиот месец. А, потоа и рекол дека треба малку да се стрпи. Предупредена од мене, таа постојано била на штрек. Така, слушнала, а потоа и видела, како познатата нотарка му направила фалсификат на потписот на Магде, неговата сопруга, со која исто така бил партнер во една од неговите фирми, со цел да земе кредит од банка. После овој момент таа во себе решила да го прекине договорот, пред ортачката фирма формирана од неа и Слободан, да почне воопшто да работи. Бидејќи, според убедувањето на Венера: „Оној кој фалсификува еден потпис денес, утре ќе фалсификува и друг.“

„И што направи потоа? Како сето ова заврши?“ се сеќавам дека ја прашав тогаш.

„Па, кога Слободан повторно отиде на пат во странство, го искористив моментот да отидам кај нотарката и да го поништам мојот потпис со кој прифаќам да бидам директор на фирмата. И тука почна хоророт. Нотарката од другата соба му се јави на Слободан да побара инструкции. Потоа се врати, и како ништо да не се случило, и диктираше на секретарката божем да направи поништување на секој документ. А, кога ги побарав да ги фотокопирам, ми препорача да не ја копирам задната страна на документот со печатот, затоа што немало да ми треба, туку само предната. Но, предупредена од тебе, јас почнав да дувам и на јогурт. Ископирав се. И кога дојдов дома што да видам. На секој документ имаше по некоја грешка. Или имаше една бројка која е поинаква од вистинскиот број на документот или една бројка во личната карта беше заменета со друга или недостасуваше една буква во името или презимето. Значи, ако не ја ископирав задната страна од документите каде стои печатот и ако не видов на време, потпирајќи се на професионализмот на нотарката, јас немаше да го имам повлечено мојот потпис и сега ќе бев во тешки срања.“

„Зошто? Што можеше да ти се случи?“ бев љубопитна јас.

„Како што?“ одговори Венера „Слободан немал никаква намера да работи со фирмите. Му требало само жртвено јагне чиј потпис би стоел на барањето за кредит во банка. Кредит кој тој немал намера никогаш да го врати. Така што тој ќе си дојдеше до живи пари. А, потписникот на документот или директорот на фирмата, што значи јас, ќе морав да ги враќам тие пари или да одам во затвор. И тоа се работеше за сума од над пола милион евра. Ееееј, замисли!? Над пола милион евра!? Ете тоа ми смислил мојот брат на кој му го спасив животот. Арно ми рече ти тогаш: „Спасителот секогаш завршува како жртва токму од тој што го спасил.“ Еве, јас сум ти жив пример дека оваа теорија држи вода. И тоа не е се. Замисли после сите срања што ми ги приреди, тој ми оставил порака на секретарката дека сакал да се види со мене и да пиеме кафе. Како во старите добри времиња. Му фалел мојот муабет. Бог да чува, болни луѓе... Пу, пу, пу.“

Ова беа најважните моменти од мојот разговор со Венера. Доволно да имам уште еден увид во тоа на што се спремни луѓето со лоши срца. А, тоа дека Слободан се покајал и дека сакал повторно да се дружи со неа, не знам? Можеби навистина го фатила носталгија за добрите стари времиња. Па, и покрај целата расипаност, секој има човечки потреби, нели? Но, можеби тоа било само трикче за повторно да ја вовлече во некоја своја Понциева шема на измама. Тој, министерот со шешир и со темни очила за сонце. Како и да е, добриот човек Господ го чува. Па, Венера успеа да се поштеди од поголеми проблеми. Но, како јаготка врз шлагот на нејзиното искуство најдобро би легнала следната поучна приказна:

Си било едно дете со многу лош карактер. Не можело уста да отвори, а да не излаже и измами некого. Тоа не му се допаѓало на неговиот татко кој го воспитувал сосема поинаку. Затоа, со цел да го научи на вистински вредности низ пример, таткото зел кеса со шајки и му рекол на својот син да закова по една шајка во дрвената оградата што се протегала околу нивната куќа, секогаш кога ќе излаже некого.

Детето послушало, немало што друго да прави. Во тоа време желбата на таткото била закон. Првиот ден тоа заковало дури 37 шајки во оградата. Во текот на следните месеци тоа се борело самото со себеси и со својата лоша особина, па бројот на заковани шајки започнал да се намалува. Едно време дури забележало дека е полесно да го контролира своето однесување, отколку да кове шајки по цел ден.

И така, месеците се ределе еден по друг како бисери во огрлица, па дошол денот кога детето не кажало ниедна лага, не измамило ниеден човек. Оваа радосна вест му ја соопштило на таткото. Тој го пофалил и му рекол да откова по една шајка од оградата, секој ден кога ќе успее да не излаже никого. Така и било. Деновите минувале и дошол мигот кога детето ја извадило и последната шајка од оградата. Тогаш татко му го фатил за рака и тргнале во обиколка на оградата.

„Браво синко“, рекол таткото. „Горд сум што добро ја заврши својата задача. Но, погледни сега колку дупки има во нашата ограда. Таа веќе никогаш нема да биде цела. Исто е и со кажувањето лаги. Тие оставаат лузни на душите на луѓето. Еве, токму вакви какви што се дупкиве во оградава. Ти можеш да му забодеш на човека нож во срце, па потоа да се премислиш, да го извадиш ножот и илјада пати да му кажеш дека ти е жал. Но, раните засекогаш ќе останат во неговото срце.“

Да, драги пријатели. Раните на срцето можат да се заборават, но никогаш не зацелуваат. Затоа , внимавајте како се однесувате кон луѓето. А, ако пак вие сте биле повредени, од корист ќе ви бидат зборовите на Мајка Тереза која вели:

„Доброто што го правиш денес, утре ќе биде заборавено.

Сепак, прави добро.

Конечно, сето тоа е меѓу тебе и Господ.

Никогаш не било меѓу тебе и другите луѓе.“

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Овните. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие кои се вашите скриени таленти, во кои професии би можеле да постигнете најголем успех, каков е вашиот однос со колегите и претпоставените и зошто, какви се вашите потенцијали на финансиски план.


Навистина овој хороскоп не е клише како многу други. Овој хороскоп баш ти дава одговори за тоа кој си бил, каков си и што треба да правиш за да станеш подобра личност. 

Деја З.К.


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен (тековен стил) Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби