In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Пониското и повисокото ниво на секој знак

 
Објавено на 08.10.2018 во 15:01

Пониското и повисокото ниво на секој знак
 

Ајде еднаш засекогаш да разбиеме една фама околу карактерот на астролошките знаци. Па, кога следниот пат ќе посакате да постирате текстови за тоа колку сте вие најубавиот, најпаметниот, најдобриот...итн...од сите знаци, подобро е да размислите, бидејќи на оние кои ја познаваат астрологијата ќе им откриете тајни за кои не сте ни свесни.

Така на пример, оној што навистина ја познава астрологијата знае дека секој знак има повисоко и пониско ниво на манифестација на особините на знакот и дека околу 70% од луѓето му припаѓаат на пониското ниво на знакот. Ама, заради забавниот начин на кој се третира астрологијата по весниците и заради желбата да не биде повредено ничие его, оние што ги пишуваат астролошките текстови ги откриваат само најубавите страни на секој знак, само особините кои се карактеристични за поразвиените припадници на тој знак. Меѓутоа, никој не кажува дека тие особини се одлика само на мал број луѓе (1-3%) кои му припаѓаат на највисокото ниво на знакот. Околу 30% од популацијата се мешавина меѓу особините на повисокото и пониското ниво. Додека околу 70% имаат карактеристики на пониското ниво од секој знак.

Во продолжение ќе ви ги откријам карактеристиките на пониското и повисокото ниво на секој знак. Тука ќе додадам дека, кај некои знаци, карактеристиките меѓу нивоата се толку издиференцирани, што може да се зборува за три различни нивоа:

ОВЕН (пониско ниво)

Овие луѓе се агресивни, нападни, наметливи, нетолерантни, неподносливи. Тие секогаш се најдобро знаат, секогаш само тие се во право. Не прифаќаат туѓо мислење. Туѓата критика ги вади од такт, додека истовремено за нив е сосема нормално да ги провоцираат и навредуваат луѓето со своите сурови коментари. Уживаат да трачарат, да „плукаат“ по луѓето, да ги понижуваат оние што им се конкуренција. Во суштина се нечувствителни егоисти кои ги малтретираат послабите од себе и ги искористуваат немоќните. Не поднесуваат наредби. А, заради својата надалеку прочуена тврдоглавост и самобендисаност редовно ја промашуваат целта. Додека, поради својата импулсивност често запаѓаат во глупости, па дури и во криминал. Интересно е тоа што кон своите бивши партнери се однесуваат како засекогаш да ги поседуваат.

ОВЕН (повисоко ниво)

Овие луѓе се чесни, со заразен оптимизам. Најупорни се во целиот Зодијак. Прштат од конструктивна енергија, постојано се активни, вредни и разумни. Способни се за големи дела. Затоа, често се среќаваат во улога на пионери во истражувањето на нови области. Бидејќи сакаат предизвици, конкуренцијата во работата не ги плаши, туку, напротив, ги мотивира уште понапорно да работат и да бидат подобри. Забавни се и омилени во друштво. Кон блиските се однесуваат заштитнички и им помагаат. Имаат голема моќ за убедување на масите и лидерски предиспозиции.

БИК (пониско ниво)

Овие луѓе тешко ја контролираат својата похота и мегаломанија. Неумерени се во јадењето и пиењето, во сексот. За пари се подготвени да направат се, незаситни се, секогаш сакаат повеќе. Периодите на мрзливост и непродуктивност во нивниот живот се подолги од периодите на активност и работа. Сакаат да имаат се под контрола, ама самите не умеат да се контролираат себеси, на никаков план. Ако некој еротски ги возбуди, во состојба се да му здодеваат на многу непријатен начин. Бавно мислат и тврдоглаво се држат за своето мислење, дури и кога грешат. Па, не можете да ги разубедите ниту со факти. Поради својата заостанатост во состојба се да им нанесат зло на другите луѓе. Претерано се љубоморни и кон партнерот се однесуваат како тој да е нивна сопственост.

БИК (повисоко ниво)

Овие луѓе се добродушни, ведри, со убави манири, од доверба. Избегнуваат конфронтации за да не си го нарушат комодитетот. Зборуваат малку, но промислено. Заштитнички се однесуваат кон оние што ги сакаат и што ги чувствуваат за блиски. Умеат да ги контролираат своите страсти и не му дозволуваат на бесот да излезе од неговите граници, па познати се како луѓе со најголема самоконтрола во Зодијакот. Добро се снаоѓаат во сите ситуации. Не трпат преправање и глумење. Го ценат само она што е постигнато со труд. Имаат почит кон убавите работи и често се колекционери на уметнички предмети или на дребулии што имаат вредност во нивните очи. Имаат отпор кон новите работи. Уживаат да бидат во природа. Имаат вродено чувство за музиката и за останатите гранки на уметноста. А, често имаат и убав глас.

БЛИЗНАЦИ (пониско ниво)

Овие луѓе се лицемерни, без'рбетници, злобни и мрзливи. Тие се најголемите озборувачи и сплеткароши во Зодијакот. Секогаш доцнат, апсолутно се неодговорни. Немаат скрупули. Ја искривуваат вистината, и кога од тоа имаат корист и само поради забава. Бесрамно, но шармантно, лажат, ги искористуваат другите, способни се и да украдат. Брзо се воодушевуваат за некого или за нешто и брзо го губат интересот. Апсолутно се неверни. Сакаат да бидат подобри од сите, но се мрзливи и недоследни во остварувањето на амбициите. А, потоа, за својот неуспех ги обвинуваат другите. Површни се, не можете да се потпрете на нив. Имаат полна уста лажни ветувања. Нивниот живот нема цел, имаат многу промашени врски и врвот во нивата кариера е тоа што вечно ги имитираат другите.

БЛИЗНАЦИ (повисоко ниво)

Овие луѓе се интелектуалци кои имаат енциклопедиско знаење и покажуваат интерес за сите области од животот. Имаат убави манири, забавни се, лесно учат јазици, родени математичари. Најчесто се занимаваат со неколку работи истовремено и во секоја имаат успех. Секогаш имаат мноштво идеи и расположени се за соработка. Дружељубиви се, умеат да ги сослушаат туѓите маки, да дадат совет, да понудат помош. Ако оценат дека од некоја ситуација можат да добијат нешто за себеси, способни се да се прилагодат на условите и на другите луѓе, да го сменат мислењето, да направат компромис. Ведри се, духовити, секоја непријатна ситуација умеат да ја свртат на шега, па луѓето сакаат да се дружат со нив.

РАК (пониско ниво)

Овие луѓе се мегаломани. Ним им е најслатко да профитираат без мака, преку туѓиот труд. А, тоа се обидуваат да го постигнат манипулирајќи со чувствата на луѓето. Најмногу сакаат да седат дома, фатени за сукњата на мајката или за брачниот партнер. Неработници се и секогаш наоѓаат начин да ги ескивираат семејните обврски. Здодевни се, патетични и мрзливи. Не сакаат да признаат дека проблемот за нивниот неуспех се тие самите, туку вечно се жалат на својата тешка судбина. Најмногу уживаат кога прават сплетки и кога манипулираат со туѓите чувства за да извлечат некоја корист. Немаат цврсти принципи во животот, суеверни се, лесно е некој да ги заведе. Склони се на скитање и пиење. Многу се скржави.

РАК (повисоко ниво)

Овие луѓе се верни и посветени партнери. Работат тивко и бавно, но никогаш не се откажуваат од целта. Го преиспитуваат своето минато и своите постапки, учат од грешките, ја истражуваат историјата преку која ја предвидуваат иднината. Се грижат за семејството, ги сакаат децата и се трудат да создадат пријатно семејно гнездо полно со љубов и разбирање.

РАК (највисоко ниво)

Тоа се помалку од 1% интуитивни луѓе, кои својата моќ ја црпат од својата потсвест. Заинтересирани се за феномените поврзани со Вселената и работат на општочовечкото добро (пример: Никола Тесла).

ЛАВ (пониско ниво)

Овие луѓе се болно егоцентрични, фалбаџии. Главниот мотив за нивните постапки е нивната непресушна желба да докажат пред околината дека се тие најдобри, најпаметни и најуспешни. Завидливи се и одмаздливи. Им импонира кога пред другите раскажуваат за своите контакти со богатите, успешни или познати луѓе. Безмилосно ги газат сите што ќе им застанат на патот. Тие се емотивно нестабилни личности со надуено его. Кога ќе оценат дека некоја личност е наивна, а од неа би имале некаква корист, финансиска или сексуална, ќе направат се да ја шармираат таа личност. Но, откако ќе ја искористат, бездушно се однесуваат кон неа и на крајот ја отфрлаат. Не покажуваат разбирање за индивидуалноста на своите деца и за нивниот приватен простор, па постојано им ја наметнуваат својата волја и својата визија за нивната иднина. Исто така, тие, без око да им трепне, ги искористуваат и своите пријатели. Додека во љубовните врски се редовно неверни, бидејќи никогаш не се задоволни со изборот на партнерот и секогаш, одново и одново, бараат подобра прилика. Притоа, склони се и на сексуални ексцеси. Ветувањата не ги исполнуваат и се ќе направат за слава и пари. Често се коцкаат.

ЛАВ (повисоко ниво)

Овие се самосвесни луѓе кои имаат високи идеали и јасни цели во животот. Великодушни се и праведни, со огромен творечки потенцијал. Себеси секогаш се ставаат на прво место, но водат сметка да не ги загрозат другите луѓе, нивните желби и интереси. Како резултат на тоа околината ги прифаќа за свои лидери. Во суштина, тие се семејни луѓе, кои се галантни кон своите блиски. Ги сакаат своите деца, но ја почитуваат нивната индивидуалност и не им се мешаат во животот. Умеат да ги препознаат вистинските вредности и алергични се на оние кои им ласкаат. Креативни се, со развиена фантазија и секогаш настојуваат максимално да го искористат својот потенцијал. Лесно стекнуваат знаења од општа култура и ги пренесуваат на другите. Софистицирани се, критични кон другите, но и кон себеси. Не се опседнати со материјалните вредности. Склони се на уметноста и одлични пред публика.

ДЕВИЦА (пониско ниво)

Тоа се мрзливи и пасивни луѓе. Не водат сметка за хигиената. Не знаат ништо сами да направат, а на сите им се мешаат во работата и на сите им наоѓаат маани. Здодевни ситничари кои се во состојба со своето цепидлачење на сите да им го расипат расположението. Никогаш не се задоволни, постојано се загрижени за нешто. Својата анксиозност и невротичност ја пренесуваат на околината, ништо никогаш не е како што треба. Се зафаќаат со повеќе работи во исто време, но никоја не знаат да ја направат како што треба и за се бараат помош. Во состојба се да срушат се што им пречи, но немаат план што би правеле потоа, ниту како би правеле. Во суштина, тие се снобови кои ги сакаат парите и лесно можат да се корумпираат. Не се омилени во друштво заради своето критизерство, озборување и без'рбетност.

ДЕВИЦА (повисоко ниво)

Тие луѓе се редок пример на раскошни интелектуалци со продлабочени мисли и енциклопедиско знаење. Сестрани се, бараат доказ за се, веруваат во факти. Одлични аналитичари, своите тврдења ги докажуваат преку аналогија, статистика и се повикуваат на познати авторитети во дадената област. Неуморни се работници. Ги почитуваат договорите и ветувањата, доверливи, чуваат тајни, не се мешаат во туѓите работи, имаат обѕири кон луѓето и се трудат со сите да останат во добри односи. Негуваат љубов кон знаењето, многу читаат, а често и самите пишуваат. Понекогаш се цинични и провокативни, но нивните критики секогаш се издржани.

ВАГА (пониско ниво)

Тие се безобзирни снобови кои ги ценат луѓето само според изгледот и дебелината на паричникот. Од надвор можеби дотерани, но од внатре валкани, без хигиенски навики, гурмани, саможиви, прости. Лесно делат комплименти, посебно ако имаат интерес од тоа. Лажат како од шала, склони се на превари од секаков вид, неодговорни, луѓе на кои не може да се смета. Најневерните во цел Зодијак. Подготвени се да направат се ако знаат дека тоа ќе им донесе успех во кариерата или брак со богата и позната личност. Сакаат подароци, премногу се китат и изгледаат кич. Имаат желба да се занимаваат со некаква уметност, дури и кога немаат талент за ништо. Не се способни да живеат сами и во очај најчесто влегуваат во брак со првата личност што ќе го сака тоа. Кога се наоѓаат во маса луѓе или се заштитени од некоја група, на површина излегуваат нивните варварски тенденции кон вандализам. А, во суштина се крајно неодлучни.

ВАГА (повисоко ниво)

Тие се ведри и толерантни личности кои пленат со својот шарм, со одмереното и господско однесување и со стилот. Поседуваат вродена елеганција, имаат високи, и естетски и етички, критериуми. Чисти се и душевно и телесно. Љубезни се како соговорници, дипломатични, внимаваат никого да не навредат ниту повредат. Иако изгледаат кревко и кршливо, поседуваат скриена сила и цврста волја која ја употребуваат во кризни ситуации. Затоа, за ваквите луѓе се вели дека се тие „челична тупаница во свилена ракавица“. Во изборот на партнер се водат од чувствата и од желбата да имаат рамноправни и хармонични односи со партнерот во бракот. Многу се толерантни, но има работи преку кои нема да поминат. Поради својата мекост и способност за преговарање ги остваруваат речиси сите свои желби во животот. Имаат чувство за уметноста, ја сакаат класичната музика, танцот, модата.

ШКОРПИЈАТА е единствениот знак во Зодијакот кој има капацитет да ги помине сите нивоа во истиот живот и да го достигне највисокото, доколку се посвети на духовната работа.

ШКОРПИЈА (пониско ниво)

Тие се едни од најлошите во Зодијакот. Препуштени на своите нагони тие се олицетворение на најниските пориви што се среќаваат кај луѓето, како што се: агресивноста, деструктивноста, посесивноста. Патолошки се љубоморни, одмаздољубиви, завидливи. Опседнати се со сексот и најчесто се изживуваат над партнерот, на овој или оној начин. Уживаат да копаат по туѓата интима, да им работат на другите зад грб. Зајадливи се, злобни и насилни, па често предизвикуваат физички пресметки. Кога ќе наумат да го уништат оној што го сметаат за непријател одат до крај, па ни себеси не се поштедуваат. Склони се на пороци од секаков вид. А, кога ќе почувствуваат дека се наоѓаат во безизлезна ситуација, самите се уништуваат себеси.

ШКОРПИЈА (повисоко ниво)

Овие луѓе многу бараат во односите со другите луѓе, но многу и даваат. Одлучни се, храбри, праведни, темелни во се што прават, одговорни. Ги краси војничка дисциплина, достоинство и концентриран дух. По природа се перфекционисти. Никогаш не доцнат, не забушаваат, во се што прават се внесуваат целосно. Умеат да чуваат тајни, добри се како соработници, но додека не ги изневерите или искористите. Тогаш ќе ви вратат мило за драго, бидејќи најмногу од се ја презираат нелојалноста. Во нормални ситуации умеат да ги контролираат своите страсти и нагони. Важна им е семејната среќа. Заради неа се подготвени на жртви. Најмногу им одговараат научни и истражувачки професии.

ШКОРПИЈА (највисоко ниво)

Овие луѓе имаат силна интуиција и пророчки соништа. Поседуваат фаустовска опчинетост со тајните на животот и смртта. Затоа се занимаваат со професии и активности кои треба да им ги откријат овие тајни. А, сознанијата до кои доаѓаат потоа ги користат за да си го олеснат животот и себеси и на другите. Тие се творци, исцелители, духовни учители, шамани. Ја знаат повисоката цел на своето постоење и ништо земно не може да ги обесхрабри. Заради нивната духовна сила и заради нивното вонземно знаење другите луѓе имаат порив да ги следат.

СТРЕЛЕЦ (пониско ниво)

На овие луѓе им е тешко, речиси невозможно, да ја контролираат својата анимална природа. Затоа, не умеат да речат „не“ на секој повик за авантура, на се што им изгледа поинакво и необично. Насилни се, зборуваат што ќе им падне на памет, непријатни за дружење. Па, на крајот често се случува да се најдат во купишта глупости од кои не можат сами да се извлечат. Тогаш бараат туѓа помош. Инаку, тие се најголемите егоисти и лицемери во Зодијакот. Неумерени се во јадењето, пиењето и сексот. Не обрнуваат внимание на хигиената. Немаат работни навики. Наивно се залетуваат по се што им изгледа привлечно и забавно. Не се учат на своите грешки и секогаш одново и одново ги повторуваат. Не сакаат да се мачат во животот, само да се забавуваат. Затоа, веруваат дека оние што работат се глупави, а тие се попаметни од сите и ќе успеат во животот да заработат пари без мака и труд. Често се коцкари. Но, можат да бидат и верски фанатици. Покажуваат интерес и за музиката, најчесто за дувачки инструменти или оргули. Жените се најлесни во цел Зодијак.

СТРЕЛЕЦ (повисоко ниво)

Тие се ведри и оптимистички расположени луѓе. Ги знаат мааните на својот карактер и се трудат да ја држат под контрола анималната страна од својата природа. Ја ценат својата и туѓата слобода, имаат либерални погледи на светот и ослободени се од секаков вид предрасуди. Не се мешаат во туѓите животи и не озборуваат. Со достоинствено држење, благородни, дружељубиви и образовани, тие се посакувани гости во отмените и интелектуални кругови. Уживаат во предизвици од секаков вид. Затоа, често патуваат или судбината ги носи во непознати и странски предели, во кои тие лесно се снаоѓаат. Секаде каде што одат оставаат свој печат и се амбасадори на својата култура. А, истовремено одлични се репрезенти на туѓата култура во својата земја. Одлични се во улога на правници, професори и дипломати. Но, ја обожаваат и философијата и музиката. Додека спортот и престојот во природа им се потребни како воздухот што го дишат.

СТРЕЛЕЦ (највисоко ниво)

Овие луѓе имаат свест за тоа дека сите работи во Универзумот се поврзани меѓу себе. Посветени се на духовната работа и најчесто се учители по некоја духовна дисциплина или писатели на философска и духовна литература.

ЈАРЕЦ (пониско ниво)

Тие се мрачни и песимистични луѓе кои често страдаат од разни фобии, депресија, параноја. Затоа, до пладне се мразат себеси, а попладне го мразат целиот свет. Алчни и саможиви мегаломани кои се убедени во тврдењето дека целта ги оправдува средствата. Најскржавите луѓе во Зодијакот, и материјално и емотивно. Искомплексирани се до даска, па мислат дека ако имаат пари и моќ, ќе предизвикаат почит кај другите. А, откако ќе станат некој и нешто, бидејќи не веруваат дека имаат сопствена вредност, постојано живеат во страв дека ќе ја загубат позицијата, моќта, парите. Длабоко се конзервативни и крути во однесувањето. Се борат против секаков прогрес, бидејќи се неспособни за какви било промени. Тие се најтврдоглавите луѓе во Зодијакот. Мизантропи кои во секого гледаат непријател. Често се и верски фанатици. Уживаат во докажувањето на својата моќ и во казнувањето на луѓето. Пр. Сталин

ЈАРЕЦ (повисоко ниво)

Тие се смирени, стабилни, упорни и одговорни луѓе кои ги ценат материјалните вредности, но не се опседнати со нив. Имаат потреба да станат подобра верзија од себеси, да ги усовршат своите способности, да стекнат што побогати искуства. Ги ценат докажаните, вистински вредности во животот и веднаш го препознаваат она што навистина е квалитетно. Имаат концентрирана мисла, тактични се, совесни, вредни работници. Не ветуваат нешто што не можат да исполнат, не се фалбаџии. Скромни се и умеат да чуваат тајни. Најчесто покажуваат интерес за професиите кои можат да им донесат чест и углед. А, откако ќе дојдат на позиција од моќ секогаш се грижат за своите подредени како за свои блиски. Одлични се организатори и стратези. Штедливи. Покажуваат интерес за духовен развој и ако се пронајдат во некоја духовна дисциплина способни се за аскетски живот.

ВОДОЛИЈА (пониско ниво)

Овие луѓе се материјалисти кои живеат како паразити прикачени на некој друг или пак во секоја ситуација гледаат што и од кого би можеле да добијат и како некого да искористат. Нивниот идеал е да не работат ништо, а за тоа да земаат многу пари. Од друга страна тие се и нарцисоидни, па се обидуваат да бидат оригинални и по цена на невкус. А, бидејќи немаат свои идеи, ги копираат другите или дури крадат туѓи идеи и дела, без око да им трепне. Неодговорни егоисти кои мислат дека лебот за нив се раѓа, никогаш не ги плаќаат своите сметки. А, кон случајните познаници веднаш се однесуваат како кон стари пријатели, ако оценат дека од нив би имале некаква корист во иднина. Раздразливи се, егоцентрични, коцкари во душа, измамници. Брзо стануваат зависни од сите можни видови алкохол и дроги.

ВОДОЛИЈА (повисоко ниво)

Тие се духовити и шармантни луѓе, пријатни за дружење. Немаат комплекси без оглед на тоа како изгледаат или од каде потекнуваат. Во суштина се идеалисти кои се борат за некоја идеја или за доброто на заедницата. Материјалните и духовните вредности подеднакво им се важни. Секогаш се расположени да им помогнат на луѓето на кои им е потребна некаква помош или поддршка. Ги сакаат животните и кон нив се однесуваат како кон свесни битија. Во суштина, имаат потреба да им импонираат на луѓето или со своето знаење во областа што ги интересира или со своите специфични вештини или со својата висока свест за општочовечкото добро.

ВОДОЛИЈА (највисоко ниво)

Генијалци, творци, филантропи, кои со своите идеи секогаш се барем 10 години пред времето и пред другите луѓе. Најчесто се занимаваат со наука, со некоја општествено корисна активност или пишуваат научно-фантастична литература. Пр. Жил Верн.

РИБИ (пониско ниво)

Тие се мрзливи неработници кои избегнуваат секаков вид работа. А, посебно се згрозуваат од физичката. Затоа се обидуваат цел живот да живеат на туѓ грб. Прво на грбот на своите родители. Потоа, на грбот на својот брачен партнер. Па, на грбот на пријателите. Неуредни се, пасивни, без иницијатива, зајадливи. Но, лесно се поводливи и потпаѓаат под туѓо влијание. Без проблем ќе излажат, ќе украдат. Често се коцкаат. Бидејќи се занесеници, лесно можат да бидат регрутирани во некоја улична банда, секта или мистична група. Кога ќе стекнат искуство, најчесто ја злоупотребуваат „духовноста“ за да дојдат до пари или до жени (мажи). Кога се вљубени ја губат и таа единствена трошка на достоинство што евентуално ја имаат. А, кога се сами, постојано се наоѓаат во истоштувачка потрага за партнер. Склони се на пороци од секаков вид и најчесто завршуваат како ноторни алкохоличари или наркомани.

РИБИ (повисоко ниво)

Тие се чувствителни, толерантни, добродушни и романтични луѓе кои се подготвени секогаш и секому да помогнат. Често се жртвуваат за општото добро и за идеалите во кои веруваат. На работа се трудат да бидат професионални, но никогаш нема да го жртвуваат семејството и пријателите поради остварувањето на своите амбиции. Не се опседнати со богатство и луксуз, но се чувствителни на се што е убаво и вредно. Најчесто се конфузни и расеани, бидејќи живеат во некој свој свет па им е тешко да се вратат во реалноста. Но, никогаш нема да измамат некого или да направат нешто лошо со предумисла. Уживаат да читаат, да слушаат музика, да гледаат филмови. А, не ретко и самите имаат некој уметнички талент.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Јарците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне да ги откриете причинско-последичните врски меѓу вашиот минат и сегашен живот, ќе ви открие што се случувало во вашиот минат живот, како тоа се рефлектира на вашето однесување и на случувањата во сегашниот и која е целта на вашето раѓање.


Понекогаш ни самата незнам дали ќе ги направев вистинските животни избори, ако ја немав наталната карта. Мое огледало во минатото и мое лично упатство за подобра иднина. 

Ивона Талевска, Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Шкорпија Стрелец Јарец (тековен стил) Водолија Риби