In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Ни на Небо, ни на Земја

Објавено на 06.12.2017

Ни на Небо, ни на Земја
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

Валерија беше еден од првите случаи во мојата пракса, во времето кога во себе водев борба околу тоа дали астрологијата треба да ми остане само пасија или треба да ми стане професија. Изборот не го направив ниту свесно, ниту самата јас. Едноставно, им се препуштив на случувањата, како што водата му се препушта на садот во кој е сместена, да ја определи нејзината форма. А, бидејќи добриот глас надалеку се слуша, препораката дека има едно девојче што кажува се, се ширеше од пријател, на пријател, на пријател и така беше стигнала до ушите на Валерија.

Кога ми се јави, ме воодушеви со нејзиниот длабок и рапав алт. Инсистираше што е можно побрзо да се видиме и тоа ми беше сигнал веднаш да почнам со работа. Она што го открив обработувајќи ја нејзината Натална Карта не ми се допадна во еден дел, кој е исклучително важен во животот на речиси секоја жена. Посебно ако е таа во доцните триесетти години од животот, како што беше случајот со Валерија, кога биолошкиот часовник панично ѕвони за узбуна.

Имено, аспектите во Наталната Карта на Валерија покажуваа дека таа има направено грев кон нејзините деца во минатиот живот, поради што во овој живот носеше кармички долг. Всушност, таа во минатиот живот била напуштена од сопругот, била повеќе гладна отколку сита. И во моменти на очај или ги има продадено своите деца или им има направено нешто уште полошо, со цел да се ослободи од товарот и одговорноста. Затоа, во овој живот и беше блокирана шансата да стане мајка, со цел копнежот по деца да стане толку голем за да ја разбуди во неа искрата на безусловната љубов. Ваквата моја констатација ја потврдуваа дури неколку аспекти во нејзината Натална Карта, што во астрологијата значи дека мојата проценка би требало да биде со речиси сто процентна точност.

Ова сознание ме шокираше. Меѓутоа, во тоа време се уште немав развиено заштитни механизми со кои ќе спречев тоа што го гледам да влијае на моето расположение. Затоа, цела ноќ се превртував во креветот, се будев. Сонував планети, аспекти, Сатурни, Плутони, Марсови. Откако ќе се разбудев се мачев со моралната страна на мојата улога во сето тоа. Всушност, се обидував да проценам дали смеам да и го кажам на Валерија тоа што го гледам? Како да го кажам и колку да кажам? Бидејќи, според латинската изрека која ја употребуваат лекарите, а вели: „Primum non nocere“ (Првенствено да не се наштети), не сакав да предизвикам поголема штета отколку корист во нејзиниот живот.

На моменти размислував да се јавам и да ја откажам средбата. Потоа, мислев да зборувам за се, но да го премолчам тој дел од приказната. Размислував дали смеам да се мешам во кармичките токови. Но, потоа ми текна дека и мојот контакт со Валерија можеби има кармичка природа. Си велев:

„Зошто судбината би не споила, ако не треба да одиграм некаква улога во нејзиниот живот или таа во мојот?“

Измачувана од сите овие прашања некако го дочекав утрото. Но, едно беше јасно, јас бев одлучна дека ќе се сретнам со Валерија. А, што и колку ќе и кажам, се договорив со себеси, дека ќе оценам за време на средбата, во зависност од тоа колку ќе ми изгледа психички стабилна да ја чуе вистината.

Валерија беше висока, јадра и згодна бринета. На средбата дојде стегната во тегет костим на стјуардеса, правдајќи ми се дека веднаш по нашиот разговор треба да оди на работа. Делуваше самоуверено. Нејзиниот длабок алт му даваше уште посериозен призвук на она што го зборуваше. Морам да кажам дека ми остави впечаток на жена која знае што сака и која цврсто, во свои раце, го држи кормилото на својот живот. Затоа одлучив да одам до крај и да и ги кажам и не толку убавите моменти од нејзината судбина. Сепак, избирав зборови, за сето кажано да биде полесно за голтање и дигестија.

Неочекувано за мене, на моите коментари околу опасноста да нема деца Валерија не се уплаши, туку напротив, пред мои очи нејзината воздржаност експлодира и отиде во парампарче.

„Па, така кажи! Тоа го чекам цело време!“ грмна таа и започна силно да се смее.

Во првиот миг не можев да ја сфатам нејзината реакција, дали се шегува или вистина го мисли изреченото. Но, со следната реченица таа ми помогна да ја расчистам дилемата.

„Да. Тоа е мојот најголем проблем во животот. Никако не можам да останам бремена. Што се не сум направила. Каде се не сум била. Докторите едноставно креваат раменици. Нивната констатација е дека мојот организам ја препознава спермата како туѓо тело и ја уништува. Еве, со мојот дечко треба повторно да одиме на потпомогнато оплодување, по не знам кој пат.“

Тогаш и кажав да запише кои ќе бидат нејзините плодни денови во текот на целата година, според позицијата на Месечината во нејзината Натална Карта. Бидејќи, освен што е одговорна за плимата и осеката, Месечината влијае и на месечниот циклус кај жените. А, во астрологијата, меѓу другото, ја покажува и женската страна или анимата на секој човек. Овие информации Валерија ги дочека со воодушевување и воскликна:

„Па, токму на датумот што ми го кажуваш треба да одиме во болница. И според лекарот тоа треба да ми биде плодниот ден, кога тој ќе ја направи интервенцијата.“

Сето она што и го кажав, а беше поврзано со нејзиниот кармички долг, имав впечаток дека или не допира до неа или строго ги контролира реакциите пред мене, за да не покаже дека тоа сознание некако ја погодило. На крајот на разговорот се запознав и со нејзиниот дечко пилот, кој дојде да ја земе и однесе на работа. Беше тоа згоден и висок маж, со костенлива коса и пријателско однесување. Им посакав да им се исполни желбата да станат родители и им порачав, половина сериозно половина на шега, да ме викаат на мекици кога ќе се случи тој радосен настан.

Поминаа неколку месеци и пролетта незабележливо помина во лето. А, јас бев излезена со пријателите во еден од тогаш најпопуларните ноќни клубови кои работеа до раните утрински часови. Беше средината на лудите деведесетти години од минатиот век кога ноќниот живот во македонската метропола ги доживуваше своите најславни мигови и мене ми наликуваше на атмосферата во филмот „Казабланка“, со Хемфри Богарт и Ингрид Бергман. Додека останатите републики од некогашната Југославија, освен Словенија, беа во воена состојба. А, во Босна луѓето гинеа секојдневно. Ноќниот живот во Скопје цветаше. Дали заради потсвесниот страв на луѓето дека војната може да се разгори и во Македонија. Дали како пркосење на секојдневните вести за смртта по боиштата во Босна. Дали како славење на фактот дека ја избегнавме војната, не знам, важно сите кафеани, диска и ноќни клубови беа полни со луѓе. Се слушаа ЈУ хитови. Се пиеше и танцуваше по столици, маси, на шанкови, до изгрејсонце.

Но, градот беше полн и со избеглици од Босна кои својот спас го бараа во таканаречената оаза на мирот. Имаше и избеглици од Србија, кои се криеја за да не бидат регрутирани за босанските боишта. Имаше и многу луѓе со сомнителен бекграунд, па дури и апла криминалци, кои беа дојдени да ловат во матно.

Нејсе. Во зовриената атмосфера на ноќниот клуб, оддалеку ја здогледав Валерија кога влегуваше држејќи се за рака со својот дечко. Погледите ни се сретнаа и таа ми пријде со широка насмевка, сакајќи да ме поздрави. Во тој миг го забележав нејзиното мало, заоблено стомаче кое се наѕираше преку тенкиот летен фустан.

„Па, ти си бремена!“ не можев да ја сокријам својата изненаденост и радост.

„Како? Кога?“ не знаев што попрво да прашам.

„Тогаш кога ми кажа. Ете, конечно се случи да забременам“, со гордост во гласот констатираше Валерија.

„Е, штом е така, сега можам отворено да ти кажам дека интимно стравував дали тоа воопшто ќе ти се случи, заради тежината на твојот грев од минатиот живот и кармичкиот долг. Но, фала Богу живееме во време кога медицината прави чуда. Да живеевме само педесетина години порано, веројатноста да забремениш ќе се граничеше со чудо.“

Се разделивме со Валерија, а топлината во срцето што ја беше испровоцирала убавата вест ме држеше неколку денови во еуфорично расположение.

Следната средба со Валерија беше на истото место, два месеци подоцна. Веќе беше есен. Па, и покрај убавиот народ и убавата музика, есенските дождови го беа исполниле просторот на ноќниот клуб со некаква необјаснива меланхолија. Валерија беше со некое друштво во кое недостасуваше нејзиниот дечко. Нејзиниот поглед беше празен. А, мојот поглед на нејзиниот стомак ме збуни, бидејќи тој не наликуваше на стомаците на жените во напредната бременост. Додека зборувавме општи муабети за времето и музиката, во себеси се обидував да пресметам колку време е поминато од нашата прва средба и дали има шанса да е веќе породена. Заклучив дека не се поминати девет месеци и тогаш претпазливо ја прашав:

„Извини Валерија, но не ти го забележувам стомачето. Зарем веќе се породи?“

Нејзиниот одговор ме погоди така како некој да ме удрил со бокс во стомакот.

„Не“, рече со уште подлабок глас од обично. „Абортирав.“

Не можев да поверувам на тоа што го слушав.

„Како? Имаше спонтан абортус?“ прашав во исчекување.

„Не“, продолжи таа „Намерно абортирав.“

„Како намерно?“ прашав по инерција, а имав впечаток дека толку широко ги отворив очите што ќе ми излезеа од очните дупки.

„Така. Родителите на Борис не му дозволуваа да се ожени со мене. А, јас немам намера самата да го растам неговото дете.“

„Па, тоа е и твое дете Валерија. Знаеш со каква мака остана бремена. Тоа беше божји дар, божја милост за твоите напори. И ти така, одлучи да се ослободиш од подарокот, заради таму некој си Борис и неговите родители?“ зборував јас во еден здив. А, на крајот веќе викав.

„Знам. Се знам. Меѓутоа, штом не ме сакаат мене, нема да го чувам детето на нивниот син“, заврши Валерија.

„Добро, ти си знаеш“ изустив јас и побрзав да заминам, како кога се бега од некој лепрозен.

Во себеси размислував колку може да биде заслепувачко егото на еден човек што, кога ќе му го повредат, тој може да направи работи кои се уништувачки за него самиот.

Размислував како може егото на човекот да му стави црн превез преку очите и тој да не ја види милоста што господ или судбината му ја нудат, како подадена рака во знак на помирување.

Размислував за тоа како самите си ја кроиме судбината со изборите што ги правиме во нашите животи. А, потоа, божем сме невини, ја проколнуваме истата таа судбина дека била сурова кон нас. Или можеби не? Можеби со тоа што остануваме заспани и не сакаме да се запознаеме себеси и мотивите за своите постапки, а камоли да се промениме и да научиме некоја лекција од оние што животот ни ги сервира, ние сме условени вечно да потврдуваме дека „од пишаното не се бега“.

Како и да е. Моите зборови и совети не можеа ништо да сменат во животот на Валерија. Но, нејзината приказна би можела да смени нешто во вашите одлуки кои се уште не сте ги донеле и во изборите кои се уште не сте ги направиле. Уште повеќе што случајот на Валерија ме потсетува на една друга приказна што ја бев прочитала пред извесно време. Еве слушнете ја и вие:

Некаде во времето пред Втората Светска Војна еден син на познат американски бизнисмен требало да дипломира. А, бидејќи бил научен да добива се што ќе посака, му кажал на татка си дека за дипломски подарок сака да му го купи најновиот модел на спортски автомобил што бил пристигнат во најлуксузниот автосалон во градот.

На денот кога дипломирал, бизнисменот го повикал својот единец во работната соба, му кажал дека се гордее со него и му дал една убаво спакувана кутија. Во кутијата се наоѓала книга во прекрасен кожен повез. Непријатно изненаден и бесен, синот ја фрлил книгата и му рекол на татка си: „Срам да ти е. Полн си како брод, а си ми купил само една книга.“ Потоа, како фурија излетал од собата, набрзина се спакувал и заминал во непознат правец.

Поминале години. Таткото го чекал да се врати откако ќе му помине младешката бунтовност. Но, тоа не се случило. Во меѓувреме синот станал успешен бизнисмен, создал семејство и живеел во прекрасна куќа. Од време на време помислувал на својот остарен татко, но гордоста не му давала тој прв да се јави. Еден ден добил телеграма од адвокатот на неговиот татко кој го известувал дека неговиот клиент починал и дека целото богатство му го оставил нему, на својот единствен син.

Така, по многу години, синот повторно стапнал во куќата каде што израснал. Го преплавиле старите спомени и чувството на носталгија. Средувајќи ги документите во работната соба на татка си, тој ја здогледал книгата, подарок за дипломирањето. Со солзи во очите почнал да ги врти нејзините страници и во тој момент од неа паднал клуч, кој бил залепен на последната корица од книгата. Подигајќи го клучот забележал дека на него има закачено картичка на која го пишувало името на автосалонот, типот на автомобилот и датумот на продажба, заверени со печат. Тоа бил датумот на неговото дипломирање.

Што сакам да кажам?

Сакам да ве прашам, драги пријатели, дали знаете колку пати сме ги пропуштиле божјите подароци, само затоа што не биле спакувани на оној начин на кој ние сме го очекувале тоа?

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Водолиите. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие на кои болести сте склони и зошто. Па, откако ќе ги победите причините, ќе исчезнат и негативните последици по вашето здравје.


Од секогаш сакав да си одговорам на моите големи, длабоки прашања. После средбата со вас и читањето на мојата натална карта сите одговори си дојдоа на своето место... Наталната карта ме разбуди, упати да тргнам по правата патека од мојот живот. 

Р.Б., Штип


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија (тековен стил) Риби