In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Нека го фрли првиот камен...

Објавено на 21.02.2018

Нека го фрли првиот камен тој што е безгрешен
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

Секогаш кога ќе ја чујам или прочитам познатата изрека на Максим Горки „Човек, како тоа гордо звучи“, ми доаѓа да се смеам. Можам да прифатам дека луѓето се уникатни творби на планетава. Ај, нека биде и пошироко. Но, дека звучи гордо, не би се сложила. Би рекла дека едно човеколико суштество треба прво да се очовечи за да се нарече човек. Уште повеќе што со текот на годините согледав дека колку повеќе животите на луѓето се несредени, толку поголема е нивната потреба да ѕиркаат во туѓите дворови, да отвораат капак на туѓото тенџере што крчка на шпоретот, да прават есап на туѓите трошоци. Па, дури имаат потреба да легнат во туѓата постела. Но, никако немаат желба да си ги подмират сопствените долгови. Всушност, имам впечаток дека колку повеќе луѓето се неспособни да си ги средат сопствените животи, толку повеќе уживаат да ги озборуваат другите, да им држат лекции, да ги исмеваат или да им судат.

Така, богатите ги презираат сиромашните и сметаат дека се лузери. Сиромашните за богатите велат дека се лопови, бесчувствителни, среброљупци.

Образованите со потценување се однесуваат кон оние што немале услови, пари или желба да завршат некој факултет. А, тие пак за образованите велат дека се глупави, бидејќи ја немаат дипломата на животот и не умеат да се снајдат во секојдневните ситуации. И до некаде можеби се во право, бидејќи образованоста не значи поседување дипломи, туку поседување мозок. Дипломи можат да се купат на кило, богатството може да се потроши, загуби или да биде украдено. Но, никој не може да ви ги одземе талентите и способноста повторно да се дигнете од пепелта и од ништо да создадете нешто. А, тоа го можат само умните луѓе.

Слободните девојки на мажените жени гледаат со љубомора и се трудат да им најдат маани. Како на пример, дека се запустиле откако влегле во брак. Дека им е џабе убавината, успехот, големата куќа, брендираните алишта (набројте што сакате понатаму) кога мажот ги изневерува или не ги забележува. Дека трпат во бракот заради комодитетот и статусот што тој им го дава. Од друга страна пак, мажените жени на слободните девојки гледаат како на опасност, како на гладни хиени што им љубоморат, бидејќи сакаат да бидат на нивното место.

Ергените ги сметаат оженетите за глупави, бидејќи се откажале од слободата и се натовариле со непотребна одговорност. Додека оженетите им завидуваат на ергените на безгрижноста и на можноста да имаат разновиден и возбудлив сексуален живот, што овие најчесто го немаат.

Оние што немаат деца им замеруваат на оние што ги имаат, дека не ги воспитале како што треба. Додека луѓето со деца ги презираат бездетните семејства, обвинувајќи ги за себичност и за неразвиено сочувство кон другите. Но, притоа забораваат дека најголемиот процент на возрасни личности и деца кои одат на психијатар, коренот на своите проблеми го лоцираат во лошиот однос со нивните родители, кои биле себични и бесчувствителни за време на нивното детство. Па, и подоцна.

Хомосексуалците на хетеросексуалците гледаат како на луѓе кои се наоѓаат на понизок степен од еволутивниот развој. Додека хетеросексуалците гледаат на хомосексуалноста како на болест, притоа заборавајќи дека хомосексуалците се луѓе кои се родени и растеле во хетеросексуални семејства.

Националистите им замеруваат на космополитите за недостаток на патриотизам и се чукаат во гради со своето потекло. Но, забораваат дека нациите, какви што денес ги познаваме, се создадени дури во 19-тиот век. Додека со откривањето на геномот се докажа дека целото човештво е настанато од двајца различни луѓе. Бидејќи, според науката, 99,80 % од човечкиот геном е ист кај сите луѓе. А, само преостанатите 0,20 % ги одредуваат разликите меѓу луѓето, почнувајќи од бојата на кожата, очите, па се до здравјето и долговечноста. Според мене, ова е научен доказ за Библиската приказна дека целото човештво потекнува од Адам и Ева.

И кога сме кај Библијата, мислам дека најлоши се верските фанатици кои себеси се сметаат како подобри од другите луѓе и си даваат за право од позиција на супериорност да им судат на неверниците или на оние чиј Бог има поинакво име.

И така. Чекор по чекор добиваме потврда за веродостојноста на изреката дека „Светот е како лудница во која секој мисли дека е најпаметен.“ А, јас би додала и дека секој си мисли дека е најдобар и најисправен.

Дека е најпаметен, мислеше и главниот актер на мојава вистинска приказна. Беше тоа на почетокот на мојата работа како астролог. Идеален миг креиран од Универзумот кој требаше да ме научи како не смеам понатаму да работам.

Но, да не должам. Зоран се јави на телефон за да ги остави своите податоци, бидејќи беше заинтересиран да му ја изработам неговата Натална Карта. Тогаш уште го немав мојот сајт astroscopia.com и наталните карти ги цртав рачно, по старовремската метода. Но, кога мислев дека тоа е се и кога сакав да му закажам термин за средба, тој продолжи:

„Знаете што? До мене е мојата најдобра другарка и таа сака да ги остави своите податоци. Па, заедно ќе дојдеме на средбата да ги чуеме нашите судбини“, а потоа започна гласно да се смее.

Прескокнувајќи го делот со смеењето, сакав да го разјаснам првиот дел од барањето: „Како мислите заедно ќе дојдете? Мислите еден по друг во истиот ден?“

„Неее. Мислевме заедно во исто време“, негодуваше Зоран.

„А, дали имате претстава колку интимни работи за вас ќе открие вашата Натална Карта? Јас мислам дека не е во ред никој друг да ги слуша освен вас“, настојував јас. „Можеби во минатото сте биле пријатели, но кој знае што ќе биде утре. Мислам дека не е паметно никој друг да ја знае вашата најдлабока интима. Таман нека станува збор за вашата мајка, а камоли за ваша пријателка“, ја продолжив јас својата улога на просветител.

„Хахаха“, се изнасмеа Зоран. „Нема никаков проблем. Ние сме најдобри другари и си знаеме се еден за друг. Навистина.“

И тука јас ја направив мојата грешка. Иако се чувствував силувано, бидејќи некој се обидуваше да го смени мојот принцип на работа, не сакав да изгледам круто. А, во себе си реков: „Па, добро. Кога ним не им е важно, зошто пак јас сум застанала во одбрана на нивната интима, како ангел чувар пред портите на Рајот?“ Паметам дека дури се поднасмевнав во себеси замислувајќи ја таа сцена. А, потоа пресеков: „Во ред Зоране. Дојдете заедно. Јас ќе зборувам отворено. А, ваша ќе биде одговорноста ако вашата најдобра другарка ги дознае тајните за вас што ги криете и од себеси.“ Камо да знаев порано дека со тој мој коментар како да ставив „кец на десетка“ врз желбите на Зоран.

На договорениот ден, во договореното време, дојдоа заедно. Зоран беше висок и слаб маж, со кадрава црна коса, на прагот на четириесеттата. А, Славица беше симпатична жена на иста возраст, со очи кои не мируваа и постојано шетаа лево-десно.

Првиот контакт беше претерано срдечен од нивна страна. Ми делеа комплименти, се шегуваа, постојано се смееја. И токму нивното претерано ведро и пријателско однесување со личност што прв пат ја среќаваат, ја запали мојата црвена сијаличка за узбуна. Бидејќи, моето искуство ме имаше научено дека претераната љубезност без причина е секогаш покритие за длабока омраза или е вовед во манипулација.

Во конкретниот случај не бев сигурна за што се работи, но веќе бев предупредена од мојот внатрешен глас и само го очекував моментот кога ќе ми се покаже за која од двете можности станува збор.

Заради тоа што дамите секогаш треба да имаат предност, толкувањето го започнав со Наталната Карта на Славица. На секој мој опис на нејзиниот карактер, тие само се погледнуваа меѓу себе и прснуваа во смеење.

„Што е? Што ви е смешно? Нешто не е во ред?“ ќе прашав јас.

„Неее. Напротив. Смешно е, бидејќи е премногу точно. Ја соголевте“, одговараше Зоран со полна уста смеа.

Меѓутоа, имаше нешто чудно во нивното однесување. Начинот на кој се обраќаа еден на друг. Начинот на кој што седеа на троседот збиени еден до друг, иако имаше место за уште двајца. Начинот на кој несвесно се допираа во текот на зборувањето. Сето тоа не ми изгледаше како однос меѓу двајца долгогодишни најверни пријатели.

И јас имам пријатели од машки пол и верувам во машко-женските пријателства. Но, не се однесувам на тој начин со нив, ниту тие со мене.

„Веројатно се љубовници“, си помислив во себеси. „Можеби се претставија како другари за да видат дали ќе го откријам тоа, без тие да ми кажат? Можеби затоа се смеат како недозреани?“

Сето ова ми минуваше низ глава додека ја толкував Наталната Карта на Славица. Меѓутоа, реалноста е секогаш покреативна и од најсмелата фантазија. А, тоа го дознав неколку минути подоцна, кога во затскриена форма, цензурирајќи се самата себеси отворено да кажам што навистина гледам, и зборував за нејзиното однесување во љубовта, за можноста да живее двоен живот и да одржува паралелни врски надвор од бракот.

Во мигот кога и кажував во кој период од минатото постоела можност оваа нејзина предиспозиција да биде реализирана, Зоран скокна од неговото место и почна да вика: „Браво! Браво! Точно! Конечно ми олесни!“

Тогаш се погледнаа со Славица и почнаа да се смеат.

„Значи, цело време сум бил во право“, одговори Зоран на мојот нем и вчудоневиден поглед. Потоа повторно стана, го извади новчаникот и на масичката остави 500 денари.

„Ова е плус. Да се почестиш. Многу ми помогна. Всушност, ми го потврди она што го знам, а не можам да го докажам.“

Целиот овој театар и неговите зборови ми изгледаа толку нереално, што се свртев кон Славица и ја прашав:

„Зошто Зоран сака да докаже дека одржуваш паралелни врски надвор од бракот? Да не сте се кладеле нешто?“

На овие мои зборови тие повторно се погледнаа, се изнасмеаја, Славица го фати Зорана за коленото и го праша: „Да и кажеме?“

„Да, да“, и го превзема зборот Зоран. „Знаеш што Вики, Наталната Карта што сега ја толкуваше не е на Славица, туку на жена ми. Ти ги дадов нејзините податоци.“

Кога виде дека ова сознание ме занеми, тој продолжи, со цел да ја оправда својата постапка:

„Знаеш, веќе долго време се сомневам дека жена ми ме изневерува, ама немам докази и не можам да ја фатам на дело. Всушност, се сомневам токму од моментот што го спомна ти како најверојатен за почнување на таинствената врска. Ама, до сега не можев да докажам. А, таа не признава. Но, сега ми олесни. Сега знам дека сум бил во право.“

Полека освестувајќи се од првичниот шок, кај мене започна да расте бесот кон оној што ме злоупотреби за свои цели и започна да се зголемува ужасот од помислата какви би можеле да бидат последиците од целиов разговор. Пред очи, како на филмска лента, ми излегуваа слики како Зоран се враќа дома. Како се кара со својата жена. Се тепаат или нешто полошо. Потоа се разделуваат, децата страдаат. А, на крајот од целата низа слики, како крунски доказ за извршеното неверство, се појавуваше Наталната Карта што јас ја направив. Боже каков ужас.

Јас не сакав мојата добро завршена работа да биде окидачот за нечиј развод. Затоа експлодирав:

„Па, значи вие ме злоупотребивте. Јас во принцип не толкувам туѓи натални карти пред други лица. А, веќе ви реков дека информациите кои ги содржи Наталната Карта се само потенцијалот што е скриен во човекот. Има работи кои никогаш не се реализираат. Не затоа што човекот ги нема во себе, туку затоа што неговата етика, строгото воспитување или условите во кои живее го принудиле да ги потисне тие свои особини длабоко во себеси. Можеби вашата сопруга е една од тие луѓе и можеби сепак не ве изневерила. А, јас ќе ја носам таа жена на душа.“

„Не, не, нее. Ти не си виновна. Не знаеше чија Натална Карта толкуваш“, извика Зоран.

„О, да. Секако дека сум виновна, бидејќи го прекршив својот принцип и со тоа дозволив да бидам изманипулирана. Ама, памет за друг пат. Ова ќе ми биде лекција од животот. Никогаш повеќе нема да се случи да примам двајца на толкување на Натална Карта. А, сега толку. Разговорот заврши. Не сакам повеќе да разговарам со луѓе што отворено ме манипулирале. Пријатно.“

Зоран и Славица станаа и си заминаа. Изразот на нивните лица покажуваше дека веројатно се срамат од својата постапка. А, јас се тешев дека и тоа е нешто. Бидејќи, знам дека срамот стои на чекор од покајувањето. Откако по илјада и еден пат ја превртев целата случка низ глава, се посилно беше моето убедување дека Зоран и Славица беа повеќе од пријатели. Дури се посилен ми беше и впечатокот дека идејата на Зоран за неверство на неговата сопруга му ја беше дала Славица, со цел да го привлече поблиску до себе, како што Ева го беше привлекла Адам со подавањето на јаболкото во Еденската Градина. А, тогаш ми се наметнаа и прашањата: „Кој направи поголем грев? Дали тоа беше жена му на Зоран со нејзиното неверство чии причини не ми беа познати? Зоран, со тоа што на друга жена и дозволи да му стане поблиска од сопствената? Славица, која од сомнителни побуди реши да се замеша во нивниот брак? Или јас, заради тоа што незнаејќи открив нечија тајна?

Како заврши целата Рашомонијада околу неверството никогаш не дознав. Но, токму за гревот и за неговата големина зборува мојата следна приказна која се случува во еден православен манастир.

Имено, кај старецот кој се грижел за манастирот дошле две пријателки на исповед. Првата имала направено голем грев за време на своите луди-млади години и животот го минала каејќи се за тоа. Се измачувала поради својата нечиста совест. Се плашела дека Господ не ќе може да и прости. Втората пак била богобојажлива жена која живеела по строги црковни правила и додека ја слушала исповедта на првата жена, чувствувала дека е подобра од неа. И се чинело дека нејзините гревови како што се озборувањето на блиските, осудувањето на туѓите постапки, мрсењето за време на пости и слични работи се толку ситни, што не вреди ниту да се споменуваат, а камоли да се паметат.

Откако внимателно ги ислушал нивните приказни, старецот и наредил на првата жена да му го донесе најголемиот камен што ќе го најде пред црквата. Додека втората требало да собере цела скутина ситни каменчиња. Кога жените ги донеле камењата пред старецот, тој им дал нова задача, да ги вратат камењата на истото место од каде што ги зеле.

За првата жена задачата била лесна. Таа веднаш го препознала местото од каде што го зела големиот камен, бидејќи тука останала дупка и го вратила на неговото место. Но, втората жена останала збунето да се шета низ дворот, бидејќи не ги запомнила сите места од каде што ги земала камчињата.

Тогаш старецот и рекол:

„Твојата пријателка еднаш направила голем грев, но секогаш ќе се сеќава на него бидејќи тој оставил дупка во нејзиното срце. А, ти мислиш дека си подобра од неа и дека твоите гревови се мали. Но, не знаеш кому, кога и каде си нанела зло. Затоа и не можеш да го поправиш тоа. А, таквите гревови остануваат засекогаш на душа, како и камчињата во твојата скутина.“

Заклучокот е, драги мои пријатели, дека гревот е секогаш грев. Без оглед на тоа дали ќе направите нешто лошо еднаш во животот, ама со поголема тежина или нешто поситно, но повеќе пати во текот на денот. А, првиот камен кон грешникот нека го фрли оној кој е безгрешен. Така ли е Зоране?

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Биковите. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие кој е вашиот идеален партнер, како се однесувате во љубовта и сексот, зошто секогаш привлекувате одреден тип на личности и како можете да го подобрите својот љубовен живот.


Околу една и пол година пред да дојдам кај Вас ми се случи нешто страшно. Настанот го пребродив, но постојано ме вознемируваа прашањата “Господе што сум ти згрешила за да поминам низ такво нешто? Со што го заслужив ова, кога отсекогаш имав посебен однос спрема религијата?” Откако дојдов кај Вас добив вистинскиот одговор на сите овие прашања. Иако јас воопшто не Ви спомнав за овој настан, бев фрапирана кога меѓу првите работи од нашиот разговор ми го спомнавте. Преку наталната карта, а особено преку книгите кои ми ги посочивте да ги прочитам, успеав да добијам одговор на сите прашања. Повторно почнав да си го сакам животот, заедно со сите добри и лоши случувања во него, кои оставам да ме водат по патот на духовниот развој. Ви благодарам. 

С. М., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик (тековен стил) Близнаци Рак Лав Девица Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби