In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Само еднаш се љуби?

Објавено на 25.11.2020 во 10:50

Само еднаш се љуби?
 

Се сеќавате ли која ви беше омилената прикаска кога бевте деца, драги мои? Да? Не? Немавте ниедна омилена или имавте повеќе?

Еве, мене, на пример, ми беа омилени „Дански народни бајки“. Тоа беше една стара и распарталена книга на која ги пишував првите букви од азбуката и од која мајка ми, секоја вечер, ми читаше барем по една прикаска, од оние кои веќе ги знаев напамет. И покрај тоа, сакав повторно и повторно да ги слушам приказните за принцовите, принцезите, страшните тролови и за безимените момчиња кои, со помош на својата мудрост, ќе успееја да се оженат за кралската ќерка.

И не знам дали и вие го правевте тоа, но јас секогаш, иако го знаев крајот на секоја прикаска, ги впивав жедно, надевајќи се дека нешто ќе се смени во сценариото на веќе напишаната приказна, чие дејствие не се одвиваше според моите замисли, и дека доброто ќе победи. Што ли е тоа? Надеж? Оптимизам? Не знам. Можеби и едното и другото, ама кај мене тоа одеше така. А, ако се случеше мајка ми, изморена од денот што зад себе го оставила полн со обврски, да задреме, јас ја будев, чешкајќи и го носот со прамен од нејзината коса. Таа секогаш ќе се стресеше, ќе ги отвореше очите, ќе се насмееше, ќе речеше: „Па, ти уште не спиеш?“ и на мое настојување, ќе продолжеше да чита додека повторно не ја совладаше дремката.

Е сега, претпоставувам дека многумина од вас ќе одговорат дека омилена приказна во детството им била онаа за „Снежана и седумте џуџиња“. На другите „Пепелашка“. Третите можеби повеќе реагирале на „Заспаната убавица“, „Црвенкапа“, „Убавицата и ѕверот“...итн. Kога на ова ќе се надоврзат Холивудските филмови и серии што ги гледавме, речиси сите со хепиенд, песните во стилот на „Васа Ладачки“, „Само еднаш се љуби“ и уште сијасет други, ете на кој начин, полека, незабележливо, нашата романтична визија за љубовта беше зацементирана за сите времиња.

Меѓутоа, никој од возрасните не ни раскажуваше, а богами не верувам дека некој од нас, децата, помислил, а камоли да прашал, што се случило со Снежана и принцот откако одјавале на својот бел коњ? Кој им готвел дома? Кој чистел? Колку деца имале? Дали имале слуги? Дали принцот го тргнале од престолот неговите противници? Дали останал жив? Дали Снежана умрела на породување? Колку долго живееле?

Ниту пак некој од нас прашал што правеле Пепелашка и нејзиниот принц целото тоа време кога „среќно си живееја до крајот на животот“? Дали само се гледале и бакнувале? Како им изгледало секојдневието, откако ќе се разбуделе до заспивање? Дали нивната љубов продолжила со ист интензитет како на почетокот? Дали принцот и понатаму ја третирал Пепелашка како принцеза или и префрлал дека го излажала, дека мислел дека е некоја друга, дека мора да пие за да заборави. Никој не ни раскажуваше за животот на нашите херои од детството, откако тие ќе го кажеа судбинското „да“. А, богами никој и не прашал. А, требало.

Но, ајде сега да се вратиме во реалноста и сегашноста. Следува студен туш. Јас мислам дека сите овие активности кои сме ги правеле кога сме биле деца, сите филмови, песни и приказни биле првите програми, кои длабоко се вкорениле во нашата потсвест, за тоа како треба да изгледа нашата идна љубов, врска, брак, некогаш, во иднина, кога ќе пораснеме. Јас никако не ја оправдувам прераната сексуализација на денешните тинејџери од 12-13 години, па и помалку. Тие едноставно немаат емоционална зрелост да се носат со сериозни работи каков што е сексот. Меѓутоа, премногу романтизираната и зашеќерена слика за тоа како треба да изгледа идеалната љубов која ќе трае засекогаш, е исто толку лоша програма, која ние сме ја впивале како сунѓери.

Знаете зошто?

Бидејќи живееме во материјален свет кој постојано се менува. Значи, секој од нас постојано е подложен на промени. Па, Марко, кој во седмо одделение имаше најдобра фризура и Стефан, кој, во трета година гимназија најдобро свиреше гитара, Јасмина која имаше најдобро тело на факултет и Ивана со прекрасните сини очи, исто така ќе се сменат. А, и ние нема да бидеме поштедени. Во кој правец и со која брзина? Е, тоа е веќе индивидуална работа.

Но, ако во меѓувреме сме влегле во брак со некој од со нив и сме замислувале дека ќе си живееме среќно вљубени до крајот на животот, а најголемиот дел од нас навистина така размислувал, тоа е веќе црвен аларм. А, ако нашите избраници притоа не продолжиле да растат и да се развиваат, а ние сме продолжиле или обратно, ете основа за гооолем проблем. Тоа е почетокот на емотивното дистанцирање, бидејќи ќе има се повеќе работи што ќе не разделуваат отколку што ќе не спојуваат. Ќе бидеме незадоволни дека не го добиваме од партнерот тоа што нам, во тој момент, ни треба. И колку што на почетокот сме биле „очарани“ од Марко, Стефан, Јасмина или Ивана, толку на крајот ќе бидеме разочарани.

Зошто?

Затоа што љубовта е највозвишеното чувство што еден човек може да го доживее. Но, ние често ја мешаме љубовта со вљубеноста. А, тоа се две сосема различни нешта.

„Како да ја препознаеме разликата?“, можеби веќе се прашувате.

Вака. Да се биде вљубен е романтичната фаза на врската за која е потребно да сме сексуално мотивирани. Затоа, во фазата на вљубеност, постојано имаме секс, се искрадуваме од работа за да се видиме со партнерот барем на кратко, уживаме да се галиме и нежно да шепотиме меѓу чаршави, да заспиеме во неговите прегратки после сексот, да се шегуваме, да се смееме, да се забавуваме, да се глупираме, да правиме километарски телефонски разговори, да не можеме да издржиме ни 5 минути кога сме разделени...

Всушност, ги споделуваме само најдобрите страни од себеси.

И тука имам една разочарувачка вест. Тоа не е љубов.

Вистинската љубов може да почне дури кога чувството на вљубеност започнува да избледува, кога стресот од секојдневниот живот ќе се насели меѓу нас, кога пеперутките ќе одлетаат во потрага по нови, лудо вљубени, кога сексот проретчува и не е така возбудлив, кога се појавуваат првите проблеми, кавги, солзи и тага.

Всушност, кога на површина излегува најлошото од нас.

Но, ако, и во такви околности, се уште сакаме да го делиме остатокот од животот со таа личност, ако сме подготвени за неа (или за себеси) да направиме уште еден чекор во проширувањето на своите сфаќања за да можеме да ја прифатиме, тоа е знак дека сме ДОБРИ ВО ЉУБОВТА.

И една отрезнувачка вест за крај.

На прашањето од почетокот, дали само еднаш се љуби, јас би рекла дека тоа е застарена теза од времето кога луѓето биле ограничени во социјалните контакти. Па, не можејќи слободно да се движат и патуваат, ако се вљубеле во некој од своето село или град, не можеле лесно да најдат замена. Изборот бил ограничен. Во денешни услови, пред појавата на коронавирусот, со постоењето на социјалните мрежи, контактот со другите луѓе ни е олеснет. Па, ние имаме шанса да запознаеме голем број луѓе од сите точки на Земјината топка. И во тоа море на можности имаме шанса да љубиме безграничен број пати во животот.

Секоја нова љубов е поразлична од претходната и секоја нова личност притиска на други копчиња од нашиот карактер и буди некои наши нови реакции и чувства. Но, иако можеби постојано некого љубиме, можно е никогаш, никого, да не сакаме вистински.

Прашувате зошто?

Затоа што љубовта не е чувство, туку одлука која бара постојана работа, посветеност и мудрост. А, за тоа е потребно да сме емоционално созреани. За она пак, што најголемиот број од нас го поистоветува со љубов, научниците велат дека е игра на хормоните и таа трае само три години.

Виолета С. Марсол

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Лавовите. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие на кои болести сте склони и зошто. Па, откако ќе ги победите причините, ќе исчезнат и негативните последици по вашето здравје.


Наталната карта која ја направив кај вас е рефлексија на мојата душа, на суштината на она што сум јас или на она што се нарекува битие!!! Благодарам што ми ја покажавте вратата кон другите скриени димензии на креацијата наречена живот! 

Димитар Луневски-Чипо, Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав (тековен стил) Девица Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби