In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Која е разликата меѓу знакот и подзнакот

 
Објавено во септември 2017

Која е разликата меѓу знакот и подзнакот
 

Дознајте што за вас открива вашиот знак, а што вашиот подзнак

Луѓето кои ги среќавам, секојдневно ме прашуваат што значи тоа знак, а што подзнак? Која е разликата меѓу знакот и подзнакот и кој има посилно влијание на личноста?

За сите нив и за вас кои се интересирате што значи вашиот знак, а што вашиот подзнак (поправилен е терминот асцендент) можете да прочитате подолу во текстот.

Јас само ќе надополнам дека знакот покажува каде било Соцето во моментот кога сте се родиле и ги открива вашите особини. Додека подзнакот (асцендент) покажува кој знак се издигал на хоризонтот во моментот на вашето раѓање и го открива вашиот физички изглед и таленти.

Ако пак не знаете што сте во подзнак, направете си ја бесплатната Натална Карта.

Знак Овен (Сонце во Овен)

Овие луѓе се импулсивни, продорни, жестоки, наметливи, нестрпливи и милитантни по својот карактер. Уживаат во освојувањето, без разлика на тоа дали треба да се освојува некоја позиција во општеството, некоја жена (маж), некој трофеј или туѓа територија. Затоа, најмногу Овни има во полицијата, војската, политиката, спортот, криминалот.

Покрај тоа, Овните се динамични, енергични и бескомпромисни борци. Но, за сметка на кариерата, нивниот приватен живот обично страда бидејќи се себични, нетактични и немаат сочувство за туѓите емоции. И како тоа да е малку, воинствени, како што природата ги создала, тие предизвикуваат кавги, бидејќи сакаат да спорат со луѓето и да докажат дека тие се во право. Мора да се знае кој е најдобар и најпаметен, нели?

Сепак, заради својата непромисленост и заради импулсивноста влегуваат во многу лоши животни епизоди или пак целиот свој живот го претвораат во тотален хаос. Дали ќе се однесуваат садистички кон луѓето и колку ќе бидат позитивни или негативни како личности, зависи од поставеноста на нивниот владетел Марс и неговите аспекти во нивната Натална Карта.

Овен на Асцендент (подзнак Овен)

Овие луѓе обично имаат светол тен, очи или коса (често пати се природно црвенокоси). Лесно се препознаваат бидејќи имаат многу бемки или младежи по лицето, крупни заби со жолтеникава нијанса. Добри се како иницијатори на каков било потфат. Во принцип, и покрај енергичноста, тие имаат мирна рака и вродена дарба за техника. Затоа, често можат да се најдат на работно место инжењери.

Знак Бик (Сонце во Бик)

Овие луѓе се раѓаат како хедонисти. Сакаат комфор и комодитет. А, бидејќи сите материјални задоволства се купуваат со пари, Биковите не кријат дека многу ги сакаат парите и се што може со нив да се купи. Од друга страна, тие се луѓе кои не сакаат бадијала да трошат ништо, а најмалку својата енергија. Како резултат на тоа се стабилни, практични, истрајни и конкретни. И во барањата и во намерите. Во комуникацијата со другите луѓе се сериозни, одговорни, конзервативни и тврдоглави. Во принцип се карактеризираат со пословична трпеливост и нерви како ортоми. Меѓутоа, оној што ќе успее да ги испровоцира ќе остане шокиран од тоа како нивниот бес ќе се излее како вулкан, кој долго ќе беснее и нема да му се наѕира крајот. Поставеноста на нивната владетелка Венера во нивната Натална Карта ќе покаже дали станува збор за префинети гурмани или за луѓе кои немат мерка во уживањето во земните задоволства.

Бик на Асцендент (подзнак Бик)

Овие луѓе се крупни, со масивна градба, и мора постојано да внимаваат на исхраната, бидејќи лесно се дебелеат. Впечатливи се и нивните очи чиј облик и тажен израз не може да се спореди со ништо друго. Инаку, личностите со подзнак во Бик никако не ја поднесуваат туѓата доминација врз нивниот живот. Тие треба да бидат оној партнер во врската кој контролира се, од љубовта, парите, плановите, движењето на другиот партнер, до најбаналните ситници како што е не затворената паста за заби и не изгасената сијалица на балконот. Од друга страна, овие луѓе имаат вродена дарба за готвење и секогаш својата љубов ја покажуваат со тоа што им приготвуваат храна на тие што ги сакаат. Најчесто имаат убав глас и дарба за уметност. Посебно за музика.

Знак Близнаци (Сонце во Близнаци)

Ова се интелигентни, елоквентни и комуникативни луѓе, со брза мисла. Секогаш се во тек со времето и одлично се информирани за се и сешто. Брзо читаат, висат на Интернет и не го испуштаат телефонот од рака. Дружељубиви се, прилагодливи и забавни. Имаат способност паралелно да работат неколку различни работи, без да се изморат или збунат. Напротив, таквата активност дури е препорачлива за нив, со цел подобро да ја канализираат својата енергија и да постигнат каков - таков мир. Вешти се во работата со раце и во работата со зборот. Нивни негативни карактеристики се тоа што речиси никогаш не созреваат, што се непостојани, површни и дволични. Но, колку овие нивни особини ќе бидат нагласени или не, ќе покаже позицијата на Меркур, нивниот владетел, во нивната Натална Карта.

Близнаци на Асцендент (подзнак Близнаци)

Ова се луѓе со посветол тен, очи или коса, кои изгледаат младолико, дури и во позрели години. Обично имаат издолжени екстремитети (раце, нозе, врат), поради што дури и кога се ниски (што е редок случај) изгледаат повисоко. Инаку, тоа се љубопитни и немирни личности кои многу зборуваат и имаат потреба постојано да се во движење, во акција. Во спротивно ги фаќа нервоза и можат да бидат нерасположени или склони на кавги. Поседуваат талент за брзо учење странски јазици пишување. Заради умешноста со зборовите и заради познавањето на секоја област по малку, но никоја доволно длабоко, одлични се како репортери, патеписци и новинари. А, би можеле да се покажат и како спретни информатичари и математичари.

Знак Рак (Сонце во Рак)

Ова се сентиментални и интуитивни луѓе кои умеат да сочувствуваат со проблемите на другите. Тие како да имаат вградено природни рецептори кои ги ловат и најмалите промени во надворешните влијанија и во однесувањето на луѓето. Затоа, тешко можете да ги излажете и добро се снаоѓаат во улога на советници, трговци, уметници, луѓе кои работат со креирањето на јавното мислење, во маркетингот, како матичари.

Од друга страна, овие луѓе имаат силно изразен патриотски дух, ја сакаат историјата и често се случува да забегаат во национализам. Нивното помнење е одлично, понекогаш фактографско. Посебно ако нешто сте им згрешиле. Тогаш тие, до детали, ќе го помнат секој ваш збор, гест и мимика до крајот на животот. Но, оваа особина е добра и за професиите што бараат учење на текстови на памет (глума и сл).

Како нивни негативни страни можат да се набројат инаетливоста, робувањето на навиките и претераната врзаност за мајката. Колку од овие особини ќе бидат присутни кај личноста зависи од целата Натална Карта. А, посебно од позицијата и аспектите на нивниот владетел, Месечината.

Рак на Асцендент (подзнак Рак)

Овие луѓе најчесто имаат тркалезно лице (како месечина), убаво обликувани очи, долги трепки и мечтателен поглед. Додека жените обично имаат големи и убави гради. Имаат склоност брзо и лесно да се дебелеат. Посебно во пределот на стомакот. Инаку, станува збор за луѓе на кои семејството им е исклучително важно. Поради тоа тие обично рано влегуваат во брак и добиваат деца на помлади години. Без разлика на полот, кои имат подзнак во Рак поседуваат кулинарски талент, слоновско памтење и искрени патриотски чувства.

Знак Лав (Сонце во Лав)

Ова се едни од најсуетните луѓе во Зодијакот. Тие се претерано горди, самоуверени, полни со себе. Често и без реално покритие. Лавовите уште од детска возраст посакуваат да бидат најдобри од сите, на врвот, да имаат моќ, да владеат со другите. Па, личностите со послаби карактери обично се импресионирани од нивното помпезно и некритичко однесување и со задоволство им се потчинуваат. Така тие стануваат лидери во својата средина. А, потоа само небото им е лимит. Ова е една од нивните најомилени фрази. Наспроти нивните негативни особини, како што се ароганцијата, некритичкиот однос кон своето однесување и фалбаџиството, не смее да се заборави дека станува збор за храбри, одлучни и независни луѓе кои се вистински, а не одглумено, великодушни. Кои особини ќе бидат нагласени кај една личност, а кои видоизменети, ќе покаже позицијата на нивниот владетел Сонцето, во нивната Натална Карта.

Лав на Асцендент (подзнак Лав)

Овие личности имаат светол тен, очи и коса (често пати имаат густа, руса коса со црвен поттон. А, мажите може да бидат и ќелави). Не се многу високи и нивната глава е поголема во однос на телото. Дури би се рекло дека спаѓаат во категоријата најниски луѓе во Зодијакот. Нивното држење е исправено и некако достоинствено. Често и позерски. Тие одат со високо дигната глава и завземаат надмена поза во комуникацијата со луѓето, со што настојуваат да си дадат поголемо значење. Сакаат да се китат со накит, дури и кога станува збор за мажи. Позитивното кај луѓето кои имаат подзнак во Лав е што имаат вродено чувство за организација и простор. Па, ако не успеат да се дограбат до некое шефовско место, тие ќе шефуваат каде ќе стигнат.

Знак Девица (Сонце во Девица)

Овие се природно интелигентни, вредни и практични луѓе кои заземаат критички однос кон својата околина и случувањата околу себе. Затоа, астрологијата вели дека ако имате потреба од вреден работник кој нема да забошотува, тогаш треба да вработите една Девица. Уште повеќе што Девиците ги краси и педантност, како во работата, така и во секојдневниот живот. Потоа, тие се и организирани луѓе, со високо развиена логика.

Како нивни недостатоци би можеле да ги споменеме претераната недоверба кон луѓето, избирливоста која се граничи со исклучивост и претераното ситничарење или, како што вели народот, барање „влакно во јајцето“. Сепак, која од овие особини ќе биде присутна во нивниот карактер, а која ќе биде изменета и зошто, покрај останатите аспекти во нивната Натална Карта, најмногу ќе покаже позицијата на Меркур, нивниот владетел.

Девица на Асцендент (подзнак Девица)

Овие личности се младолики и би требало да имаат вретенесто градено тело. Па, токму поради обликот на своето тело, тие би требало да изгледаат високи и витки, дури и кога не се.

Инаку, личностите кои имаат подзнак во Девица всушност имаат ниска самодоверба. Тоа е вистинската причина поради која тие ќе се однесуваат срамежливо и недоверливо кон другите. Од друга страна, тоа се луѓе со спретни раце и се талентирани за сите занаетчиски и мануелни работи. Но, покрај тоа можат да поседуваат и талент за пишување, за учење странски јазици и за психологија.

Знак Вага (Сонце во Вага)

Овие се луѓе со вроден шарм. Па, дури и кога не се убави, тие со своето рафинирано однесување, со својата љубезност или со своите знаења од уметноста, лесно ги освојуваат туѓите симпатии. Своите цели ги остваруваат со помош на слаткоречивоста и дипломатичноста. Па, не џабе во астрологијата за нив се вели дека се како „челична тупаница во свилена ракавица“.

Како и да е, искрена е нивната желба за создавање хармонично опкружување и нивната омраза кон насилството во која било форма. Како нивни негативни особини би требало да се посочат нивната неодлучност, поради која пропуштат многу убави работи во животот и нивното лицемерие кон личностите од кои планираат да извлечат некаква корист. Сепак, кои од овие особини ќе бидат застапени во нивниот карактер, колку и на кој начин, ќе зависи од позицијата на нивната владетелка Венера, во нивната Натална Карта.

Вага на Асцендент (подзнак Вага)

Овие личности најчесто имаат убав физички изглед, порцелански, светол тен и бујна, благо таласеста коса. Обично се добро воспитани и љубезни кон другите, што ги прави посакувани во секое друштво. Имаат вродено чувство за естетика, добро ја познаваат модата (често и слепо ја следат) или можеби тие ги диктираат модните трендови. Ги сакаат сите работи поврзани со убавиот изглед како што се миризливите сапуни, парфемите и козметиката. Па, дури и кога станува збор за мажи. Освен тоа што ја сакаат уметноста, најчесто и самите поседуваат некој уметнички талент (за музика, игра, танцување).

Знак Шкорпија (Сонце во Шкорпија)

Овие личности обично имаат мрачна харизма и ги привлекуваат другите со мистичната аура која ја создаваат околу себе. Станува збор за исклучително остроумни личности кои продират во суштината на секоја работа, која за останатите останува скриена и недопирлива. А, нивната остроумност, во некои случаи, може да има и предвидувачка моќ.

Одлучни се, храбри и ладнокрвни во ситуации кога другите губат глава. Не зборуваат многу. Но, секој збор им вреди како алтан. Самоуверени се, строги, нетолерантни и исклучиви. Се изразуваат саркастично и обично се во право. Лојални се како пријатели. Но, бескомпромисни и одмаздољубиви како непријатели. Сепак, кои од овие особини ќе преовладуваат во нивниот карактер, а кои ќе бидат видоизменети и како, ќе покаже позицијата на нивниот владетел Плутон и на совладетелот Марс, во нивната Натална Карта.

Шкорпија на Асцендент (Подзнак Шкорпија)

Овие се едни од најниските луѓе во Зодијакот. Обично имаат темен тен, очи или коса и специфичен, месест нос. Заради својата таинственост и силниот сексапил, магнетски се привлечни за личностите од спротивниот пол, кои ги доживуваат како сексуална есенција. Поседуваат развиена интуиција и ништо не може да им побегне од видното поле. Затоа се страв и трепет за нивните пертнери и за оние што им работат зад грб. Добри се како пријатели, бидејќи, како ретко кој друг знак, умеат да ги чуваат тајните. Понекогаш покажуваат талент и за окултното.

Знак Стрелец (Сонце во Стрелец)

Овие луѓе се најголемите оптимисти во Зодијакот. Спонтани се, топли и срдечни. Искрени се и со пријатели и со непријатели. Меѓутоа, поради нивната нетактичност и поради нивниот претерано директен говор, не се многу омилени меѓу луѓето. Всушност, многу често се случува да ги повредат туѓите чувства со својата несмасност и да си создадат непријатели каде порано ги немале.

Најдобро се снаоѓаат во професии кои бараат философирање, докажување на вистината или им нудат кауза за која вреди да се борат. Затоа, најчесто работат како правници, адвокати, судии, професори, спортисти. Додека заради интересот за туѓите култури и обичаи често знаат по неколку странски јазици, многу патуваат или се занимаваат со туризам.

Нивни негативни особини се и нестрпливоста, себичноста (еден од најсебичните знаци заедно со Овенот и Бикот), ароганцијата. А, кога знаат дека можат да имаат корист од некоја личност, тогаш можат да бидат лицемерни без срам. Сепак, кои од овие особини ќе бидат застапени, а кои видоизменети ќе покаже позицијата на Јупитер, нивниот владетел, во нивната Натална Карта.

Стрелец на Асцендент (подзнак Стрелец)

Овие се обично високи и крупни луѓе со долги раце и нозе и силно развиени колкови и бутини. Имаат светол тен, очи и коса, која може да биде од благо таласеста до силно виткана. Се препознаваат по тоа што обожаваат да носат спортска облека и џинс во секоја пригода. А, често носат и каубојски чизми или шешири. Имаат вроден талент за учење странски јазици, за право и правда, за философија и религија. Имаат широки видици и ретко се задржуваат подолго време на едно место. Затоа, или се преселуваат да живеат во друга држава или често патуваат. Ја имаат таа среќа од секоја ситуација да излезат со најмалку последици.

Знак Јарец (Сонце во Јарец)

На овие луѓе ништо не им паѓа од небо. Тие, се што имаат во животот постигнуваат со макотрпна работа и себежртвување. Изразено се амбициозни, бидејќи високите титули и заработеното богатство им се компензација за длабоко потиснатото чувство на помала вредност.

Инаку, станува збор за одговорни, реални, практични, истрајни и жилави луѓе, кои не се откажуваат лесно од зацртаните цели во животот. Во суштина се емотивни, но тоа не го покажуват за да се заштитат од повреди. Покрај Девицата, Јарците се едни од ретките луѓе на кои осаменоста не им паѓа тешко. Потешко им паѓа да бидат понижени или повредени од другите.

Како негативни особини обично им се припишуват конзервативноста и скржавоста. Сепак, дали ќе биде тоа така и кои особини ќе преовладаат ќе покаже позицијата на Сатурн, нивниот владетел, во нивната Натална Карта.

Јарец на Асцендент (подзнак Јарец)

Овие личности имаат убаво оформен скелет и вретенести мускули. Па, дури и кога не се претерано слаби, изгледаат издолжено, речиси манекенски. Имаат блед тен и класична, достоинствена, убавина. Поседуват дискретна спонтаност и комуникативност. Па, луѓето обично сакаат да се дружат со нив, бидејќи се сигурни дека нема да им подготват никакви несакани изненадувања. Во младоста делуват несигурно и плашливо. Но, во текот на целиот живот ја задржуват недовербата во луѓето и си веруваат само себси и на сопствените очи, уши и способности. Тоа често пати се покажува како исправна одлука. Имаат нагласена амбициозност и не се откажуваат од тоа што си го зацртале како цел.

Знак Водолија (Сонце во Водолија)

Овие луѓе, од една страна, се неодоливи за дружење, бидејќи имаат специфичен хумор, неконвенционални се, оригинални и шармантни. Во суштина станува збор за оформени индивидуалци, кои се независни и се згрозуваат да ја следат толпата. Обично, заради нивната магнетска привлечност за масите, заради хуманистичките идеи и храброста за проблемите да зборуваат на отворен начин и со оригинален речник, тие се лидерите кои ги организираат масите во име на општото добро.

Од друга страна, заради својата своеглавост, суета, а најмногу заради чувствителниот нервен систем, тие се сопствени најголеми непријатели. Бидејќи, со една непромислена постапка, преку ноќ, можат да срушат се што претходно граделе и да го сменат правецот на својот живот во нешто непознато и неизвесно. Но, понекогаш таа улога ја има некоја виша сила на која што тие не можат да влијаат. Меѓутоа, дали овие особини ќе се манифестираат баш на ваков начин, ќе покаже позицијата на Уран, владетелот на нивниот знак и на Сатурн, нивниот совладетел.

Водолија на Асцендент (подзнак Водолија)

Овие луѓе се специфични по својот изглед и веднаш паѓаат во очи. Тие понекогаш се свесни за тоа. Па, желбата да бидат свои и поинакви ги тера на некаков начин да ја потенцираат својата посебност, дали со облеката, дали со фризурата, дали со гестикулацијата или со начинот на зборување. Во суштина, станува збор за луѓе со боемска жичка и авантуристички дух кои повеќе сакаат да бидат во друштво, отколку сами. Интелигентни се и со своите сваќања се понапред од времето во кое живеат. Талентирани се за техника, електроника, фотографија, танцување, астрологија, авијација и рели возење.

Знак Риби (Сонце во Риби)

Овие луѓе не смеат да се потценат. Уште повеќе што имаат двојна природа. На професионален план се ајкули кои водени од суетата, во потрага по пленот во вид на висока позиција, не водат сметка за поситните риби околу себе, гризат и крварат. Кога треба да добијат нешто вртат од околу, не кажуват директно, бидејќи не сакаат да ја налутат другата страна. Но, на патот на професионалниот успех многу им помага и нивната развиена интуиција, поради која знаат кога треба да се гризе, кога треба да се менува дресот, а кога треба да се бега.

Меѓутоа, кога се дома и меѓу луѓето што ги сметаат за пријатели или барем не им се конкуренција, тие се претвораат во нешто спротивно. Тогаш го покажуват својот сензибилитет, сочувствителноста, дипломатичноста, попустливоста и широките погледи на светот. Впрочем, во знакот Риби се родени најпознатите банкари и уметници. Меѓутоа, кои особини ќе доминират во карактерот на личноста родена во знакот Риби, меѓу другото, ќе покаже позицијата на Нептун, нивниот владетел и на Јупитер, совладетелот, во нивната Натална Карта.

Риби на Асцендент (подзнак Риби)

Овие луѓе често имаат проблеми со својата тежина. Или се дебели или многу слаби. Имаат малку поголема глава од телото и воденикав поглед, како штотуку да плачеле. Изгледат како да не се присутни на тоа место и во тоа време, пасивни се и конфузни. Но, и покрај тоа, тие со својот начин на комуникација и со некој икс фактор, успеваат да ја заработат довербата на луѓето. Најдобро се чувствуваат покрај морето. Па, препорачливо е, доколку се во можност, повеќе време да поминуваат покрај морската вода која на нив има терапевтски ефект. Ги сакаат животните и имаат вродена дарба за право, техника и сликарство.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Лавовите. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие каков е вашиот однос со родителите и зошто, но истовремено ќе ви покаже како да ги подобрите односите со блиските и околината.


Наталната карта што ја добив е фантастична!
Ви благодарам многу што ми го подаривте огледалото на мојот живот :) 

Виктор К., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав (тековен стил) Девица Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби