In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Кирон во Овен

 
Објавено на 25.04.2018 во 17:00

Кирон во Овен
 

Каде ќе бидете најранливи во следните 9 години?
(За Овните проблеми на личен план, за Раковите во кариерата, за Вагите во бракот)

Кој е Кирон?

Во астрономска смисла, за Кирон (Hiron, Chiron), кој е откриен во 1977 година, се уште се води полемика дали е астероид, планетоид или комета. Но, сигурно е тоа дека орбитира меѓу Сатурн и Уран.

Во астролошка смисла, Кирон е врската меѓу личните и трансценденталните планети, меѓу Земјата и Небото. Тој е мост меѓу познатото и непознатото, старото и новото, ерата на Рибите и ерата на Водолијата. Тој е спојката меѓу душата и телото, интелектот и инстинктите.

Митолошки, Кирон е кентаур роден во врската меѓу Сатурн и Филира. Неговата мајка, згрозена од неговиот изглед го дала на боговите да го одгледуваат. Па, тие го научиле на исцелителски и воени вештини, на музика, етика, астрологија. Така тој израснал во мудар учител, исцелител и пророк. Подоцна, тој е ранет со стрела во коленото. Па, иако успешно ги лекувал другите, како и секој стручњак во својата област, тој не успеал да ја излечи својата рана која постојано му предизвикувала болки. На крајот, спасот од константната болка го побарал така што со Прометеј ја трампал својата бесмртност за смрт. Оттука, Кирон во наталната карта ја претставува нашата најдлабока повреда, нашата рана, која се обидуваме да ја зацелиме во текот на својот живот.

Што ќе донесе транзитот на Кирон во Овен?

На 17-ти април 2018 година Кирон го започна своето патешествие низ Овен и таму ќе остане до мај 2027 година. Иако во периодот од октомври 2018 до март 2019 година тој ќе се врати во Риби, тоа сепак нема да го пренасочи од неговата нова мисија, да го исцелува човештвото соочувајќи го со неговите болки.

На личен план, Кирон во Овен би требало најголемо влијание да има на нашето его и на физичкото тело. Тоа значи дека, на овој или оној начин, ќе бидеме принудени да се осознаеме себеси и својата цел на постоење на Земјата. А, бидејќи човек може да сочувствува само со она што му е блиско, како резултат на тие активности би требало да започнеме да покажуваме поголемо разбирање за себеси, за своите недостатоци и проблеми. Така, на секој од нас, ќе му биде полесно да ја прифати сопствената личност, таква каква што е во моментот, и преку процес на исцелување да се претвори во најдобрата верзија од себеси.

Исто така, Кирон би требало да предизвика нашите физички тела да станат почувствителни. Затоа, ќе биде потребно да му посветиме поголемо влијание на своето здравје. Би требало да прифатиме дека патот до исцелувањето води преку болката и тагата, кои се составни делови на животот, исто како и среќата и радоста. Но, дека секој од нас ја поседува моќта да управува со своите мисли и со тоа да влијае на својата здравствена состојба. Значи, оние кои се болни, ќе мора да научат да ги контролираат своите негативни мисли и да размислуваат позитивно. А, сите останати, во следните 9 години, ќе бидеме принудени да се исчистиме себеси, и ментално и физички. Но, и да се ослободиме од работите кои ни причинувале болка.

На глобален план, преку случувањата кои ќе бидат одраз на желбата да се покори и владее со другиот, како што се војните, човештвото полека ќе научи дека егото треба да работи за нас, а не против нас. Дека во светот во кој сите сме меѓусебно поврзани, она што им го правиме на другите (на другите луѓе, на природата, на животните), всушност си го правиме себеси. Па, како краен резултат од тој процес, би требало да дојде до глобален пораст на свеста и до помирување меѓу народите и меѓу завојуваните страни.

Кое ќе биде најчувствителното поле од животот кај секој хороскопски знак?

Начин на читање: Вашата ситуација најточно ќе ја опишува текстот што одговара на вашиот подзнак.

Потоа можете да ги проширите сознанијата со текстот што одговара на вашиот знак.

Доколку не си го знаете подзнакот (Асцендентот), направете го бесплатниот примерок на вашата Натална Карта на оваа страна.

Овен

Вие, Овни, би требало најмногу да страдате под влијанието на Кирон. Но, по 9 години, би можеле и најмногу да профитирате. Под услов да ја осознаете својата вистинска природа и да покажете разбирање за својата личност. А потоа, ќе биде потребно да направите мост меѓу потребите на вашата душа и тело, меѓу вашите инстинктивни импулси и интелектот, да го зауздате своето набилдано его и поголемо внимание да им посветувате на сигналите што ќе ви ги испраќа телото, а со тоа и на здравјето. Тоа подразбира дека ќе има потреба да направите промена во начинот на исхраната и во практикувањето на физичката активност, со цел да им одолеете на болестите. Но, откако ќе го постигнете себеисцелувањето, би можеле да станете пример и за другите, на кој начин можат да ја создадат најдобрата верзија од себеси.

Бик

Ве очекува интроспективен деветгодишен период кога Кирон ќе ги извади на површина вашите потсвесни стравови, пориви и сеќавања. Во исто време, тој ќе бара од вас да го хармонизирате она што ќе се случува во вашиот реален живот, со она што се ваши желби и очекувања. Доколку ги прифатите сопствените ограничувања како моментна состојба која би можела да се промени во иднина, ќе бидете на добар пат да го сочувате своето ментално здравје и својот мир. Доколку пак ги форсирате работите над своите можности, ризикувате да се самоизмачувате себеси, да си предизвикате чувство на вина или болка. Па, ако овие негативни чувства потраат подолго, постои опасност да си предизвикате и здравствени проблеми, кои ќе бараат хоспитализација и ќе бидат вашиот пат кон самоисцелувањето.

Ако пак, на некаков начин, го прекршите законот, ве очекува деветгодишна Голгота по судовите.

Близнаци

Вашите најслаби точки во следните 9 години ќе бидат: вашите планови и цели во животот, односот со пријателите, членството во разни клубови, организации, партии, пензиското и здравственото осигурување. Проблемите на некој од тие планови ќе ви ја црпат енергијата, ќе ви ја уриваат самодовербата, ќе ви носат разочарувања. Исцелувањето ќе го постигнете ако најдете начин да не зависите од никого, ниту финансиски ниту емотивно, а повторно да останете поврзани со сите.

Рак

Угледот, кариерата, статусот, односот со авторитетите и со вашиот подоминантен родител, ќе бидат вашата најголема рана и проблем што ќе ве прогонува во следните 9 години. Исцелувањето ќе го постигнете ако направите помирување во вашата душа меѓу она што сте и она што би сакале да бидете. Додека проблематичниот однос со авторитетите или со едниот родител ќе го разрешите тогаш кога ќе прифатите дека не е страшно да се изгуби по некоја битка, се додека имате план да ја добиете војната. Ако успеете во тоа, би можеле своите искуства да ги споделувате со другите и на тој начин да стекнете углед и популарност.

Лав

Во следните 9 години најболни точки во вашиот живот би можеле да бидат проблемите со законот или со роднините на партнерот. Потоа, учењето, патувањата во странство, преселувањето. А, ако вашата професија е поврзана со издавачката дејност веројатно ќе мора вешто да одминете разни Сцили и Харибди, со цел да се одржите во рамнотежа. Исцелување ќе постигнете тогаш кога ќе ги исплатите своите долгови од минатото, и морални и материјални. Кога комплетно ќе ја смените својата животна философија. Кога ќе го почитувате законот, кога ќе учите за знаење а не за оцена, кога благовремено ќе се информирате за законите на земјите во кои ќе патувате или во кои ќе сакате да се преселите, кога ќе ги почитувате роднините на својот партнер. Но, и кога ќе го почитувате брачниот партнер на својот брат или сестра.

Девица

Во следните 9 години вашите болни точки ќе бидат поврзани со сексот, со туѓите пари или со случувањата поврзани со нечија болест или смрт. На некој од овие планови, или на сите, очекувајте проблеми што ќе ви го одземаат мирот и ќе ви причинуваат душевна болка. Исцелувањето би можеле да го постигнете ако прифатите дека сексуалната енергија е најсилната, животворна сила која ја поседувате и дека е еквивалент на вашата моќ за стекнување пари. Значи, колку поголема сексуална енергија, толку поголем потенцијал за богатство. Опадната или блокирана сексуална енергија, помала моќ за заработка. Но, можете и свесно да одлучите да ја користите вашата сексуална енергија само за духовен раст и развој. Наследствата би можеле да бидат ваши, ако не се врзувате премногу за туѓата помош. Кредитите и заемите, би можеле да ви го загорчат животот. А, смртта е божја работа која постојано не потсетува дека треба да му се радуваме на животот.

Вага

Ваша Ахилова петица во следните 9 години ќе бидат: бракот, партнерските односи и јавното мислење. Тие ќе бидат раната која никако нема да зараснува и која нема да ви дава мир. Но, колку повеќе се јадете околу проблемите, тие ќе стануваат се поголеми и ќе ви предизвикуваат очај. Исцелувањето ќе го постигнете кога прво ќе се договорите самите со себе што навистина сакате, без разлика што за тоа мислат партнерот и околината. А, откако ќе ја прифатите реалноста, полесно ќе дојдете до решение кое ќе ги задоволи сите страни. Ако вашата професија е јавна, можно е да доживеете јавен срам. Додека, ако сте го прекршиле законот во минатото, ве очекува судски процес кој би можел да трае со години и, на крајот, вие да го извлечете подебелиот крај. А, ако некој бил неправеден кон вас, докажувањето би можело да трае со години, на суд.

Шкорпија

Работата и здравјето ќе бидат двете теми околу кои, како на клацкалка, ќе осцилира вашата внатрешна рамнотежа во следните 9 години. Па, ако премногу се оптоварувате со работата или се грижите за вашата професионална иднина, би можело да страда вашето здравје. А, ако страда вашето здравје нема да бидете во состојба да ги исполнувате вашите работни задачи. Исцелувањето ќе го постигнете ако ја пронајдете златната средина. А, златната средина би можеле да ја постигнете ако откриете на кој начин можете да ја подобрите својата комуникација со колегите и ако своите обврски ги распоредите на соработниците.

Здравјето пак ќе го сочувате ако направите сериозни промени во вашиот стил на живеење и во вашиот начин на исхрана. Всушност најбрз ефект ќе постигнете кога ќе прифатите дека вашите мисли управуваат со вашето здравје и кога негативните убедувања ќе ги замените со позитивни.

Стрелец

Љубовниот живот и децата ќе бидат вашите најслаби точки околу кои ќе се кршат копјата на радоста и тагата во вашиот живот, во следните 9 години. За полесно да го поминете измачувачкиот период и побрзо да го постигнете исцелувањето, би требало, своите очекувања во љубовта и во однос на децата, да ги синхронизирате со мигот и условите во кои живеете, како и со својата способност да дадете љубов. Кога ќе успеете да се согледате себеси и своите недостатоци онака како што ве гледаат другите и кога нема да се осудувате поради тоа, ќе го направите првиот чекор кон вистинска промена во најдобрата верзија од себеси. А, потоа следува долга работа во корекција на вашите недостатоци. Но, таквата ваша постапка ќе предизвика верижна реакција во која би се подобриле и сите работи кои се поврзани со љубовта и децата.

Јарец

Местото на живеење, домот и односот со вашите родители и со останатите членови на вашето семејство ќе бидат најболните точки кои нема да ви даваат мир во следните 9 години. Исцелувањето ќе го постигнете кога ќе го издресирате вашето его да гради мостови на соработка со луѓето, а не да издава наредби за извршување. Потоа, ќе треба да прифатите дека домот е онаму каде што ви е добро вам, а не каде што е местото на вашето раѓање. Додека родителите можете да ги сакате каде и да се наоѓате, додека сте среќни и задоволни од својот живот. А, ако имате проблеми со родителите кои се провлекуваат уште од детството, полесно ќе ги надминете кога ќе прифатите дека не можете од нив да очекувате дека ќе ви го дадат она што и тие не го добиле додека биле деца.

Водолија

Ваша Ахилова петица во следните 9 години ќе бидат комуникациите, односите со браќата, сестрите, роднините и соседите, патувањата и учењето. Процесот на незадоволство и разочараност од браќата, сестрите, роднините или соседите, полесно ќе го поминете ако прифатите дека сите луѓе се различни и дека имале различни појдовни основи во животот. Но, и покрај тоа што секој човек се наоѓа на различен степен од еволутивниот развој, вие треба да живеете со нив. Па, заради тоа ќе биде пожелно да го најдете заедничкиот интерес што ве поврзува во различностите. Што се однесува до патувањата, ќе мора да најдете начин како ќе го реализирате тоа задоволство на најбезбеден начин. Бидете сигурни дека сте ја научиле лекцијата и дека сте се исцелиле тогаш кога вашето секојдневие или вашата професија бидат поврзани со говорот, пишувањето, преведувањето, патувањата.

Риби

Парите и вашиот вредносен систем ќе бидат најболните работи за вас во следните 9 години. Па, вие би можеле да осцилирате меѓу вредностите кои се застарени и промените во вашиот вредносен систем за кои се уште не сте подготвени. А, можно е да имате многу идеи, но да не ви биде јасен начинот како да ги претворите во пари. Можно е многу да работите, а тешко да заработувате. Па, како резултат на тоа да се чувствувате невредно, како загубени во просторот и времето. Исцелувањето ќе го постигнете кога ќе се отворите за новиот начин на комуницирање и работа, колку тоа да не одговара на вашите сегашни навики и погледи на светот. Всушност, исцелување ќе доживеете кога ќе го послушате советот на некоја помлада и успешна личност. А, кога својот талент ќе го здружите со новата работна пракса, тогаш парите ќе почнат да се слеваат кон вас како доказ за научената лекција.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие кој е вашиот идеален партнер, како се однесувате во љубовта и сексот, зошто секогаш привлекувате одреден тип на личности и како можете да го подобрите својот љубовен живот.


Наталната карта која ја направив кај вас е рефлексија на мојата душа, на суштината на она што сум јас или на она што се нарекува битие!!! Благодарам што ми ја покажавте вратата кон другите скриени димензии на креацијата наречена живот! 

Димитар Луневски-Чипо, Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби