In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Ретрограден Меркур во Риби

Француски бакнеж

Годишен хороскоп за 2020 година

Ни претстои неочекувано среќен период

Во што се крие благословот

Ретрограден Меркур во Шкорпија

Што ќе ни донесат ѕвездите во октомври 2019?

Венера во Вага - Време за Љубов

Млада Црна Месечина на 30 август 2019

Немаш ни благодарам

Ќе ја сретнеш својата судбина

Ни на Небо, ни на Земја

Затемнување на Месечината на 16 јули 2019

Не ја мати водата

Ретрограден Меркур во Лав И Рак

Талентот е Божји дар

Вера, Надеж и Љубов

Сиротата мала богаташка

Ѕвезденото небо над светот во јуни 2019

Двете Марии

Скршеното огледалце

Цветна, Сина Месечина на небото на 18-ти мај

Министерот со шешир и темни очила за сонце

Ѕвезденото небо над светот во мај 2019

Љубовта е во воздухот

Нека го фрли првиот камен...

Сатурн коњукција Плутон

Ќерката на офицерот со ружи

Ретроградни планети - што ќе ни донесат?

Ѕвезденото небо над светот во април 2019

Кралот на Троседот

Оној што спасил живот

Ветената Земја

Ретрограден Меркур во Риби

Имаш лице какво што заслужуваш

Ѕвезденото небо над светот во декември

Женски Болести

Јами Мами од Мајами

Јупитер во Стрелец

Ѕвезденото небо над светот во ноември

Ако сте родени меѓу два хороскопски знака

Внимавај кого пушташ во својот живот

Пониското и повисокото ниво на секој знак

Ѕвезденото небо над светот во октомври

Затемнување на Сонцето на 13-ти јули 2018

Ѕвезденото небо над светот во јули

Исправи се, Викторија!

Ретрограден Марс во Водолија

Ѕвезденото небо над светот во јуни

Како да издржите 7 години со зодијачкото торнадо Уран во Бик

 
Објавено на 15.05.2018 во 17:01

Како да издржите 7 години со зодијачкото торнадо Уран во Бик
 

Уран по многу работи е единствена планета во Сончевиот систем. Така, Уран е единствената планета чија што оска лежи на еклиптиката, поради што, тој всушност се тркала по неа наместо да ротира, додека со едниот свој пол е свртен кон Сонцето. Потоа, Уран се наоѓа поблиску до Сонцето од Нептун, но неговата температура е пониска отколку речиси на сите останати подалечни планети. Според овие показатели, доколку растенијата, животните и луѓето би живееле на Уран, би морале да бидат екстремно прилагодливи и постојано подготвени за промени. Бидејќи, онаму каде што денес изгреало Сонцето на Уран утре, можеби, токму таму ќе зајде и на него не би можела да се стабилизира ниедна навика условена од климата или местото (географската широчина).

Сега веројатно ви е појасно зошто Уран во астрологијата се смета за оригинален, ексцентричен, непредвидлив, бунтовен, оној кој поттикнува револуции со цел да настапи слободата, братството и единството меѓу луѓето. Всушност, Уран е планета чиишто вибрации предизвикуваат шокови. А, тие шокови имаат за цел да ги поместат Вселенските токови и нас заедно со нив од комфорната зона и да предизвикаат еволуција во нашата свест. Бидејќи, сето она што е статично доведува до застој во развојот. Вибрациите на Уран делуваат така што, на свесно или на несвесно ниво, ни предизвикуваат желба за некаква промена и ослободување. Потоа, најчесто преку непредвидливи и шокантни случувања се одвива процесот на промени. И на крајот, откако ќе ги прифатиме и ќе им се прилагодиме на промените, се појавува нашата свест за неопходноста од нив и свеста за придобивката од тие промени.

Инаку, на Уран му се потребни 84 години да направи цел круг околу Сонцето. Додека еден знак поминува за 7-8 години. На 15-ти мај 2018 година, по седумгодишната одисеја низ воинствениот Овен, Уран ќе го продолжи својот пат низ материјалистички ориентираниот Бик, кој е чиста спротивност на уранската природа. Таму ќе остане до 7-ми јули 2025 година.

Што ќе донесе Уран во Бик?

Вибрациите на оваа планета предизвикуваат неочекувани пресврти кои во прв момент делуваат шокантно. Но, тие пресврти во суштина се нашиот Вселенски бинго за позитивни промени во животот. Бидејќи, под влијанието на Уран се рушат постоечките облици, односи, граници и правила и се добива нова перспектива за согледување на иднината.

Додека транзитира низ Бик, до јули 2025 година, Уран би требало да предизвика неочекувани случувања во банкарскиот систем и на берзата. Ќе доведе до неопходност од економски реформи. Би требало да донесе промени во сточарската дејност и во употребата на месото. Потоа, би требало да се случат промени во музиката, уметноста, градежништвото. Веројатно ќе се открие некој оригинален пристап или израз. Но, длабоки промени би требало да претрпи и семејниот живот, нашите сфаќања за бракот и за односите меѓу половите во брачната заедница.

Каква промена кај секој хороскопски знак ќе предизвика транзитот на Уран во Бик?

Начин на читање: Вашата ситуација најточно ќе ја опишува текстот што одговара на вашиот Подзнак.

Но, потоа можете да ги проширите своите сознанија со текстот што одговара на вашиот знак.

Доколку не го знаете својот Подзнак (Асцендент), направете го бесплатниот примерок на вашата Натална Карта на оваа страна.

Овен

Будење

Под влијанието на Уран, во следните 7 години, во вас би требало да се разбуди свеста дека повеќе вредите отколку што заработувате или отколку што поседувате имот и пари. Тоа би можело да ве направи бесни и да ве натера да размислувате како да ја смените својата финансиска состојба на подобро и за кусо време да дојдете до повеќе пари.

Промена

Ќе мора да бидете многу внимателни и да не и дозволите на вашата желба за брзо богатење да ве направи непретпазливи во активностите поврзани со финансиите. Бидејќи, под влијанието на Уран, во следните 7 години постои опасност премногу да ризикувате со парите, да влегувате во непроверени инвестиции, да вложувате пари во банки кои нудат неверојатни камати, да се коцкате, да имате профит на краток рок и на крајот да загубите се што имате.

Осознавање

По истекот на седумгодишниот Урански процес, откако ќе се освестите од шокот и ќе се соземете, би требало да дојдете до заклучок дека материјалните работи можат да бидат уништени, одземени, загубени. Но, дека само вашите знаења, таленти и вештини не може никој да ви ги одземе. А, тие секогаш се еквивалент за парите. Тогаш, неочекувано, би можеле да откриете оригинален начин за подобрување на вашата финансиска состојба.

Бик

Будење

На свесно или несвесно ниво, Уран во следните 7 години ќе ја разбуди вашата желба за слобода или потребата да се смените себеси и својот живот. Тоа ќе подразбира преиспитување на вашиот стил на живот, на вашите предрасуди, уверувања и погледи на светот. На почеток, веројатно нема да ви биде јасно што навистина сакате. Но, ќе имате чувство дека повеќе нема да можете да продолжите на стариот начин. Ако се обидувате да го избегнете донесувањето на тешки одлуки, можеби прво ќе почнете со полесниот начин. Па, потребата од промени ќе се трудите да ја задоволите правејќи само промена во својот физички изглед. За целото тоа време, вашиот длабоко вкоренет отпор кон стариот начин на живот ќе прави да се однесувате бунтовно и непредвидливо, со што ќе ги збунувате луѓето кои не ќе можат да ве препознаат.

Промена

Поради силната потреба од слобода, во следните 7 години би требало да ги напуштите ситуациите и личностите што ве гушат. Така, ослободени од товарот, ќе можете самостојно да го продолжите својот живот, онака како вам ви одговара. Меѓутоа, ако се плашите од промените и од непознатото што ви го носи иднината и ако опсесивно се држите за односите, луѓето и работите кои сте ги надраснале, тогаш Уран ќе стапи на сцена. Тој ќе ги раздрма вашите темели со некои непредвидливи настани кои ќе ве принудат на промени.

Осознавање

Откако ќе се прилагодите на промените можно е да ви биде жал што тие не се случиле порано. Бидејќи, ќе сфатите дека тие ви донеле поквалитетен живот, ви отвориле нови хоризонти, нови пријателства и интереси. А, најважно од се е тоа што ќе станете подобра верзија од себеси и конечно ќе можете слободно да го живеете животот, според сопствените желби.

Близнаци

Будење

Сакале вие или не, во следните 7 години, Уран ќе ровари низ вашиот несвесен ум. Ќе копа по вашите тајни и по емоциите кои сте ги потиснале и скриле, дури и од себеси. Нивната содржина би можела да се појави преку вашите сонови или да се манифестира како некое претчувство кое ќе доаѓа од најголемата длабочина на вашето битие. Овој пат ќе морате да се соочите со сите непријатни сознанија за себеси и да ги одработите до крај. Бидејќи, неопходно ќе ви биде чувството на олеснување што ќе се појави кога вистината ќе излезе на површина.

Промена

Секоја тајна што ја чувате во себеси, секоја неизживеана емоција, секоја повреда и понижување, секое чувство на вина што се трудите да го заборавите ви одзема скапоцена енергија, која би можеле да ја искористите на конструктивен начин. Но, условот е прво да ги освестите тие работи и да ги признаете. Ако за вашиот душевен мир е потребно некој да ви прости за вашите постапки во минатото, треба да побарате прошка. И на крајот треба да си простите самите на себеси за сите свои грешки и да го симнете товарот на минатото од вашите плеќи. Ако не го направите тоа по сопствена волја, Уран ќе го направи за вас преку болести, преку престојот во болница или преку наметната изолација.

Осознавање

Откако ќе се соочите со потиснатите емоции, со стравовите и срамовите, и откако ќе доживеете катарза, прво ќе почувствувате дека имате повеќе енергија и елан за работа. Потоа, ќе можете да бидете тоа што сте, без да се криете пред другите и да лажете за себеси. А, со тоа и вашиот живот ќе добие поинаква смисла и содржина. Ќе станете поздрави и посреќни.

Рак

Будење

Под влијанието на Уран, во следните 7 години во вас ќе се разбуди желбата за нови идеи или идеологии, кои би ве стимулирале на акција. Ќе се разбуди вашата потреба од интелектуална слобода. Ќе барате инспирација која ќе ве води во животот. Овие потреби ќе ве принудат да барате начин да ги исполните. А, исполнувањето ќе го барате во поинтензивното дружење со луѓето, преку зачленување во некој клуб, организација, политичка партија. Можеби ќе се обидете да си го исполните времето со активности поврзани со општото добро на заедницата. Но, во оваа потрага би можеле премногу да се расплините себеси и непотребно да трошите енергија.

Промена

Ќе забележите дека се повеќе ве привлекуваат луѓето со слободен дух, авангардните ставови и современиот начин на живот. Па, со цел да го продолжите својот развој, ќе бидете принудени да ги промените круговите во кои се движите, пријателите, клубот или политичката партија. Ако тоа не го направите сами, Уран ќе го направи наместо вас, со тоа што ќе предизвика некои од вашите долгогодишни пријателства да се распаднат. А, во ваша близина да се појават нови луѓе. Но, можно е да ви се случат и некои непланирани настани кои ќе ве принудат да ги смените своите планови и цели во животот.

Осознавање

Како резултат на седумгодишното искуство со Уранските лекции, ќе сфатите дека луѓето не можат да живеат сами и дека треба да се организираат околу некоја возвишена цел, од која полза ќе имаат сите. Бидејќи, заедницата е здрава само кога секој човек работи прво за себе, а потоа и за благосостојбата на другите. Но, исто така ќе сфатите и дека вистински пријатели се само тие кои се покрај вас, и во добро и во зло. Бидејќи несреќата треба да се издржи. Но, уште повеќе сила и мудрост се потребни да се издржи среќата.

Лав

Будење

Во следните 7 години, поради влијанието на Уран, можете да очекувате дека се помалку ќе бидете задоволни со работата. Ќе сметате дека можете и повеќе и подобро. Вашите убедувања ќе ве прават нетрпеливи, зајадливи и со потценувачки однос кон колегите и претпоставените. Долго време ќе го потиснувате незадоволството и нема да им дозволите на вашите разбудени амбиции да ги рашират своите крилја, бидејќи сигурноста ќе ви биде на прво место. А, реализацијата на вашите амбиции ќе ви се чини како нешто нереално.

Промена

Доколку ви недостасува храброст да го направите првиот чекор во промена на својот професионален или брачен статус, тоа ќе го направи Уран наместо вас. Така, под негово влијание, би можело неочекувано да го загубите работното место, да имате несигурна работа или да соработувате со непредвидливи луѓе. Потоа, би можело да ве напушти партнерот или да претрпите јавен срам и да го загубите угледот што многу ви значи.

Осознавање

Откако ќе го преживеете првичниот шок, ќе сфатите дека сте биле благословени. Бидејќи, да не ве изненадеше судбината со нејзините аранжмани, вие се уште ќе си бевте во старата ситуација и ќе се гушевте од незадоволство. Всушност, ќе сфатите дека можете се да загубите, но сите работи повторно се стекнуваат додека верувате во себеси и во своите способности.

Девица

Будење

Под влијанието на Уран, во следните 7 години вие ќе се најдете во процес на преиспитување на животните вистини на кои ве научиле родителите, средината во која живеете, вашата верска припадност или сте ги стекнале преку вашето образование. Многу од тие работи нема да бидат во духот на времето и на местото во кое живеете. Па, затоа ќе мора да ги ревидирате и да ги замените со нови. Значи, во следните 7 години ќе се одвива процес на ваша духовна обнова.

Промена

Ако бидете дезориентирани и ако не знаете што е тоа што ви пречи и што ве кочи во животот, со цел да го смените, тука ќе биде Уран да ви помогне во целиот процес. Па, под негово влијание, можно е одненадеж да треба да заминете во странство, да го продолжите школувањето, да влезете во нов брак. Но, можно е, заради некоја причина, да бидете принудени постојано да патувате, да го менувате местото на живеење, да среќавате луѓе од различни култури. Можеби свесно ќе започнете со практикување на некоја духовна дисциплина или ќе сретнете личност што ќе ве насочи на духовниот пат.

Осознавање

Промените што ќе ви се случуваат во животот ќе придонесат да се прошират вашите хоризонти, да се случи промена во начинот на кој го доживувате светот околу себе. Некои од вас можеби ќе ја сменат вероисповедта на која и припаѓаат според раѓање. Но, сите до еден, по истекот на седумте Уранови години, ќе се најдете на повисоко скалило од вашата животна зрелост и ќе продолжите со својот духовен раст и развој.

Вага

Будење

Вие не можете да живеете без партнер покрај себе. И во приватниот живот и во работата. Но, во следните 7 години, под влијанието на Уран, прво ќе почувствувате дека материјалните вредности што ги делевте со партнерот почнуваат да ви стануваат извор на немир и незадоволство. Можеби вашиот партнер повеќе не ќе може да ве поддржи ниту емотивно, ниту финансиски. Можеби на врат ќе ви седат долгови, кредити, извршители. Можеби ќе сакате да доживеете нови искуства во сексот, но ќе немате храброст да ги побарате.

Промена

Ако не се потпрете на себеси и ако решението не го побарате сами, тогаш Уран ќе ви ги наметне промените. Па, можно е да плаќате камати на кредитите што нередовно сте ги плаќале или да плаќате извршители. Можно е неочекувано да секне изворот на приходи на кој сте се потпирале до сега. Оние што ви дале пари на заем ќе си ги бараат назад кога најмалку ќе очекувате. А, имотот кој го сметавте за свој би можел да биде поделен во процес на развод или при поделба на наследство. Додека секс можеби не ќе можете да имате заради некаков здравствен или психички проблем, ваш или на партнерот.

Осознавање

На крајот од овој процес, откако ќе ги надминете шоковите, сигурно ќе научите дека имате доволно сила и знаење да ги преживеете сите проблеми. Исто така, ќе сфатите дека не можете да го пронајдете во другите она што ви недостасува вам. Можете само да го развиете во себеси, ако е особина или да го стекнете со работа, ако станува збор за пари или за друг вид на материјални вредности.

Шкорпија

Будење

Во следните 7 години, под влијанието на Уран, наеднаш ќе допре до вашата свест сознанието дека во име на бракот и стабилниот партнерски однос се жртвувавте себеси. Ова сознание ќе ја разбуди во вас желбата повторно да бидете она што некогаш бевте, да бидете свои и независни. Всушност, длабоко во себеси ќе знаете дека партнерот ви е товар кој ве влече надолу. Но, можеби нема да имате храброст да ја прекинете врската, туку ќе ја саботирате со тоа што ќе се однесувате своеглаво, ќе започнувате кавги, ќе бидете неверни.

Промена

Ако вие не најдете решение за раштиманиот однос со партнерот, Уран ќе го стори тоа наместо вас. Па, можно е партнерот да ве изненади со тоа што ќе ја прекине агонијата и ќе побара развод. Но, можно е и да се пресели во друг град или држава заради работа. Ако вашата врска се потпира на цврсти темели, тогаш не треба да стравувате. Бидејќи, таа ќе го издржи ударот, но дефинитивно ќе тргне во друг правец.

Осознавање

По истекот на седумгодишните Урановски лекции и по прифаќањето на неочекуваните промени поврзани со партнерските односи и бракот, вие прво ќе се ослободите од ограничувачката рамка во кој се одвивал вашиот заеднички живот. Потоа, ќе откриете што навистина сакате и што ви треба во партнерските односи. Но, по искуството што ќе ви го приреди Уран, никогаш повеќе не ќе можете да живеете во традиционални брачни односи. Слободата во врската и искрениот однос, ќе станат ваши идеали.

Стрелец

Будење

Под влијанието на Уран, во следните 7 години, вие ќе станете свесни дека сакате да се ослободите од навиките, обврските и ритамот на живот што ви го наметнуваат другите и да воспоставите сопствен ритам и здрави навики. Исто така, ќе чувствувате дека она што го работите повеќе не ги задоволува ниту вашите желби, ниту вашите способности. Додека односот со вашите соработници не е повеќе професионален како што бил некогаш. Меѓутоа, ќе помине време додека откриете каде се гледате себеси во иднина и ќе ви треба уште повеќе време да го направите првиот чекор во тој правец.

Промена

Ако се колебате да ги направите промените во вашиот живот за да бидете среќни, Уран ќе ги направи наместо вас. Но, неговите промени ќе дојдат одненадеж во вид на проблеми на работното место, конфликти со колегите и претпоставените, отказ, губење на работата или болест која тешко ќе може да се дијагностицира и поради која често ќе ја посетувате болницата.

Осознавање

Откако првичниот шок ќе помине, преку проблемите со кои ќе се соочите во следните 7 години, ќе сфатите дека силата се наоѓа во вас самите. Затоа, ќе се свртите кон спортот, здравата храна и алтернативните начини на лечење. Сигурно ќе го смените работното место за нешто што повеќе му одговара на вашиот темперамент. Можеби ќе издејствувате флексибилно работно време или ќе почнете да заработувате од некоја необична активност, која ќе ви биде забавна и постојано различна.

Јарец

Будење

Под влијанието на Уран, во следните 7 години, ќе се разбудат вашата фантазија и креативност. Но, ќе се разбуди и вашето срце и ќе ве потсети дека искрено го сакате само она што го работите од чисто задоволство, без калкулации и без финансиска корист. А, кога срцето е среќно и полно со љубов, само тогаш може да сподели љубов со другите.

Промена

Можно е да откриете некој необичен и спонтан начин на креативно изразување, некое несекојдневно хоби или пак одеднаш ќе започнете да експериментирате во љубовта. Ако вие не откриете сами што е тоа што ви причинува најголемо задоволство во животот, ќе ви покаже Уран. Па, во улога на катализатор на промените, тој би можел да ви предизвика најнеочекувани настани во љубовниот живот, почнувајќи од интерес за необични партнери или интерес за необични љубовни искуства. Преку краткотрајни и интензивни врски до непланирана бременост или шокови кои ќе ви ги приредат децата.

Осознавање

По завршување на седумгодишниот процес би требало да осознаете дека предуслов да бидете здрави, среќни и способни да дадете љубов е прво да го нахраните своето внатрешно дете и своето срце. А, увидот што ќе го добиете за причините што ве спречуваат и за мотивите што ве поттикнуваат да сакате некого, ќе ви помогне да ги подобрите своите љубовни врски во иднина.

Водолија

Будење

Можеби семејството дава сигурност и чувство на припадност, но истовремено тоа е базата во која што ги стекнуваме нашите навики, комплекси и трауми кои можат да бидат длабоко вкоренети во нас и да го кочат нашиот развој. Во следните 7 години Уран ќе ја разбуди во вас желбата да се ослободите од пипците на семејното влијание и на семејната судбина, да заминете од семејното гнездо, да се преселите. Па, дури и да ги прекинете односите со членовите на семејството кои не ве почитуваат и да започнете да го живеете својот живот според свои правила.

Промена

Доколку немате сила за вакви радикални потези, тогаш Уран ќе ви помогне во промената, со тоа што ќе ви наметне преселување во нова средина кое сте го планирале или кое ќе дојде непланирано. Потоа, можно е често да го менувате местото на живеење. Можно е да се случат непланирани промени на односите во вашето семејството или меѓу неговите членови или пак неочекувани случувања поврзани со родителите.

Осознавање

По завршувањето на седумгодишните Уранови лекции, откако ќе се прилагодите на промените, вие ќе можете да ја видите вашата лична и семејна историја од поинаков агол, ослободени од товарот на емоциите. Дури тогаш ќе можете да се помирите со некои свои горчливи искуства од минатото. А, кога тоа ќе се случи, пред вас ќе се отвори иднината. Поубава и поблескава отколку што сте се надевале.

Риби

Будење

Во следните 7 години Уран ќе ја активира вашата жед за нови искуства, за патувања, за знаења. Наеднаш ќе забележите дека ве привлекуваат некои необични идеи што претходно не сте ги забележувале. Можеби ќе ви падне во очи некоја необична област што малкумина ја знаат, а вие ќе сакате да ја проучите. Но, можно е да откриете и нови начини на кои ќе можете да го изразите своето мислење, освен Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Додека вашите односи со роднините и соседите би можеле да станат променливи и непредвидливи.

Промена

Како што вашиот ум ќе се отвора за новите увиди и сознанија за функционирањето на светот околу вас, така ќе се промени и вашето разбирање и толкување на настаните во светот и во вашиот живот. Но, новиот начин на размислување ќе влијае на вас да бидете подиректни во комуникацијата со луѓето, да ги шокирате со своите ставови или да ги провоцирате со своите нестандардни идеи и со начинот на изразување. Некои од вас ќе го продолжат школувањето, други пак ќе го прекинат.

Осознавање

По истекот на седумгодишниот Уранов процес на промени, вие ќе сфатите дека сте стекнале навика подлабоко и појасно да ги гледате работите околу себе. Подобро ќе ги разликувате важните информации од тривијалните и од спиновите. Како сунѓер ќе впивате нови знаења. И што е најважно, ќе добиете некој нов шарм, на кој никој не ќе може да му одолее.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне да ги откриете причинско-последичните врски меѓу вашиот минат и сегашен живот, ќе ви открие што се случувало во вашиот минат живот, како тоа се рефлектира на вашето однесување и на случувањата во сегашниот и која е целта на вашето раѓање.


Наталната карта што ја добив е фантастична!
Ви благодарам многу што ми го подаривте огледалото на мојот живот :) 

Виктор К., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2020
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби