In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Внимавај кого пушташ во својот живот

 

Внимавај кого пушташ во својот живот
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

„Понекогаш Господ не ја менува твојата ситуација,
бидејќи се обидува да го смени твоето срце“

Оваа мудра забелешка од непознат автор во потполност ја опишува ситуацијата во која се наоѓаше Оливера, дента кога прв пат се видовме. Но, таа, секако, во тој момент не беше свесна дека треба нешто да се менува во нејзиното срце. Како повеќето од нас и Оливера си живееше во свој филм, во кој таа е успешна жена, професорка на факултет и е мажена за успешен лекар. Меѓутоа, за успехот во нејзините очи да биде комплетен и недостасуваше само дете. Токму тоа беше и причината поради која ме посети.

„Знаете, ми се допаѓаше она што го работевте на телевизија“ зборуваше Оливера додека си го бараше најудобното место на троседот, упорно избегнувајќи да ме погледне во очи. „Имам другарки што биле кај вас и многу ве фалеа, ама јас сум научник, не верувам баш во астрологија.“

И тука, наместо да ја прекинам и да ја прашам што мајка бара кај мене, ја оставив да го продолжи својот монолог, упорно обидувајќи се да воспоставам контакт со нејзините сини очи. „Дури не сакам другарките да знаат дека сум била кај вас. Знаете, кога човек има проблеми се ќе проба. А, јас што се не пробав да забременам. Десет години се мачиме со сопругот по лекари. Правевме дури и вештачко оплодување. Ама ништо. Јас веќе наполнив четириесет години. А, тоа е времето што одамна си го зацртав во глава како краен рок да забременам и сега ме фаќа паника. Па, си реков дека нема ништо да загубам ако слушнам што имаат ѕвездите да кажат за мојот случај.“

И покрај целата надменост во првиот контакт со мене, Оливера ми беше симпатична поради фактот што почувствував дека под арогантната фасада ја крие својата несигурност и збунетост.

Со цел да ја охрабрам и истовремено да го кажам моето мислење одговорив:

„Ха, па токму тие што не веруваат во астрологијата најмногу ги сакам. Токму тие стануваат најголемите верници откако ќе се уверат во нејзините моќи. Всушност, да не одиме понатаму. Јас сум првиот пример за тоа. Почнав да ја истражувам астрологијата за да му докажам на мојот другар, кој го обожаваше Нострадамус, дека се работи за чисти глупости наменети за лековерни луѓе. Кој знае, можеби сакав да си докажам и себеси? Меѓутоа, како подлабоко навлегував во темата барајќи ги доказите што ќе сведочат против неа, астрологијата ми се откриваше во сиот свој раскош и сјај. Ме заведе и без да почувствувам кога и како, јас се вљубив во неа. И еве ме денес тука, пред вас, како стојам на бедемот на нејзината одбрана“ реков јас смеејќи се гласно. А, кога забележав дека Оливера ме гледа со сомничав израз на лицето продолжив: „Всушност, има една изрека која вели дека на крајот човек секогаш ja прифаќа онаa вистина што на почетокот ја негирал од дното на душата.“

„Леле не дај Боже да е така“ извика Оливера со широко отворени очи во знак на запрепастеност.

„Зошто?“ прашав јас малку збунето.

„Па, затоа што најмногу се плашам дека ќе останам без деца.“

„Не верувам во тоа. Гледајќи ја вашата Натална Карта можам да забележам дека не постои причина за таков страв. Ништо не упатува на тоа дека би имале проблеми околу забременувањето. Ако зборувам отворено, вашиот проблем се наоѓа во нешто друго. Имено, вашата Натална Карта има еден куп показатели кои откриваат дека вам кариерата ви значи повеќе од се друго. Па, докажувајќи се во светот на мажите, вие сте ги потиснале своите женски особини, во кои спаѓа и мајчинскиот инстинкт.

Е сега, кога сте етаблирана во кариерата, детето ви фали да го ставите како ремек дело врз купот на вашите дипломи, како круна на вашиот успех во животот. Но, забременувањето не се случува тогаш кога вие сте посакале и тоа е проблем.“

Оливера ме гледаше со прашалници во очите не сфаќајки сосема што и кажувам и само додаде: „Па и лекарите не најдоа проблем ниту кај мене, ниту кај сопругот. Наводно, се е во ред со нашите репродуктивни органи, само што јас не забременувам. Дури едно време помислив дека веројатно проблемот е во маж ми, ама дека лекарите го скриваат тоа од мене, бидејќи се солидаризираат со својот колега. Меѓутоа, бевме и во странство и резултатите се исти. Ние двајца сме здравствено во ред. Меѓутоа, јас не останувам трудна ниту со потпомогнато оплодување. Дури си помислив дека можеби некој ни направил магија. Има многу луѓе што ни завидуваат. Може ли тоа да се види во Наталната Карта? Може ли некако да се отстрани?“

Некако наивно ми прозвучеа овие зборови кога ги слушав како излегуваат од устата на една образована личност, за каква што се претставуваше Оливера. Од друга страна секогаш ме лути кога астрологијата ја поврзуваат со магијата, а посебно кога некои некадарници ја злоупотребуваат човечката мака и лековерност. Меѓутоа, се обидов гласот да не ми звучи грубо кога реков: „Астрологијата нема врска со магијата, иако некои што сакаат да заработат на туѓата мака и лековерност тоа го претставуваат на таков начин. Меѓутоа, во вашиот случај, мислам дека е потребно да направиме Споредбен Хороскоп, за вас и сопругот. Тој најпрецизно ќе ни покаже во што е проблемот. А, до тогаш, заборавете малку на кариерата и престижот. Тренирајте женственост. Омекнете ја својата душата за да може телото да се отвори и да прифати нова душа во себеси. И другиот пат кога ќе дојдете да знаете дека нема да ве персирам.“

Како и што претпоставував Споредбениот Хороскоп на Оливера и нејзиниот сопруг покажуваше дека тие во се ќе имаат успех како пар, меѓутоа не ќе можат да имаат заеднички деца. Попрецизно кажано, Оливера ќе можеше да зачне од Сашо само доколку тие не беа во брак, бидејќи на тој начин судбината ќе ја лечеше нејзината гордост преку понижување. Меѓутоа, сега, откако се во брак, можноста се затвораше. Кога ова и го соопштив на Оливера таа разочарано ме праша: „И што сега, треба да се разведеме? Нема друго решение?“

„Кога би го направила Споредбениот Хороскоп пред да стапиш во брак со Сашо, би ви советувала прво да го направите детето, па после да се венчате. Сега нема друг излез освен со сите сили да се трудиш да ја победиш гордоста, да ги зауздаш машките аспекти на твојата личност и за сметка на тоа да ги засилиш женските. Направи промена во изгледот, фризурата, стилот на облекување. Уживај во фактот дека си жена. Покажи милост и нежност. И престани да живееш во очекување на секоја следна менструација. Прифати дека нема да имате деца. Па, кога најмалку ќе очекуваш, можеби ќе се случи токму тоа што најмногу го посакуваш. И на крајот, не знам дали е подобро да знаеш или не, но најголема веројатност за такво нешто ќе има за 2 години.“

Кога по 2-3 години повторно дојде да го запише својот Соларен Хороскоп, Оливера беше друга личност. Опуштена, смирена, со поинаков израз на лицето. Прво ислуша што имав јас да кажам. Вредно, како учениче, го запиша секој мој збор. Но, на мое изненадување, најмногу се вознемири кога и кажав дека би можела да има проблеми со роднините на сопругот.

„Како со роднините на сопругот? Се гледа ли зошто? Мора ли да се тоа роднини на сопругот? Може ли да бидат роднини на љубовникот?“ исфрлаше таа рафал од прашања.

Иако ме збуни со тоа што го кажа, само одговорив: „Во астрологијата за сопруг се смета секој човек со кој ја делиш својата постела, без оглед на тоа дали си венчана со него или не. Порано не постоело склучување бракови ниту во општина, ниту во црква, а луѓето живееле заедно. Бракот е измислена институција од човекот.“ Мојот одговор ја натера да се подотвори и да ми ја каже вистината.

„Ги послушав твоите совети минатиот пат. Започнав повеќе да уживам во малите нешта. Повеќе се дружев со пријателите, се грижев за себеси, своето здравје и изглед. Ги правев работите што ми носат задоволство. Всушност, се трудев да го живеам животот онака како што би правела кога никогаш не би имала деца. Со маж ми се повеќе се оддалечувавме. Ама веќе ни тоа не ми беше важно. И како што рече ти, тогаш кога најмалку очекував се случи чудо. Се вљубив во еден човек со кој професионално соработував.“ Додека го кажуваше ова, ликот на Оливера ту попримаше насмеан израз, ту се намрштуваше. Но, гледајќи колку е сосредоточена на тоа што го кажува решив да не ја прекинувам со прашања, па таа не забележувајќи го мојот поглед ја истураше пред мене содржината од својата душа.

„Тој е симпатичен, екстремно харизматичен, начитан, информиран. Не сум сигурна каква и колкава е неговата наобрзба, но тоа не ми беше важно. Ми импонираше тоа што е познат во јавноста. Каде и да одевме сите го поздравуваа. Неговото мислење со задоволство го слушаат и моќните и обичните луѓе. Во прво време не сакав да ги сфатам премногу сериозно неговите комплименти, бидејќи мислев дека е оженет. Постар е десетина години од мене и плус е од друга вероисповед. Но, тој беше упорен. Не му пречеше што сум во брак. Сто пати на ден ми праќаше пораки и песни на месинџер. Ми цитираше цели пасоси од Малиот Принц и од Галебот Џонатан Ливингстон. Со мотор доаѓаше пред мојата зграда само да ме види. Се колнеше дека е разведен, дека нема никакви обврски кон бившата жена и дете, бидејќи син му е веќе возрасен и работи во странство. Ми делеше комплименти „шаком и капом“. И така полека ми се вовлече под кожа. Па, водењето љубов си дојде спонтано, како најприроден чин меѓу маж и жена.“

Зборувајќи го ова нејзините очи почнаа да потемнуваат и да добиваат злокобен изглед. Затоа се прашував што е следното што има да ми го каже. А, Оливера задлабочена во сликата што ја гледаше пред нејзините очи продолжи да зборува како да прераскажува филм што моментно го гледа:

„И замисли, останав бремена од тој преварант“, протатна во моите уши.

Не знаев како да изреагирам, бидејќи веста што ја слушнав беше нешто што таа долго време посакуваше да и се случи. Но, тонот со кој ми го соопшти тоа и нејзиниот изглед покажуваа тага и незадоволство. Затоа, ги голтнав прашањата што ми паѓаа на памет и ја оставив да зборува.

„Откако останав бремена ми кажа дека всушност се уште е во брак. „Не дека тој ја сакал жена му“, ми велеше, „Туку нејзините браќа, а и син му, не дозволувале да се разведе. Дека многу сакал деца, но дека бил стар да биде татко. А, плус и загубил многу пари во некоја инвестиција и немал со што да започне нов живот. Дека сум го ставила пред свршен чин итн...итн...Ми рече да прекинеме да се гледаме извесно време, додека не ги среди работите во својот живот. Што да ти кажам? Сите го мислат за многу паметен човек, а тој во суштина е неизживеан и неодговорен тинејџер. Згора на тоа и склон на алкохолот.“

„Неговово однесување ми личи на синдромот на Петар Пан, како што велат во психологијата. Возрасен маж, според годините, кој одбива да порасне. Но, батали го него. Што направи ти со бременоста?“ се обидував да ја поддржам.

„Го родив бебето. Сега имам прекрасно девојченце кое личи на него. Моите беа против и ден денес не зборувам со нив. Со мажот се разведов. Но, бременоста ја сфатив како дар од Бога. Како последна шанса да станам мајка. Па, кој сака нека се буни. Тоа е мој живот и моја одлука. Тука многу ми помогна последниот разговор со тебе. Да не беше тој разговор, можеби ќе помислев да абортирам и да се поштедам од туѓиот потсмев и неодобрување. Но, во клучниот миг ми поминаа низ глава твоите зборови дека мојата гордост ќе се лечи низ понижувачки ситуации.“

„Е, па значи се си дојде на свое. Тогаш во што е проблемот?“ бев љубопитна јас.

„Имам закани од семејството на преварантот или на Петар Пан, како што го викаш ти. За нив јас сум неморална жена која му го растурила бракот. Им пречи моето дете. Тие мислат дека јас сум знаела дека е во брак, дека сум се полажала мислејќи дека е богат и дека намерно сум планирала да го заглавам со дете. Ете, тоа не ми дава мир“, ми образложи Оливера.

„Во тој случај ќе мора да ја проголташ својата гордост и да стапиш во контакт со неговата жена“ продолжив јас. „Па, нејзе, како жена на жена, да и раскажеш дека си била во заблуда. Дека не си знаела за неговата семејна ситуација, дека тој те лажел. А, жена му, би требало да го препознае неговиот стил на однесување и неговите изрази во твоите муабети и гневот да го сврти кон вистинскиот причинител. Всушност, вие и двете сте жртви на еден неодговрен, незрел и нарцисоиден човек.“

И тоа беше отприлика текот на мојата последна средба со Оливера. Дали се смири со преварантот, дали стапи во контакт со жена му, дали нејзините родители го прифатија нејзиното дете, а нивно внуче, се уште не знам. Меѓутоа, нејзината животна сторија, драги мои пријатели, неодоливо ме потсетува на Легендата за Вистината и Лагата:

Оваа легенда раскажува дека Вистината и Лагата во дамнешни времиња се сретнале случајно на патот.

„Добар ден“ рекла Вистината.

„Денот е прекрасен“ и го подзела зборот Лагата.

Вистината се подзамислила дали тоа што го зборува Лагата е точно и оценила дека е така.

„Да. Навистина денот е прекрасен“ потврдила Вистината.

„А, уште поубаво е езерото“ продолжила Лагата.

Вистината повторно се подразмислила дали тоа што го зборува Лагата е точно и оценила дека е така.

Тогаш Лагата дотрчала до водата и извикала:

„Но, најубава од се е водата. Ајде да пливаме.“

Вистината ја допрела водата со прстите да провери дали е добра и оценила дека е бистра, топла и прекрасна за бањање, како што впрочем рекла Лагата.

Тогаш и Вистината и Лагата ги соблекле своите одела и започнале да пливаат во топлата и бистра вода. По некое време, додека вистината мижејќи лебдeела над водата, Лагата излегла од езерото, го облекла оделото на Вистината и си заминала без поздрав. Вистината, откако се свестила, се обидела да го облече оделото на Лагата, но никако не и поаѓало од рака. Оделото не и било точно. Затоа започнала да оди гола, додека сите се згрозувале кога ќе ја виделе. И од тогаш луѓето повеќе сакаат да ја видат Лагата облечена во одело на Вистината, отколку голата Вистина.

Што би можела уште да додадам на ова, драги мои пријатели? Човек треба да внимава кого пушта во својот живот. Бидејќи, луѓето на кои ќе им ги отворите портите на својата душа, би можеле тоа да го сфатат како ваша слабост. Па, гордите ќе сакаат да ве понижат. Љубоморните ќе сакаат да го украдат она што е ваше. Алчните ќе се обидат да ве искористат. Додека емотивните инвалиди ќе си поиграат со вашите емоции.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие на кои болести сте склони и зошто. Па, откако ќе ги победите причините, ќе исчезнат и негативните последици по вашето здравје.


Наталната карта што ја добив е фантастична!
Ви благодарам многу што ми го подаривте огледалото на мојот живот :) 

Виктор К., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби