In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Ретрограден Меркур во Риби

Француски бакнеж

Годишен хороскоп за 2020 година

Ни претстои неочекувано среќен период

Во што се крие благословот

Ретрограден Меркур во Шкорпија

Што ќе ни донесат ѕвездите во октомври 2019?

Венера во Вага - Време за Љубов

Млада Црна Месечина на 30 август 2019

Немаш ни благодарам

Ќе ја сретнеш својата судбина

Ни на Небо, ни на Земја

Затемнување на Месечината на 16 јули 2019

Не ја мати водата

Ретрограден Меркур во Лав И Рак

Талентот е Божји дар

Вера, Надеж и Љубов

Сиротата мала богаташка

Ѕвезденото небо над светот во јуни 2019

Двете Марии

Скршеното огледалце

Цветна, Сина Месечина на небото на 18-ти мај

Министерот со шешир и темни очила за сонце

Ѕвезденото небо над светот во мај 2019

Љубовта е во воздухот

Нека го фрли првиот камен...

Сатурн коњукција Плутон

Ќерката на офицерот со ружи

Ретроградни планети - што ќе ни донесат?

Ѕвезденото небо над светот во април 2019

Кралот на Троседот

Оној што спасил живот

Ветената Земја

Ретрограден Меркур во Риби

Имаш лице какво што заслужуваш

Женски Болести

Јами Мами од Мајами

Јупитер во Стрелец

Ѕвезденото небо над светот во ноември

Ако сте родени меѓу два хороскопски знака

Внимавај кого пушташ во својот живот

Пониското и повисокото ниво на секој знак

Ѕвезденото небо над светот во октомври

Затемнување на Сонцето на 13-ти јули 2018

Ѕвезденото небо над светот во јули

Исправи се, Викторија!

Ретрограден Марс во Водолија

Ѕвезденото небо над светот во јуни

Уран во Бик

Ѕвезденото небо над светот во декември

 
Објавено на 28.11.2018 во 15:59

Ѕвезденото небо над светот во декември
 

(Стрелците најсреќни на секој план, Лавовите и Раковите во љубовта)

Крупните промени што се случија на ноемвриското ѕвездено небо, драги пријатели, во декември само ќе го имаат својот финиш. Така, Меркур, планетата на рационалниот ум, комуникациите и трговијата, до 6-ти декември ќе се движи ретроградно во Шкорпија, покажувајќи си ги своите негативни особини како што се: доцнењето, лажењето, крадењето, невниманието, површноста, озборувањето. А, потоа од 6-ти до 10-ти декември ќе зема замав да тргне во директен од. И токму во деновите од 6-ти до 10-ти декември, ќе кулминираат неговите најнегативни особини.

Потоа, во остатокот на месецот, Меркур ќе се движи низ авантуристички расположениот Стрелец, со што ќе се зголеми нашиот интерес за патувањата, дружењето, убавата храна и задоволствата, духовниот живот, религијата. Но, ќе се зголеми и нашата желба да ја откриеме вистината, во личните и професионални односи, во политиката. И навистина, до вистината би требало да дојдеме преку нашите интуитивни увиди на ситуацијата или преку некои непланирани случувања кои ќе ја изнесат на виделина. Посебно во деновите од 17-ти до 26-ти декември 2018, кога Јупитер ќе го прифати Меркур во пријателска прегратка.

Венера, планетата на љубовта, уметноста и земните задоволства, ќе се обидува да ги поправи рушевините во нашите љубовни односи (посебно кај оние кои имаат силна Вага или Шкорпија во својата Натална Карта) што ги создаде додека се движеше ретроградно низ Шкорпија и Вага во октомври и ноември. Па, оние односи кои биле квалитетни, по потресите кои ги доживеаја во периодот од 5-ти октомври до 16-ти ноември, во декември треба да се зацврстат. Додека оние кои веќе биле потрошени, ќе се соочат со својот крај.

Инаку, Венера од 3-ти декември повторно влегува во порочната Шкорпија, каде што не се чувствува баш како своја на своето, и тука ќе остане до 8-ми јануари 2019 година. Меѓутоа, поради одличните аспекти кои ќе ги прави со Сатурн, Марс и Плутон, би можела да ни донесе средување на проблемите во љубовните односи. Така, во периодот од 8-ми до 25-ти декември ќе имаме шанса да се сретнеме со некоја стара љубов и да ја затвориме комуникацијата на човечки начин. Но, можно е и да ја продолжиме врската на позрел начин.

Додека во периодот од 21-ви декември 2018 до 3-ти јануари 2019 година, поради хармоничниот однос меѓу Венера и Плутон, би можеле да ни се случат кармички љубовни средби или средби со стари љубови за кои ќе треба да оцениме каде припаѓаат, во минатото или во иднината? Ова посебно ќе го почувствуваат Шкорпиите, Раковите, Биковите, Јарците и Овните. Хармоничниот пак однос на Венера со Марс, исто така во последната недела на декември, открива дека во сета таа љубовна драма ќе има и размена на силни страсти и добар секс.

И воинствениот и храбар Марс, со пола сила и затапен меч, ќе го продолжи својот меланхоличен пат низ нестабилните и занесени Риби, со што би требало да се намали агресијата во меѓучовечките односи. Но, затоа пак ќе се зголеми консумацијата на алкохолот и останатите стимулативни средства. Додека оние кои се занимаваат со некоја креативна или уметничка професија, во декември ќе го доживуваат својот креативен и афирмативен бум. Уште повеќе ако Рибите и Шкорпијата се нагласени во нивната Натална Карта.

Јупитер во декември ќе продолжи со посигурен и оптимистички чекор да се пробива низ слободољубивиот Стрелец, каде што се чувствува свој на своето. Додека Уран, кој, по кусото ѕиркање на територијата на инертниот Бик повторно се врати во енергичниот Овен, кој повеќе му одговара по темперамент, ќе се крие на последните степени од Овен одолговлекувајќи го преминот во Бик. Нептун и понатаму бавно и занесено ќе се движи низ Риби. Додека Плутон ќе вежба цврстина и моќ во Јарец.

Планетарната конфигурација во декември за секој знак

Начин на читање: Вашата ситуација најточно ќе ја опишува текстот што одговара на вашиот Подзнак.

Но, потоа можете да ги проширите своите сознанија со текстот што одговара на вашиот знак.

Доколку не го знаете својот Подзнак (Асцендент), направете го бесплатниот примерок на вашата Натална Карта на оваа страна.

Предвидувањата се работени само според знакот (позицијата на Сонцето), затоа се повеќе информативни. Само Предвидувањата изработени според вашата Натална Карта можат да дадат најточни информации, бидејќи се работени само за вас. Тоа е така затоа што во Наталната Карта има уште 9 небески тела чии што аспекти би можеле да ја сменат целата слика.

Овен

Некаде до 10-ти декември, неповолната позиција на Меркур би можела да ви донесе непланирани проблеми на финансиски план, проблеми со враќање на заеми, кредити, даноци, проблеми со извршители. Но, од 13-ти декември кога Меркур ќе започне директно да се движи низ Стрелец, а посебно во периодот до 17-ти до 26-ти декември, Меркур во тандем со Јупитер здушно ќе работат на вашата среќа, драги Овни. Посебно, ако сте родени во првата декада на вашиот знак и ако сте студенти или работите како професори, правници, писатели, туристички работници.

Па, веројатно лесно ќе ги полагате испитите, ќе заминете на патување, ќе се случи позитивен пресврт во вашиот живот после комуникацијата со странство и странци, со луѓето вработени на факултетите, во дипломатските претставништва или некој судски спор ќе заврши во ваша корист. И покрај тоа не се опуштајте премногу, бидејќи Марс до 2-ри јануари 2019 година ќе ги направи силни оние кои ви завидуваат и кои ви работат зад грб. Во тоа ќе се убедите во периодот од 5-ти до 15-ти декември. Тогаш е можно да бидете мета на нивните валкани игри, наместени во некоја дискредитирачка ситуација. Додека во периодот од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019 година, средбата на Сонцето со Сатурн би можело негативно да се рефлектира на вашата кариера и углед или пак тогаш ќе ги согледате последиците на вашите постапки од минатото.

Под влијанието на Венера, би требало да порасне вашиот интерес за сексот. Поради хармоничниот однос меѓу Венера со Марс и Плутон, во последната недела на декември би можеле да започнете некој страстен љубовен однос кој ќе мора да го криете или пак ќе имате средба со личност со која сте кармички поврзани, со цел да ги одработите кармичките задачи.

Бик

Декември обично не е ваш месец, но оваа година правилото ќе трпи промени, драги мои Бикови. Па, од 5-ти до 15-ти декември, вие или некој ваш пријател, би можеле да дојдете до креативен пристап во реализацијата на една ваша цел или во реализацијата на вашите идеи. Ако пак вашата професија е поврзана со банките, инвестициите, осигурителните компании, даночната управа, тогаш декември ќе биде месец за напредување на професионален план. Додека решение за некој проблем во кариерата или награда за вашиот досегашен труд ќе добиете во периодот од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019, кога Сатурн и Сонцето ќе го имаат својот заеднички танц на небото. Посебно ако сте родени во првата декада на вашиот знак.

Но, декември ќе биде и месец кога би можеле да дојдете до повеќе пари, награда во вид на пари, добивка преку наследство, преку партнер, од инвестиции или од осигурување. Посебно во периодот од 17-ти до 26-ти декември, кога Меркур и Јупитер ќе ја направат својата заедничка офанзива низ хедонистички расположениот Стрелец.

Венера пак ќе се труди да ја поврати хармонијата во вашиот брак и партнерски односи, кои ви ги поткопуваше во октомври и ноември. Посебно во периодот од 8-ми до 25-ти декември, кога ќе работи со здружени сили со Сатурн. Додека во периодот од 21-ви декември 2018 до 3-ти јануари 2019 година, под влијанието на хармоничните вибрации на Венера и Плутон, би можеле да имате кармичка средба со една личност од која би научиле се за моќта и контролата на силата, во љубовните и професионални односи.

Близнаци

Декември ќе биде мошне напорен месец за вас, драги Близнаци. Бидејќи, во првите десетина дена од месецот ретроградниот Меркур ќе ја мати вашата љубовна среќа. Под неповолното влијание на неговите вибрации како на филмска лента ќе се менуваат искушенијата на план јавно мислење и туѓа поддршка. Тие ќе бидат зачинети и со проблеми со бизнис партнерите или во бракот. Ова посебно се однесува на родените во првата декада на знакот.

А, масло на огнот ќе додаде и Марс, кој до 2-ри јануари 2019 година би можел да ви испровоцира немири на професионален план, како и во комуникацијата со претпоставените. Неговата активност ќе биде засилена и од конфузните вибрации на Нептун во периодот од 5-ти до 15-ти декември, кога е можно да биде загрозен вашиот углед и позиција поради некои вешто исфилувани лаги. Од друга страна, би било пожелно да ги искористите здружените сили на Меркур и Јупитер, во периодот од 17-ти до 26-ти декември, и да побарате помош од правници, адвокати, учени луѓе, од вашите пријатели.

Пријателски подадената рака меѓу Венера и Сатурн во периодот од 8-ми до 25-ти декември, би требало да ви донесе разрешување на некој стар проблем поврзан со некои од колегите кои сексуално ве привлекуваат. Па, вие ќе го сфатите значењето на поговорката која вели дека „Онаму каде што се вади лебот, не се...води љубов“. А, ако љубовта веќе се водела, мангуп е оној кој стоечки ги поднесува последиците.

Рак

До 10-ти декември, додека Меркур зема замав да тргне во директен од во Стрелец, можно е да имате проблеми во комуникацијата со колегите, да направите грешки во документацијата, да имате проблеми со компјутерот или телефонот, кои ќе ви пречат во работата, драги Ракови. Од друга пак страна, во периодот од 17-ти до 26-ти декември, тандемот Јупитер-Меркур ќе ви делува поттикнувачки на професионален план. Ќе имате чувство дека некако работите ви се местат сами од себе онака како што вие сте посакувале. Па, ако вашата работа е поврзана со образованието, адвокатурата, спортот, новинарството или работите со странство, на позитивното влијание на Меркур и Јупитер ќе се надоврзе и позитивното влијание на Марс. Па, поволниот период на професионален план ќе се продолжи се до 2-ри јануари 2019 година.

Затоа пак вашиот љубовен живот во декември би требало да процвета. Па, во третата декада на месецот можно е да се случи средба со некоја ваша дамнешна кармичка љубов. Но, кога Сонцето и Сатурн ќе се соединат на небото, во периодот од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019 година, вашите проблеми во бракот и партнерските односи или ќе се вратат на почеток или ќе се разрешат или ќе ставите крај на брачната агонија. Посебно ако сте родени во периодот од 27-ми јуни до 11-ти јули.

Лав

Иако Јупитер во вашето поле на љубовта навестува новини во љубовниот живот, почнувајќи од 9-ти ноември 2018, па до 3-ти декември 2019 година. Заради ретроградниот Меркур, некаде до 10-ти декември, во вашиот љубовен живот би можеле да се јават недоразбирања во комуникацијата со партнерот. Можно е да бидете жртва на озборувања, да дознаете компромитирачки работи за партнерот, да доживеете навреди. Додека, ако имате деца, тие би можеле да ве лажат, отворено да ви се спротивстават, да се докажуваат со вас кој е во право, а кој не. Но, затоа во периодот од 17-ти до 26-ти декември би требало да ви се случи среќен пресврт во љубовниот живот. Посебно ако заминете на патување или имате контакт со странци, со професори, новинари, спортисти.

Професионално, првата третина од декември ќе биде проблематична за Лавовите уметници, педагози, за оние кои работат на местата за забава и во обложувалниците. Но, од 17-ти до 26-ти декември здружените сили на Меркур и Јупитер ќе ја свртат ситуацијата во позитивен правец. Додека во периодот од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019 година, блискиот контакт меѓу Сонцето и Сатурн ќе ви донесе враќање на старите професионални проблеми, судир со авторитетите во работната средина, потреба од посериозен пристап кон работата или решение за некогашните проблеми и шанса за напредување.

Марс пак во периодот до 2 јануари 2019 ќе се обидува да ве наведе на неразумен однос кон парите. Затоа, внимателно со кредити, кредитни картички, со парите на партнерот, при поделба на наследство, при плаќање даноци, во контактот со извршители. Посебно од 5-ти до 15-ти декември кога средбата на Марс со Нептун може да ви направи конфузија во главата, па некој тоа да го искористи за да ве убеди да влезете во непланиран трошок.

Девица

Проблемите од ноември ќе продолжат и во месец декември, драги мои Девици, бидејќи вкрстениот оган меѓу планетарните вибрации ќе продолжи да ве напаѓа. Не џабе се вели дека во борбата на Титаните, страда тревата. Со ова не сакам да ве загрижам повеќе отколку што можете да поднесете, сакам само да кажам дека треба да се подготвите за предизвиците што ќе ви ги донесе периодот што доаѓа. Значи, од една страна, своите непријателски вибрации кон вас ќе ги испраќаат и Марс и Нептун. А, ќе се манифестираат како проблеми во бракот, ситуации кои негативно ќе влијаат на вашиот углед и на мислењето што јавноста го има за вас. Уште повеќе ако и вашата професија е јавна.

До 10 декември, под влијанието на ретроградниот Меркур, можно е да паднат тешки зборови меѓу вас и родителите или меѓу вас и останатите членови на семејството. Во овој период никако не се препорачува да купувате, продавате или делите недвижен имот, бидејќи ќе биде на ваша штета. Периодот до 10-ти декември посебно ќе биде неповолен за Девиците што работат во градежништвото, во агенциите за недвижности, за Девиците архитекти и декоратери. Затоа пак ситуацијата сосема ќе се измени и ќе се смени во позитивна, во периодот од 17-ти до 26-ти декември, под влијанието на позитивните вибрации на тандемот Меркур-Јупитер.

Контактот на Сонцето со Сатурн во периодот од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019 година ќе ги актуелизира вашите стари љубовни проблеми кои ќе бараат од вас да донесете зрели одлуки. Додека во периодот од 21-ви декември 2018 до 3-ти јануари 2019 година можно е да сретнете една своја кармичка љубов на улица, на гости кај соседите, на некое предавање.

Вага

Цел месец декември ќе биде одличен на финансиски план, драги мои Ваги. Но, некаде до 10-ти декември, додека Меркур ќе се движи наназад, можно е да се соочите со недоразбирања во комуникацијата со луѓето, да испратите доверливи документи на погрешна адреса, да го ставите својот потпис на погрешен документ, да имате проблем на некое патување, да платите казна за погрешно паркирање или пак да бидете жртва на крадци. Затоа, ќе треба да внимавате што и кому зборувате, каде се движите, каде го чувате паричникот и вредните работи.

Затоа пак во периодот од 17-ти до 26-ти декември кога Јупитер и Меркур со здружени сили ќе чекорат низ Стрелец, ќе заживее вашата потреба да ги затоплите односите со роднините. Но, ќе се разбуди и вашиот порив за учење. Можеби ќе заминете на непланирано патување. Додека во периодот од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019, кога на небото ќе се сретнат Сонцето и Сатурн, би можеле да се актуелизираат старите проблеми во комуникацијата со родителите и останатите членови на семејството или пак проблемите поврзани со домот, местото на живеење и недвижниот имот.

Во тек на цел месец декември, па се до 2 јануари 2019, Марсовите вибрации би требало да ве направат поагресивни на работното место, со желба за докажување. Така, веројатно ќе си натоварите на врат нови обврски, но и нови непријатели. Тие во периодот од 5-ти до 15-ти декември можно е да ве наклеветат или да ви постават некоја сопка. Не реагирајте лекомислено! Исто така, не заборавајте дека не смеете да претерувате со работата и со нервозата, бидејќи на тој начин би го загрозиле здравјето. Спортувањето би било одличен вентил за ослободување од стресот и за јакнење на издржливоста на вашето тело. Во спротивно ќе ви опадне имунитетот, па ќе бидете подложни на разни инфекции, воспаленија, висок притисок.

Шкорпија

Иако ноември е ваш месец, драги Шкорпии, кога вие ја регенерирате својата сила и го почнувате својот нов, едногодишен циклус, оваа година под влијанието на неповолните вибрации на ретроградната Венера, ноември помина прилично конфузно за вас. Затоа, декември ќе биде месецот на ваше опоравување. Венера во директен од во вашиот знак ќе ви го поврати шармот, заводливоста и способноста да уживате во животот. Така што сите ќе забележат дека сте се разубавиле и дека повторно зрачите заводливо и среќно, како во најубавите времиња.

Оваа позитивна промена би требало да ви донесе шанса за убави случувања на љубовен план во третата декада на декември или контакт со некоја ваша кармичка љубов во периодот од 21-ви декември 2018 до 3-ти јануари 2019. Љубовта ќе добие на страст поради влијанието на Марс во Риби. А, таа страст не би требало да попушти до 2-ри јануари 2019 година. Додека најромантичниот период на љубовен план ќе биде од 5-ти до 15-ти декември кога Марс ќе се сретне со Нептун.

До 10-ти декември би требало да внимавате да не направите погрешен потез на финансиски план, бидејќи би можеле да претрпите финансиска загуба. Но, во периодот од 17-ти до 26-ти декември, кога Меркур и Јупитер ќе ги здружат своите сили, вие ќе можете да се пофалите со поголем профит, можно е да ги вложите парите во некоја исплатлива инвестиција, да добиете покачување на платата, хонорарна работа или пак драматично ќе се подобри вашата финансиска состојба после некое патување или после некоја средба со луѓе од друг град или држава.

Стрелец

Доколку Меркур беше во директен од, неговите вибрации засилени со вибрациите на Јупитер, вашиот владетел, во вашиот знак, ќе ве направеа најсреќни во текот на цел месец декември, драги мои Стрелци. Но, движејќи се наназад во првите десетина дена на декември, Меркур ќе го намали вашето доживување и ќе ја забави вашата среќа, создавајќи ви проблеми во комуникацијата. Под негово влијание би можела да се засили вашата потреба да кажувате што навистина мислите, без огради и промислување. Тоа би можело да ве вовлече во конфликти со повредените страни и да ви ги намали симпатиите кај луѓето. Посебно ако вашата професија е јавна, ако сте новинари, адвокати или политичари.

Затоа, пак во периодот од 17-ти до 26-ти декември, кога Меркур ќе биде во цврста прегратка на Јупитер, би требало да се случи некаков поголем, позитивен пресврт во вашиот живот. Можно е да доживеете некаква позитивна промена на приватен или професионален план, да заминете на патување, да започнете нов проект кој ќе ви носи успех, пари и популарност во иднина.

Додека, во периодот од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019 година кога Сонцето ќе се сретне со Сатурн на небото, би можела да се појави потреба да отплатите некои ваши стари финансиски долгови, да имате финансиски проблеми или непланирани трошоци.

До 2-ри јануари 2019, под влијанието на агресивните Марсови вибрации ќе се засили вашата своеглавост и бунтовност. Заради тоа ќе сакате да живеете онака како што вие сте замислиле дека треба, нема да покажувате обѕири кон членовите на семејството и со тоа ќе создадете наелектризирана атмосферата во домот. Додека односот со членовите на семејството ќе биде конфликтен. Ситуацијата ќе биде отежната ако одржувате таинствена љубовна врска или ако ги криете своите чувства и намери. Затоа, внимавајте што правите додека се уште има време! Бидејќи, онаму каде што поминал огнот останува пепел. А, од пепел дом не се гради.

Јарец

Тенденцијата да се затворате во себеси и да чувате тајни, која започна во ноември, драги мои Јарци, ќе продолжи и во месец декември. Меѓутоа, во првите десетина дена на декември можеби ќе се појават некакви проблеми поврзани со некоја вам блиска личност за кои ќе ви биде срам да зборувате јавно, можеби вашите таинствени непријатели ќе дознаат за тајните и ќе постои опасност да ве искомпромитираат или целото тоа играње криенка-миженка психички ќе ве оптоварува и ќе ви го ремети сонот. Како и да е, кога Меркур ќе тргне во директен од и ќе го сретне Јупитер, во периодот од 17-ти до 26-ти декември, би требало да се случи нешто што ќе предизвика позитивен пресврт во вашиот живот и ослободување од психичкиот товар.

Додека во периодот од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019 година кога Сонцето и Сатурн ќе имаат блиска средба во вашиот знак, вие ќе донесете важни одлуки за вашата иднина. Посебно ако сте родени во периодот од 28 декември до 10-ти јануари. Притоа, ако сте родени на 30, 31 декември и 1,2 јануари, случувањата во вашиот живот можеби нема да ви се допаѓаат, но нема да зависат од вас. Затоа, ќе биде подобро да ги прифатите, наместо да се противите. Но, ако сте родени на 10 и 11 јануари би требало да доживеете подлабока трансформација на вашата личност која најчесто оди преку посилни потреси во животот. Но, можно е да разрешувате и некои кармички долгови на љубовен план.

Во периодот до 2-ри јануари 2019 година, додека Марс престојува во вам пријателските Риби, би можеле да покажете иницијатива за обновување на вашите контакти со роднините и соседите. Но, во истиот период би требало да бидете повнимателни во сообраќајот. А, во последната недела од декември, хармоничниот однос меѓу Марс и Венера ви ветува убави случувања на љубовен план, некакво заедничко патување со саканата личност или шанса за авантура на некое патување.

Водолија

До 10-ти декември, додека Меркур е ретрограден, очекувајте дека вашите планови за иднината или ќе се распаднат како меури од сапуница или ќе мора да ги смрзнете до некои поповолни услови или ќе мора да се откажете од нив. А, пријателите од кои ќе очекувате поддршка и разбирање би можеле да ве разочараат, драги мои Водолии. Но, кога Меркур ќе тргне во директен од и ќе го сретне Јупитер, во периодот од 17-ти до 26-ти декември, ситуацијата ќе се сврти во сосема друг правец. Па, можно е да се појави некој заборавен пријател кој сега живее во странство и да ви подаде рака за помош. Но, помош би можеле да добиете и од некоја политичка партија, клуб, здружение, невладина организација.

Потоа, кога Сонцето ќе го сретне Сатурн на небото, од 27-ми декември 2018 до 10-ти јануари 2019 година, тоа ќе ги осветли работите што за вас беа тајна. Така ќе го дознаете името и намерите на оние кои ви работеле зад грб, со што ќе им ја одземете моќта. Во овој период ќе биде пожелно повеќе да одморате, бидејќи стресот низ кој поминувавте од 5-ти октомври до 27-ми декември би можел да го земе својот данок во здравје. Од друга страна, Марс во периодот до 2-ри јануари 2019 ќе ви помогне да заработувате пари брзо и многу. Но, со каква брзина ќе заработувате, со таква и ќе ги трошите.

Уран пак укотвен на прагот од вашето поле на домот открива дека ве очекуваат промени на местото на живеење или во односите со членовите на семејството во периодот што следува.

Риби

Иако сте познати како сензитивни, а не енергични и агресивни луѓе, вие драги мои Риби ќе прштите од енергија во периодот до 2-ри јануари 2019 година, додека Марс ќе се обидува да го одржи својот несигурен чекор минувајќи низ вашиот знак. Но, има една поговорка која вели дека „Додека силата трупци тркала, умот царува“. Оттука, енергијата е опасна ако човек ја поседува, но не знае како да ја канализира. Во тој случај од благослов се претвора во проклетство, бидејќи предизвикува изливи на бес, поттикнува на конфликти, истерување на правдата, борба со ветерници, користење алкохол и опијати. Затоа, памет во глава и најдете вентил за ослободување од вишокот енергија.

Професионално, во првите десетина дена на декември ретроградниот Меркур би можел да ви донесе проблеми во кариерата, во комуникацијата со колегите и шефовите. Затоа, ќе биде неопходно да внимавате што и кому зборувате, кому се доверувате. Во принцип, воздржете се од озборувања, внимавајте на што ставате свој потпис и кому праќате важни документи, бидете колегијални, не заземајте ничија страна. Откако Меркур ќе тргне во директен од и ќе го сретне Јупитер, во периодот од 17-ти до 26-ти декември, можете да очекувате среќен обрт на ситуацијата на план кариера. Па, дури е можно да го смените работното место за подобро, да заминете на работа во странство, да напредувате, да добиете покачување на платата.

На план љубов, можно е да го обновите контактот со некоја стара љубов во периодот од 8-ми до 25-ти декември. Додека, ако патувате некаде во периодот од 21-ви декември до 3-ти јануари, би можеле да сретнете една своја кармичка љубов од минатото.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие кои се вашите скриени таленти, во кои професии би можеле да постигнете најголем успех, каков е вашиот однос со колегите и претпоставените и зошто, какви се вашите потенцијали на финансиски план.


Од секогаш сакав да си одговорам на моите големи, длабоки прашања. После средбата со вас и читањето на мојата натална карта сите одговори си дојдоа на своето место... Наталната карта ме разбуди, упати да тргнам по правата патека од мојот живот. 

Р.Б., Штип


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2020
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби