In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Имаш лице какво што заслужуваш

 

Имаш лице какво што заслужуваш
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

На дваесет години имаш лице какво што ти дала природата.
На триесет години имаш лице какво што ти го обликувал животот.
Но, на педесет години добиваш лице какво што заслужуваш.
~ Коко Шанел

 

Воодушевувачки точна констатација на кралицата на модата. Не знам дали таа ги познавала законите на метафизиката. Но, очигледно совршено ја познавала природата на човековата душа. А, како и не би, кога цел живот работела со различни луѓе и карактери, а притоа имала моќ да ги забележува и анализира деталите. И токму како што забележала Коко Шанел, духот ја обликува материјата. Па, ако малку прочешлате низ својата меморија веројатно ќе ви текне на некои луѓе кои ги познавате, а кои во младоста можеби биле просечни, според убавината. Но, биле добродушни и топли, полни со љубов за секого. Убедена сум дека тие луѓе, во своите зрели години, имале убави и благи црти на лицето и зрачеле со посебна привлечност. Барем јас познавам многу такви. Исто така, ако размислите ќе ви текне дека ликовите на луѓето кои се занимаваат со убави работи, кои читаат духовни книги, кои искрено се молат или медитираат, со текот на времето добиваат попрефинета форма. Да не одиме подалеку, доказ за тоа е актерот Шон Конери.

Големиот мистик, Петар Днов во својата долгогодишна духовна работа има забележано дека три нешта ги вајаат цртите на лицето. Тој тврди дека Љубовта кон Љубовта ја формира устата. Љубовта кон Мудроста го обликува носот. Додека Љубовта кон Вистината го формира челото, погледот и очите. А, кога Љубовта кон животот во еден човек намалува, според Днов, виснуваат образите. Во една од своите книги тој објаснува дека секоја клетка на човекот има меморија за праисконскиот дом од каде потекнала, за Божјата Љубов. Па, кога човек прави лоши работи, во него автоматски се вклучува механизмот кој сака да го врати од погрешниот пат. Тогаш, без разлика дали е свесен за тоа или не, таквиот човек започнува да се осудува себеси. А, како резултат на тој процес почнува да старее. Од друга страна, кога човекот е подготвен да учи од своите грешки, да се менува себеси и да го поправа својот карактер, тогаш започнува да се подмладува.

Овие искуства за кои зборуваат духовните луѓе се одлична лекција за најголемиот број модерни жени, и по некој маж, кои се огрезнати во материјалниот свет и во притисокот од медиумите да бидат секогаш совршени и да останат вечно млади. Па, обидувајќи се да дојдат до инстант решение на својата потреба за вечна младост, убавината ја бараат по вештачки пат. Меѓутоа, повеќето луѓе знаат, посебно оние кои посегнале по инстант методите, дека колку операции и да направат, колку ботокс и филери да ставаат, нивното лице за кусо време се деформира следејќи го импулсот на чувствата. А, медицината го оправдува тоа со силата на гравитацијата. Меѓутоа, вистината е малку поинаква, а причините подлабоки. Па, ако прифатиме дека убавината е духовна категорија и дека духот ја обликува материјата, тогаш кога човек во душата чувствува омраза, завист, гнев, злоба, неговото тело ќе го следи импулсот на неговиот дух и душа. Како резултат на овој процес, неговото лице ќе добие израз кој одговара на овие чувства.

Дека оваа теорија се потврдува и во пракса доказ е моето вистинско искуство. Беше тоа некаде пред крајот на дваесеттиот век. Бев удобно сместена во неудобните фотелји на МНТ и нестрпливо чекав операта да почне. Светлата беа се уште запалени кога почувствував како некој или нешто ме влече за косата. Во прв миг помислив дека самата сум ја потфатила косата при движење. Но, не. Влечењето се повтори. Кога се свртев позади да утврдам во што е проблемот, моите очи се сретнаа со збунетите и насмеани лица на две повозрасни дами, од кои едната ми изгледаше постара од другата. Па, претпоставив дека се мајка и ќерка или некои пријателки. Бидејќи шашавиот изглед на нивните лица не ми откриваше за што станува збор, ги прашав:

„Дали се познаваме?“ Тие на тоа започнаа гласно да се смеат и постарата од нив ми рече:

„Не, не се познаваме. Ама имаш толку убава коса девојче, што се прашувавме дали е вистинска или перика?“

„Аха...И ме потегнавте пред цела сала за да проверите? А што ако беше перика? Требаше ли да ме посрамотите пред сите?“

Откако го реков ова се завртев напред. Во тој миг светлата се изгасија и започна претставата. А, во мене чувството на згаденост од недоличната постапка на жените полека започна да се топи пред убавата музика и прекрасните костими.

За време на паузата додека разговарав со моите пријатели, забележав како жените, учеснички во претходниот срамен настан, ми се приближуваат, фатени рака под рака. И таман да им избегам во друг правец, во нивните погледи забележав израз сличен како на кутрињата кога се фатени во некоја беља. Затоа останав на местото љубопитна да дознаам што ново ќе ми приредат. Овој пат, помладата од нив, се извини за нивната претходна непромислена постапка, рече дека постојано ме гледаат на ТВ и отсекогаш биле вљубени во мојата коса, но и во мојата работа. Затоа, ако им простувам, тие би сакале да им ги направам нивните Хороскопи. Изразот на нивните лица покажуваше искрено каење, па попуштив и им реков да ми ги запишат податоците.

Моето изненадување беше огромно кога на ливчето што ми го дадоа видов дека се родени истата година, имаа по 55 години, само со неколку дена разлика. Така, Софија, онаа која ми личеше помлада, беше родена на средината на септември, а Елизабета, Бети, беше родена кон крајот на истиот месец. Затоа, беа различен знак во Хороскопот, едната Девица, другата Вага. Ги замолив уште еднаш да си ги проверат податоците за да нема грешки. А, всушност бев убедена дека згрешиле во годината на раѓање на Бети. Откако проверија, и двете, во еден глас процрцореа: „Нема грешки! Така е! Едвај чекаме средба!“ „И извинете за инцидентот пред малку“, додаде Бети.

Е, дури тогаш не можев да си објаснам зошто она што го гледав пред мене не одговара на датумот на раѓање запишан на хартија. Уште повеќе што во тоа време се уште не постоеја ботокси и филери или нивната употреба беше во зародиш, главно во Америка.

Наталната Карта на Софија, онаа помладоликата, не беше воопшто сјајна. Покажуваше тежок живот, проблеми поврзани со бракот, проблеми околу забременувањето. Додека Наталната Карта на Бети, онаа што во првиот контакт ми личеше дека и е мајка на Софија или барем многу постара сестра, беше Карта на личност која не требаше да има проблем со парите, требаше да биде убава, обожавана од мажите и да се занимава со креативна работа.

Прво се сретнав со Софија. Беше таа жена со маслинест тен, со впечатливи црти на лицето, со густа, костенлива коса која разиграно ги следеше контурите на нејзиното лице и раскошно се слеваше на рамењата. За разлика од неа, Бети имаше подолга коса без форма, изшарана со повеќе бели отколку костенливи влакна, што и даваше изглед на бездомничка. Зелените очи не се гледаа под спуштените капаци. А, брчки имаше и по целата должина на опуштените образи. Додека Софија беше висока, јадра жена. Бети беше со истата височина, но со многу килограми повеќе отколку што и требаа.

Кога и ја раскажав на Софија приказната за нејзиниот живот која ја покажуваше нејзината Натална Карта, таа почна да им додава детали, бои и чувства на раскажаните сцени:

„Потекнувам од многу сиромашно семејство. Со денови јадевме само питулици со некаков сос од лук, за да им даде некаков вкус, што мајка ми го имаше научено од нејзината баба. Јас бев бистро и послушно дете. Секогаш бев измиена, во чиста облека која самата попладне ја перев и ја сушев на печка, со цел наутро да одам чиста на училиште. По завршувањето на средното училиште морав да се вработам, бидејќи моите родители немаа пари да ме школуваат понатаму. И таму, на работното место се случи класична љубовна приказна меѓу мојот директор и мене, неговата секретарка. Тој беше постар 20 години, женет, со деца. Џентлмен од стар ков. Елегантен, културен, галантен. Дури и кога немаше време не одбил никого кој ќе дојдел кај него на разговор или да побара совет. Умееше секого да го сослуша, да му влезе во положението, како што викаа вработените.“

„Како заврши тоа на крајот?“ бев нестрплива јас да чујам.

„Јас долго време избегнував да имам врска со него иако секојдневно ми делеше комплименти и мали подароци, повеќе како израз на внимание, отколку како начин да ме купи со подароци“, ја продолжи Софија својата љубовна приказна.

„Ќе ми ставеше на пример по некое чоколатце на бирото. По некое цветче кое ќе го набереше некаде по пат. И така, неговите убави манири и близината си го направија своето. Започнав врска со него која траеше со години. Не дека тој не сакаше да се земеме, тоа ми го зборуваше уште од првите денови на врската. Туку неговата жена не сакаше да му даде развод, го уценуваше со децата.“

„Ииииии....“ почнав да го губам трпението јас.

„И почнавме да живееме невенчано, што беше брука за тоа време. Јас го сакав и бев убедена дека нема да најдам друг таков маж ако го оставам. Иако моите се откажаа од мене, а наидовме и на неодобрување од средината. Но, мене не ми беше важно. Знаев дека родителите ме сакаат и еден ден ќе ми простат, а за луѓето не ми беше гајле. Зарем тие ќе дојдат да ме гушнат кога сама ќе лежам во празниот и студен кревет?

„Добро, а од каде ја знаете Бети?“, се обидов јас да ја насочам приказната во друг правец.

„Покрај тоа што ми се случуваше на приватен план, јас не знаев како таа приказна ќе заврши. Дали Нестор, така се викаше мојот џентлмен, ќе и потклекне на тагата кон децата на кои што жена му им забрануваше да го видат? Дали ќе престане да ме сака? Дали ќе ме остави? Сакав да имам повеќе шанси во животот, што и да ми се случи. Затоа, се запишав вонредно на факултет и на полагање на еден испит ја запознав Бети. Но, до пред некоја година, додека не почина маж ми, значи се омажив за Нестор, со Бети бевме само на едно „Здраво, како си?“. Интензивно се дружиме откако таа се јави да ми изјави сочувство и дојде да ме види. Инаку, како што вели Наталната Карта имав проблеми и со бременоста. Неколку мои бремености завршија со спонтан абортус. Лекарите мислеа дека се предизвикани од стрес, бидејќи немаше физички причини за тоа. Но, тоа не можеше да ме скрши. Јас сакав да имам дете. Не од кој било. Сакав да имам дете од мажот што го сакам и бев решена да имам. Па, бременоста со првиот син ја одлежав во кревет. А, после испробаниот рецепт го повторив и со вториот.“

„А, тогаш се уште не бевте во брак?“ сакав да ги знам деталите.

„Неее. Тоа дојде многу подоцна. И да ти кажам воопшто не ми беше важно. Јас бев обожавана од мажот што го сакав, живеевме заедно, имавме деца, ништо повеќе не ми требаше. Од каква корист и беше неговиот потпис на венчаницата на жена му кога тој повеќе не ја сакаше? Единствено ми беше жал затоа што забележував дека тој страда, бидејќи не ги гледа своите деца. Но, кога тие станаа свои луѓе, веќе никој не можеше да им ги забрани средбите. Тие доаѓаа кај нас на гости, станавме како една голема фамилија. Во тоа време, Нестор веќе се беше развел и потоа се венчавме. Јас не бев многу загреана за таа церемонија, но нему му беше важно.“

„А, од што почина?“ ме интересираше.

„Не заборавај дека беше постар 20 години од мене. Имаше неуспешна операција на простата.“

Меѓутоа, нејзината Натална Карта покажуваше дека за две години би можела повторно да се вљуби. На овие мои зборови таа само одмавна со рака и рече:

„Нека биде како што Господ сака. И онака не можеш ништо да направиш ако тој не сака.“

Неколку дена по разговорот со Софија се сретнав со Бети. Веќе ви раскажав дека беше тоа жена со запуштен изглед. Но, зад напукнатата фасада се забележуваше дека на времето била вистинска убавица. Ми делуваше како да и е веќе здосадено од животот. Меѓутоа, за таквото нејзино чувство јас не гледав оправдување во нејзината Натална Карта. Додека и ја раскажував нејзината содржина, вертикалните брчки на нејзиното чело, веднаш над носот, стануваа подлабоки. Тогаш бркна во својата чанта, го извади паричникот, од него извади некоја фотографија од студентските денови и ми ја подаде. Широко ги отворив и очите и устата како рефлексна реакција на неверување. На фотографијата пред мене стоеше преубава девојка со долга разбушавена руса коса, која заводливо гледа во фотоапаратот додека рацете и беа на колковите во предизвикувачка поза. Беше облечена во бела кошула без ракави врзана на струкот и капри панталони со точки чија боја не се гледаше заради тоа што фотографијата беше црно-бела. Олицетворение на Брижит Бардо од млади години.

Задоволна од шокот што го предизвика кај мене Бети рече:

„Да, да. Таква лепотица бев. Немаше машко во градов што не ме посакуваше. Жарев и палев и не ми е жал.“

„Наталната Карта покажува дека веројатно цел живот ќе останете немажена, но ме интересира како се случи тоа?“ се претворив јас целата во уши, бидејќи информациите што ќе ги чуев ме интересираа и како човек и професионално.

„Па, не знам. Ете, изгледа така требало да биде“, се насмеа таа пребирајќи по мислите и сеќавањата, па продолжи:

„Потекнувам од богато семејство каде што се знаеше редот. Како треба да јадам, да седам, како да разговарам со родителите, како да се однесувам со непознати луѓе. Јас не смеев да го посрамотам името на семејството. Мајка ми ме запиша на балет, бидејќи, според неа, тоа беше добра активност за една жена. Дома ми доаѓаше професорка за клавир. Бев слатка како бонбона и сите ме обожаваа.“

„Тогаш каде е проблемот“, се трудев јас да го забрзам раскажувањето.

„Додека бев во гимназија почнав да чувствувам бунт кога некој ќе ми наредеше нешто. Посебно ме нервираше мајка ми со нејзиното „трeба вака“, „треба така“. Почнаа да ми се допаѓаат момчиња што важеа за фраери, а тие обично не беа по школото. Во мода беа филмовите со Џемс Дин, рок музиката и сето тоа ми беше поинтересно и полно со живот, за разлика од шпиртосаните пријатели на моето семејство и нивните деца.

Бегав од часови, но моите секогаш ме оправдуваа пред професорите. Навечер, откако моите ќе заспиеја, скришум излегував да се видам со дечковците. Бев секс бомба во тоа време. Машките лудуваа по мене. А, јас не можев да се заљубам во ниеден и само ги менував. Така останав бремена. Кога им кажав на моите, тие, за да го сокријат срамот, ме испратија во Србија кај баба ми до породување. Па, мојот син го израсна баба ми. А, јас, кога можев, одев да го видам.“

„Никогаш ли не живеевте со синот?“ ми беше чудно, па прашав.

„Никогаш. Кога стана полнолетен замина за Шведска. Денес е женет, има две деца. А, девојчето личи на мене. Но, кога му се јавив да му кажам дека сакам да му дојдам на гости, ми рече дека нема место. Дека ќе бидам лош пример за неговите деца. Тогаш Софија ме советуваше да одам кај него пред врата, без да му се најавам, бидејќи кога ќе ме види во живо сигурно поинаку ќе реагира. Се забрав дури до Шведска. И знаеш што се случи? Зборуваше со мене пред врата и не ме пушти внатре. Ми рече што не сум дошла додека бил мал, кога по цела ноќ плачел и ме барал, а не сега кога сум одртавела и треба да ме чува. А, после ме испрати во хотел. Каква неблагодарност? Тој ми го должи животот, бидејќи да не бев јас немаше да се роди, така да знае“, рече Бети повеќе од немоќ. А, јас молчев бидејќи не знаев што да кажам на тоа. Го разбирав синот и некако го оправдував. Но, жал ми беше да и кажам.

За да го сменам муабетот ја прашав:

„А, што е со вашата креативност? Како ја искористивте?“

„Никако. Остана само љубовта кон музиката. Па, кога можам и кога финансиите ми дозволуваат одам на опера, на концерти.“

„Колку што можев да видам во Наталната Карта не би требало да имате проблем со парите“ се обидов да и дадам до знаење дека не е се така црно, како што и се чини.

„Моите беа богати, јас ќерка единица. Ама парите се трошат. Јас никогаш не работев. Откако моите починаа, живеам во нивната куќа со моите кучиња и мачиња. Тие се мојата љубов. Само тие никогаш не ме изневериле. Ги имам вкупно 15. За сега.“

Сакав да и кажам дека ситуацијата е можеби обратна, дека таа е личноста која ги изневерила своите блиски, но ми текна дека џабе ќе зборувам, па прашав:

„Од што тогаш живеете и зошто не сте работеле кога сте завршиле факултет?“

„А, не. Факултетот не го завршив. Софија го заврши. Јас повеќе не се вратив на испит, бидејќи не сакав да му се понижувам на еден од професорите, сељак, кој знаеше дека нема шанси кај мене и постојано ме буткаше на испит.“

„Па, зошто не сте барале да полагате пред комисија?“, почнав јас да го губам трпението.

„Ако полагав пред комисија ќе морав да го знам материјалот 100%, а не вредеше да го учам. Плус, тој што ми беше дечко ми предложи да ја пропатуваме Европа на мотор. И тоа ми беше поважно, во тој миг. Што да правиш? Младост-лудост. Сега живеам од кириите што ги добивам од станчињата што ги издавам. Ама тоа има и издатоци. Станарите не се луѓе, стока се. Па, нон-стоп нешто расипуваат, а јас морам да поправам...“

Продолжението на разговорот не е ни важен, драги пријатели. Можете да претпоставите дека муабетот продолжи во тој тон, како другите не чинат, како сите останати се виновни, како само таа е жртва. Измачувако и иритирачко искуство. Меѓутоа, разговорот ми помогна да сфатам зошто Бети изгледаше како да и е мајка на Софија или барем многу постара сестра. Негативните чувства и раскалашениот живот го зеле својот данок во убавина. А, таа не сакаше да ја види вистината, да ги признае своите грешки и да го поправи своето однесување. Она што е потребно човек да направи, според Петар Днов, за да ја сочува младоста. Додека Софија во секоја работа ја бараше убавата страна и предноста, Бети, иако со далеку подобра стартна позиција во животот, во секоја работа го гледаше само лошото. Сепак, оваа вистинска случка од мојата пракса ме иницираше поуката која ќе ја упатам до вас, драги пријатели да ја побарам во богатата ризницата на усни преданија на чироки индијанците. Приказната оди вака:

Дедото чироки, сакајќи на својот внук да му открие важна животна лекција на сликовит начин, почнал да му раскажува:

„Треба да знаеш дека во секој човек, постојано, во текот на целиот негов живот се води битка помеѓу доброто и злото.“

Сфаќајќи дека внукот го гледа бледо, бидејќи не ја разбира метафората, дедото продолжил да ги обликува своите мисли како да се фигури од пластелин:

„Еве, замисли ги доброто и злото како два волка. Во волкот на злото се сместени бесот, омразата, зависта, љубомората, мрзливоста, дрскоста, алчноста, гревот, одмаздата, вината и лагата. Додека волкот што го претставува доброто ги чува во себе љубовта, вербата, мирот, надежта, сочувството, дарежливоста, вистината.“

Внукот веќе станал нестрплив и цупкајќи со ногата го прашал дедото: „Добро дедо, ама кој волк на крајот ќе победи?“

Дедото молчел неколку секунди, со цел да ја зголеми драмата и значењето на одговорот, а потоа поентирал:

„Ќе победи тој што го храниш.“

Кратка и едноставна приказна во која се крие една есенцијална вистина за животот. Но, впрочем таква е и вистината.

А, вие, драги мои пријатели, сега запрашајте се кој волк во вашата душа храните вие?! Искрениот одговор на ова прашање ќе ви објасни зошто вашето лице изгледа младо или старо.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие каков е вашиот однос со родителите и зошто, но истовремено ќе ви покаже како да ги подобрите односите со блиските и околината.


Од секогаш сакав да си одговорам на моите големи, длабоки прашања. После средбата со вас и читањето на мојата натална карта сите одговори си дојдоа на своето место... Наталната карта ме разбуди, упати да тргнам по правата патека од мојот живот. 

Р.Б., Штип


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби