In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Кога умира душата?

Колку трае еден ден на секоја планета

Крадци

Светот е глобално ријалити шоу

Луѓето се како очи

Убавите круши...

Како да знаеме дали е наше тоа што ќе дојде

Ретрограден Марс во Овен

Најголемата слабост на секој знак

Бони и Клајд

Несудената Фрида Кало

Јуни 2020 - Месец на две Еклипси

Сите бои на Виножитото

Љубов, Ах Љубов

Човекот наречен Надеж

Сатурн во Водолија

Ретрограден Меркур во Риби

Француски бакнеж

Годишен хороскоп за 2020 година

Ни претстои неочекувано среќен период

Во што се крие благословот

Ретрограден Меркур во Шкорпија

Што ќе ни донесат ѕвездите во октомври 2019?

Венера во Вага - Време за Љубов

Млада Црна Месечина на 30 август 2019

Немаш ни благодарам

Ќе ја сретнеш својата судбина

Ни на Небо, ни на Земја

Затемнување на Месечината на 16 јули 2019

Не ја мати водата

Ретрограден Меркур во Лав И Рак

Талентот е Божји дар

Вера, Надеж и Љубов

Сиротата мала богаташка

Ѕвезденото небо над светот во јуни 2019

Двете Марии

Скршеното огледалце

Цветна, Сина Месечина на небото на 18-ти мај

Министерот со шешир и темни очила за сонце

Ѕвезденото небо над светот во мај 2019

Нека го фрли првиот камен...

Сатурн коњукција Плутон

Ќерката на офицерот со ружи

Ретроградни планети - што ќе ни донесат?

Ѕвезденото небо над светот во април 2019

Кралот на Троседот

Оној што спасил живот

Ветената Земја

Ретрограден Меркур во Риби

Љубовта е во воздухот

 
Објавено на 24.04.2019 во 08:39

Љубовта е во воздухот
 

(Кој е мојот идеален партнер?)

 

Во многу земји во светот, љубовниот пар, пред да стапи во брак, бара мислење од астролог за тоа дали и колку партнерите меѓусебно си одговараат во љубовта, сексот, секојдневниот живот. Дали има кармички оптоварувања во нивната врска и како таа би се развивала кога тие би стапиле во брак. Овие информации можат да се дознаат само преку прецизна анализа на индивидуалните Натални Карти во комбинација со Споредбениот (Синастрички, Компаративен) Хороскоп.

Овој пат, ќе ги споредиме само вашите хороскопски знаци за да добиете увид каков е квалитетот на вашата врска и зошто и со кого најмногу би се согласувале. А, доколку имате потреба од попрецизни информации, би требало да го изработите вашиот Споредбен Хороскоп.

Овен

Овен - Овен

Вашиот прв контакт со сигурност бил непосреден и страстен, бидејќи вие еротски се привлекувате толку силно и отворено што на луѓето околу вас им е непријатно. Потоа, се ќе се одигра жестоко и брзо. Па, не е препорачливо подолго да се бакнувате, бидејќи би можеле да доживеете оргазам пред воопшто да почнете со сексот. А, и усните би можеле да ве болат уште долго време потоа. И добро е додека горите заедно. Меѓутоа, имајте предвид дека еден од вас побрзо ќе се засити и тогаш започнуваат љубоморните сцени и деструктивното однесување.

Овен - Бик

Изреката „Кој се тепа, тој се сака“ е сигурно инспирирана од некој случај сличен на вашиот. Бурни страсти, по кои следуваат бурни кавги и обратно, би бил кусиот опис на вашиот однос. Вистина е дека вие сексуално ненормално се привлекувате. Но, за да остварите добар сексуален живот и да можете да доживеете оргазам, Овенот мора да го намали огнот и да го забави темпото, додека Бикот треба да биде побрз во реакциите. Тоа е така затоа што Овенот брзо се пали и брзо доживува оргазам. А, на Бикот му е потребно време и стимулација да стартува, но после може да издржи сексуален маратон.

Овен - Близнаци

Врската меѓу вас најверојатно почнала како пријателска. А, потоа за кусо време прераснала и во љубовна, бидејќи Овенот ќе ја внесе страста во сексуалната игра, она што им недостасува на Близнаците. А, Близнаците, со својот талент за раскажување приказни, со својата информираност и разиграност, ќе го направат секојдневниот живот на Овенот поинтересен. Проблемот би можел да се јави поради тоа што и двајцата сте неверни по природа. Но, додека Близнаците можат да му прогледаат на Овенот низ прсти за по некое негово неверство, тој е премногу љубоморен да им возврати на истиот начин. Затоа врската меѓу вас веројатно нема долго да трае.

Овен - Рак

Вашата врска би можела да опстане само доколку Ракот е жената и доколку имате заеднички деца. Притоа, Ракот ќе го понесе сиот товар од заедничкиот живот на свој грб и може долго да го потиснува своето незадоволство заради мирот во куќата. Но, еден ден овој нерамноправен однос мора да пукне, бидејќи задоволството во сексот на долги патеки е неодржливо. Овенот бара оган и страст, додека Ракот бара сигурност и длабоки чувства. Сепак, решавачкиот судир меѓу вас би можел да биде предизвикан заради семејството, домот, родителите и татковината.

Овен - Лав

Вашата врска наликува на филмска приказна и има предиспозиции долго да трае. Вие размислувате и се однесувате речиси на идентичен начин. И едниот и другиот сте луѓе од акција, амбициозни. Си помагате еден со друг да се искачите на повисоките скалила на хиерархијата. Сакате на ист начин. Вашиот сексуален чин е интензивен и брз, без многу бакнувања, без перверзии, бидејќи за тоа нема време. Дури и кога се карате, вие се мирите преку креветот. Бракот ќе ги подобри вашите животи. А, заедничките цели би ве направиле взаемно верни.

Овен - Девица

Вашата врска веројатно наликува на комуникацијата меѓу две радија кои работат на различна фреквенција. Имате спротивставени мислења речиси за секој аспект од животот. Имате различно животно темпо и начин на изразување. Откако првичната страст ќе помине, Овенот ќе ја обвинува Девицата дека е студена. А, всушност ќе се нервира дека Девицата постојано ќе го критикува со аргументи. Додека Девицата ќе се згрозува над простачкото и насилно однесување на Овенот. Но, Овенот има посилна волја. Па, ако Девицата е мажот во врската, лесно ќе подлегне на волјата на Овенот и ќе се претвори во папучар.

Овен - Вага

Оваа врска има поголема шанса за опстанок ако сте во зрели години. Вие сте толку различни, но шармот на Вагата одлично се надополнува со страста на Овенот и тоа е гаранција за интересни игри во креветот. Дури е можно во тие игри толку да се занесете што предиграта ќе ви стане поважна од самиот сексуален чин. Но, откако ќе ја изживеете првичната маѓепсаност од вашиот однос, тогаш Овенот ќе започне да и замерува на Вагата за нејзината неодлучност. А, таа ќе се згрозува од неговата недоделканост и нерафинираност.

Овен - Шкорпија

Ова е опасна комбинација меѓу две личности со жесток карактер и желба за доминација. Посебно ако сте млади. Во тој случај, сексуалната привлечност меѓу вас се гледа од авион. Но, и избувливоста е исто така заедничка особина која се јавува кога ќе почувствувате дека другиот сака да ви наредува и да ви кажува како да го живеете својот живот. Во тој случај секој од вас ќе биде подготвен да ја докаже својата надмоќ што е почеток на борбата за доминација до истребување. Ако сте повозрасни и ако сте работеле на надминување на недостатоците во вашите карактери, тогаш меѓу вас би можела да се оствари една страсна врска.

Овен - Стрелец

Вашата врска е речиси идеална. Привлечноста меѓу вас сигурно се јавила спонтано и вие веднаш, без многу зборови, сте преминале директно на секс. Сексот бил со темпо, интензитет и страст што ви одговарал на обајцата. Па, вие сте сакале што е можно побрзо и почесто да го повторувате тоа прекрасно искуство. Надвор од креветот вие сте се поврзале и на интелектуален план, сте станале пријатели. И сето ова е совршено. Проблемите во Рајот би можеле да се појават заради тоа што и едниот и другиот сте импулсивни и неверни.

Овен - Јарец

Ова е речиси невозможна комбинација. Па, вистинско чудо е што воопшто сте се привлекле. Можеби ве зближила заедничката работа. Но, по кусо време секој од вас ќе си ги покаже роговите, бидејќи и едниот и другиот ќе се трудите да ја наметнете својата волја. Што се однесува до љубовните работи, Овенот ќе мисли дека Јарецот е претерано студен, пресметан и затворен. Додека Јарецот ќе го доживува Овенот како премногу груб и агресивен во љубовниот чин. Врската би можела да се одржи само кога Јарецот би бил поопуштен, а Овенот понежен.

Овен - Водолија

Оваа врска може да се одржи само доколку и двајцата сте интелектуалци ослободени од предрасуди. Инаку, контактот меѓу вас сигурно почнал одненадеж и жестоко, како гром од ведро небо. Па, ладнокрвната Водолија сигурно била збунета со страста што Овенот успеал да ја разбуди во неа. Но, ваквата врска не може долго да потрае, бидејќи Овенот ќе ја доживува Водолијата како личност која тешко се пали, а тој сака брз секс и веројатно ќе ја изневери. Додека Водолијата би можела да му го прости неверството и да го продолжи нивниот однос во вид на интелектуално-пријателска врска. Ако пак неверството го направи Водолијата, Овенот ќе ја остави уште во истиот миг.

Овен - Риби

Вашата врска е тешко одржлива на долги патеки, бидејќи е преполна со возбуда. Така, вие на почетокот сте си биле премногу еротски привлечни еден на друг. Но, сексот за кусо време ќе изгуби на квалитет, бидејќи ќе стане здодевен затоа што вие брзо ќе се презаситите еден од друг. Овенот секогаш бара страст, а Рибите романтика и заштита. Овенот ќе им замерува на Рибите за нивната неуредност. Додека Рибите ќе го доживуваат како гњаватор кој ги малтретира за ситници. А, бидејќи и двајцата не можете да се пофалите со претерана верност, решение за незадоволството во врската ќе побарате кај друга личност.

Бик

Бик - Бик

Вашата врска би можела да се окарактеризира како здодевна, но трајна. Вие, и двајцата, сте бавни и хедонисти. Затоа, случувањата во вашата врска ќе се вртат околу обезбедувањето на комфорниот живот и уживањето во храната. Но, ќе отсуствува поларитетот кој е неопходен за добар секс. Поради вашиот страв од промени, вашата врска ги има сите шанси да заврши со брак. Меѓутоа, бракот ќе опстане повеќе заради практични причини, отколку заради љубов. Ако во тој брак добиете машки деца, тие веројатно нема да имаат изразена полова припадност.

Бик - Близнаци

Ова е промашена еротска спојка, иако на почетокот врската сигурно делувала многу надежно. Шармантниот Бик има способност да ја заскокотка љубопитноста на Близнаците, со својот изглед, однесување или финансиска стабилност и тие по секоја цена ќе се трудат да го освојат. Но, потоа вашите сфаќања за животот и сексот се толку различни, што вие постојано ќе се нервирате еден со друг. Бикот ќе сака длабоки, трајни нешта и среден живот, додека површните Близнаци ќе се згрозуваат од рутината и ќе им недостасува забава. Добро ќе функционирате само на план секојдневен живот.

Бик - Рак

Вашата врска би можела да се нарече стабилна. Веројатно таа прво почнала како еротска привлечност меѓу вас двајца. Меѓутоа, откако ќе сфатите дека си одговарате по речиси сите животни прашања, би требало еротиката брзо да ја замените со брак и семејство. Потоа, во сите активности поврзани со домот и семејството вие беспрекорно ќе соработувате. Меѓутоа, во сексот ќе се однесувате неенергично и би требало за кусо време да ви стане здодевно. Но, и покрај тоа, вашата врска ќе трае и трае...

Бик - Лав

Оваа врска нема многу смисла, бидејќи и двајцата имате рафиниран, но многу различен вкус. Додека во сексуалниот чин секогаш нешто ќе недостасува за да бидете комплетно среќни и исполнети. И покрај тоа, има шанса вашата врска да опстане доколку се изолирате од друштвото и му се посветите на домот. Потоа, Бикот би требало да му препушти на Лавот да биде главен во врската, додека тој ќе може да ги користи угледот и позицијата на Лавот за практични цели.

Бик - Девица

Вашата врска ги има сите предиспозиции да биде стабилна и долготрајна, бидејќи вие си пасувате еден со друг како раката во ракавицата. Како прво, сакате исти работи. Потоа, цел живот вредно работите на стекнувањето на материјалната сигурност и комфорниот живот. Во сексот ниту едниот ниту другиот не барате премногу и се задоволувате со познатите работи кои се покажале како функционални. Се на се, вашата врска може да опстане, затоа што онаму каде што не фрчат искри, таму нема ниту кавги, туку само слога и долга љубов.

Бик - Вага

Вие умеете добро да се забавувате кога сте заедно. Но, интимно, Бикот за Вагата мисли дека таа не е искрена, дека премногу се преправа за да им се допадне на луѓето и да ги скрие вистинските мисли и чувства. Додека Вагата мисли дека Бикот е премногу сиров, брутален и нерафиниран. А, бидејќи во сексот уживате на различен начин и во различни работи, вашиот сексуален чин воопшто не е возбудлив. И покрај тоа, вие можете долго да опстанете заедно, бидејќи Бикот не бара многу. А, Вагата не сака јавноста да дознае за нејзината интима и за нејзиниот погрешен избор.

Бик - Шкорпија

Вие сте двата најизразени еротски типа меѓу хороскопските знаци, па се смета дека еротски толку многу се привлекувате што ќе се намирисате меѓу илјадници луѓе. Значи, меѓу вас постои опасна хемија, неверојатна физичка привлечност и страст. Потоа, откако ќе ги задоволите вашите незаситни сексуални апетити, вие би требало идеално да се надополнувате еден со друг во сите останати сегменти од животот. Единствено вашата взаемна љубомора би можела да биде отров за вашата врската. Сепак, на Шкорпијата ќе и пречи тромоста на Бикот. Па, можно е таа да излезе од врската ако Бикот не внесе повеќе динамика и разновидност.

Бик - Стрелец

Меѓу вас, на почетокот, сигурно постоела силна еротска привлечност. Но, вашата врска нема иднина и би требало да трае додека трае привлечноста. Во суштина, вие сте сосема различни природи кои тешко можат да ги усогласат своите карактери на долги патеки. Основниот камен на сопнување во вашата врска ќе биде дисхармонијата меѓу потребата на Бикот за стабилност и трајни вредности и вечниот порив на Стрелецот за слобода и авантура.

Бик - Јарец

Вашата врска не само што има прекрасна перспектива, туку, здружени заедно, вие можете да создадете огромен капитал. Меѓутоа, вашата врска веројатно не почнала бајковито. Вие и двајцата сте недоверливи кон луѓето, па сигурно ви требало долго време да се тестирате еден со друг додека не сте си ја изградиле довербата. Но, откако довербата веќе била стекната, била доволна една љубовна искра за да си дозволите да почувствувате љубов и страст еден кон друг. Потоа следува процесот на градење на вашата врска на темелите на вашето искрено партнерство и сексуална компатибилност.

Бик - Водолија

Вашите темпераменти се премногу различни за да опстанат заедно. Додека Бикот долго размислува што, како и дали да направи, Водолијата реагира брзо и не размислува за последиците од своите постапки. Додека Бикот е конзервативен и штедлив, Водолијата е лекомислена, ексцентрична, со широка рака. Во сексот, Бикот бавно се пали, но е многу издржлив и страстен. Додека Водолијата не може да се пофали со некоја страст и либидо, па затоа бара перверзни стимулации за да може да се заинтересира за сексуалниот чин. Единствено нешто што може да ве поврзе вас двајца е само дружењето, забавата, музиката, уметноста и децата.

Бик - Риби

Вие сте толку различни, а сепак блиски и одлично се надополнувате еден со друг. Страста меѓу вас ќе се разгори полека, со текот на времето и сексот никогаш нема да ви стане здодевен. Бикот знае да простува, а Рибите да трпат. А, добро ќе се согласувате и по прашање на финансиите, бидејќи и двајцата сакате да живеете опуштен и лагоден живот. Така, вашата врска би можела долго да опстане без сцени, инциденти и дилеми.

Близнаци

Близнаци - Близнаци

Вие и двајцата сте во постојана потрага по нешто подобро од тоа што го имате. Затоа, вашата врска би изгледала на следниот начин, би почнала како взаемен првичен восхит. Потоа ќе следува површна, лесна возбуда. Вие повеќе ќе зборувате за сексот отколку што кажаното ќе го спроведете во дело. По кусо време вашите сетила ќе се заситат од познатите дразби, па вие ќе побарате нова возбуда. Тоа ќе ве наведе на неверства. А потоа, се од почеток само со нова личност.

Близнаци - Рак

Меѓу вас постои некаков нарцисоиден облик на сексуална привлечност. Така, Близнаците на почетокот ќе бидат поласкани од чувствителноста и приврзаноста на Ракот. А, на Ракот ќе му ласкаат комплиментите што ќе ги чуе. Тоа би можело да ве приближи еден кон друг. Меѓутоа, за кусо време, желбата за промени кај Близнаците ќе стане толку неиздржливо силна што не ќе има место за компромис. Ситуацијата би била нешто подобра доколку жената е Рак, бидејќи на неа ќе се потпира домот додека мажот Близнак ќе бара забава на друго место.

Близнаци - Лав

Врската меѓу вас во суштина е врска на снобови, бидејќи на Близнаците ќе им ласка тоа што Лавот изгледа сексипилно и допадливо во очите на луѓето. Додека Лавот ќе се чувствува горд заради интелектот и информираноста на Близнаците и нивните познанства со многу познати луѓе. Инаку, иако вие интелектуално ќе се согласувате, не ќе можете да развиете длабоки взаемни чувства. А, и еротската страна ќе биде проблематична. Но, ако случајно завршите во брак, Лавот сигурно ќе ја има улогата на глава во куќата, а Близнаците ќе му ги исполнуваат желбите.

Близнаци - Девица

Вашата врска може да биде инспиративна, но е некако нецелосна па не може долго да трае. Од една страна, вие интелектуално ќе се стимулирате еден со друг. Ќе уживате во вашите километарски разговори. На долго и на широко ќе си раскажувате што ќе му правите на другиот во сексот. И на крајот ќе имате чувство дека сето тоа веќе сте го доживеале. Затоа, можно е да не завршите во кревет или да имате некаков трапав обид за млак секс, бидејќи фантазијата и нејзиното спроведување во дело се две различни нешта.

Близнаци - Вага

Ова е одлична комбинација. Вие умеете одлично да се забавувате додека сте заедно. Уживате заедно да патувате, купувате, лудувате. Бракот сигурно ќе се случи непредвидено. Па, и покрај тоа што Близнаците ќе флертуваат повеќе од Вагата, таа ќе чувствува дека е над ситуацијата и нема да им го замерува тоа или дури ќе го искористи неверството на Близнаците како алиби за своето. Во целата оваа мешаница, некоја само вам позната еротика ќе ве држи заедно.

Близнаци - Шкорпија

Оваа врска е комплицирана и тешко одржлива, бидејќи Близнаците ќе направат се за да ја заведат Шкорпијата. Но, Шкорпијата ќе заведе ред во нивните односи. Ако Близнаците не се сигурни дека е дојдено време за смирување, а тие впрочем никогаш не се сигурни, можат да се уплашат и да побегнат. Во оваа игра на нерви, Близнаците ќе го користат своето најсилно оружје, тоа се силните вилици, анализата и фактите. Но, Шкорпијата секогаш победува поради својата способност за концентрација, поради фокусираноста и способноста за синтеза.

Близнаци - Стрелец

Ова е среќна еротска врска. Сексот меѓу вас сигурно започнал спонтано, без многу размислување, веднаш по запознавањето и бил инспиративен за обајцата. Инаку, сексуалниот чин речиси секогаш ќе трае кусо време. Но, вашата меѓусебна топлина и разбирање ќе го надополнат тоа. Најцврстата нитка која ќе ве поврзува и ќе ве држи заедно е вашата заедничка желба за промени и патувања, која ќе ви предизвикува максимално задоволство.

Близнаци - Јарец

Врската меѓу вас е речиси невозможно да се случи доколку немате друг заеднички интерес. Тоа е така бидејќи вие имате малку допирни точки меѓу себе, имате различни темпераменти и различни погледи на животот и на светот околу вас. Близнаците се ветропирести и несериозни, додека Јарците се строги и конзервативни. Близнаците брзо влетуваат и брзо излегуваат од своите врски. Додека на Јарците им треба долго време да стекнат доверба во личноста што им се допаѓа, но ако влезат во врска тешко излегуваат од неа. Во сексот сакате различни работи, имате различно темпо и издржливост. Така што е тешко да изградите каков било однос меѓу вас.

Близнаци - Водолија

Вашата прва средба веројатно била изненадувачка и за двајцата. Потоа, сигурно веднаш и лесно започнала комуникација меѓу вас, отворено и без предрасуди. Брзо сте започнале да се доверувате еден на друг. Сексот дошол со истата брзина како и се друго. А, бидејќи ни едниот ни другиот од вас не може да се пофали со страсна природа, можно е лесно да сте преминале и на перверзии со цел да го поттикнете слабиот сексуален апетит. Вас ве поврзуваат идеалите, желбата за авантура, љубовта кон уметноста, музиката, книжевноста. Но, и покрај компатибилноста, вие не сте во состојба да доживеете длабока интимност и вашата врска може неочекувано да прекине, исто како што почнала.

Близнаци - Риби

Вие сте толку различни што е вистинско чудо ако некогаш ви се вкрстат патиштата, а не пак да се вљубите. Близнаците се немирни, брзи, неодговорни. Додека Рибите се мирни, повлечени, чувствителни. Поради разликата во темпераментот и вашата брзина во извршувањето на сексуалниот чин ќе биде различна. Па, сексуалниот контакт веројатно нема да ве исполни. Заради тоа Близнаците ќе бидат тие кои први ќе го направат неверството во врската. А, Рибите, како и секогаш, ќе се жртвуваат.

Рак

Рак - Рак

Вие, и двајцата, сте со главата во облаци, па подобро ќе функционирате во светот на фантазијата и соништата, отколку во реалноста. Тоа значи дека интуитивно ќе умеете да се поврзете на план душа, но малку потешко на сексуален план. Разговорите за мистиката, религијата, криминалот, семејството и традицијата ќе ве исполнуваат доволно за да бидете задоволни од вашата врска и да не помислувате многу на сексуалните задоволства. Но, кога до сексот ќе дојде, тој би требало да биде млак, бавен, здодевен. И покрај тоа, вашата врска би можела да биде трајна. Во зависност од аспектите во вашите Натални Карти, би можело монотонијата во спалната соба да ја разбивате со свингерски активности.

Рак - Лав

Иако Ракот е воден, а Лавот огнен знак и не би требало да си одговараат премногу, реалноста е поинаква. Оваа комбинација е одлична за брак, бидејќи и двајцата сте семејни типови кои сакаат да имаат среден живот и големо семејство. Исто така, Ракот со својата претпазливост ќе ја покрива невнимателната природа на Лавот. Додека Лавот ја разбира потреба на Ракот за луксуз и умее да ја поттикне неговата самодоверба. Притоа, подобро е Рак да биде жената, бидејќи во нејзините сигурни прегратки Лавот ќе го најде своето прибежиште и мир. На сексот и обајцата ќе гледате како на семејна должност која треба да се изврши солидно, на стандарден начин, без многу ука и бука.

Рак - Девица

Вие можете да остварите квалитетна врска. Иако, рака на срце, вашата врска подобро ќе изгледа од надвор, бидејќи еротиката во врската нема да зазема доминантно место. Тоа е така поради фактот што Ракот ја изразува својата љубов со претераната грижа за оние кои ги сака. Додека пак Девицата ужива кога е „мазена и пазена“ и тоа е тајната формула на вашата среќа. Сексот нема да биде нешто од кое ќе ви се тресе тлото под нозете и ќе паѓаат ѕвезди од небото, но топлото семејно гнездо и заедничкиот порив за обезбедување стабилна финансиска иднина ќе ве држи заедно. Рајот би можел да прекине кога едниот од вас ќе започне да се сомнева во минатото на другиот.

Рак - Вага

Вие сте навидум слични по карактер. И двајцата сте емотивни, меки, тактични. Затоа, сигурно кога за прв пат сте се сретнале се случило препознавање на себеси во другиот и вие сте започнале да се распрашувате еден за друг. Вашата врска би можела лесно да премине во брак. А, во бракот се ќе биде на свое место, освен сексот, затоа што страста меѓу вас ќе испари со текот на времето. Ракот ќе стане љубоморен поради лекомислената и кокетна природа на Вагата. Додека Вагата ќе се згрозува над млитавото и претерано попустливо однесување на Ракот, посебно во однос на членовите на семејството од кое потекнува. Но, и тогаш вие тешко ќе се одлучите за развод, бидејќи и едниот и другиот не сакате за вашите интимни проблеми да дознаат и другите.

Рак - Шкорпија

Ова е врска во која и двајцата ќе го најдете она што го барате во љубовта. И треба да знаете дека ниедна друга комбинација не содржи во себе толку романтика и нежност како оваа. Вие едноставно се разбирате со поглед и имате идентично мислење за секоја работа. Вашите разговори на мистични и езотерични теми можат да траат ден и ноќ. Но, тие ќе бидат само опоен вовед кој ќе ве пренесе од реалноста во светот на физичките задоволства. Понатаму ќе следуваат меѓусебните допири кои ќе ви носат нескриена возбуда и како круна на се ќе следува сексуалниот чин кој ќе ви ги отвори портите кон едно вонвременско и вонтелесно искуство. Доколку Шкорпијата е жената во врската, Ракот ќе биде папучар и ќе ужива во таа своја улога.

Рак - Стрелец

Вие органски не се поднесувате еден со друг и би било вистинско чудо ако започнете врска. А, би било катастрофа ако случајно стапите во брак. Можете да разговарате само на теми поврзани со религијата, судбината, реинкарнацијата и толку. На Ракот ќе му пречи безобразната отвореност, невнимателност, себичност и агресивност на Стрелецот. Додека Стрелецот ќе се нервира поради претераната мекост, скржавост и неодлучност на Ракот. А, кога Ракот ќе ги вклучи и членовите на семејството од кое потекнува во својот секојдневен брачен живот, тоа ќе значи директен удар во стомакот на поривот на Стрелецот за слобода. Но, тогаш ќе започне и одбројувањето на последните мигови на вашиот заеднички живот.

Рак - Јарец

Вашата врска може да опстане, иако нема да биде базирана на еротиката и сексот. Тоа е така, затоа што Ракот ќе очекува дека Јарецот ќе му даде материјална сигурност и заштита. Додека Јарецот ќе се надева дека Ракот ќе му обезбеди мирно и топло семејно гнездо, во кое тој ќе може да се врати по напорниот работен ден. Затоа, подобро е кога Јарецот е мажот. Меѓутоа, добро е да знаете дека вашиот однос би можел драматично да се подобри само кога ќе се осмелите вистински да се отворите еден пред друг.

Рак - Водолија

Вас може да ве зближи интересот за откривањето на окултните тајни, како и тајните на природата, на животинскиот свет, на планините. Потоа, би можеле да соработувате во борбата за реформи или во областите поврзани со здравјето. Потоа, еден од вас би можел вашата комуникација со помош на автосугестија да ја надува како да е нешто вонсериско, како да е судбинска врска. Меѓутоа, реалноста ќе биде поинаква и еден ден ќе бидете принудени да и погледнете на вистината в очи. Врската меѓу вас не може да биде ниту добра, ниту трајна, бидејќи се работи за луѓе со различен темперамент. Така, Ракот би можел да ја манипулира Водолијата со своите фантазии и да страда заради семејството. А, Водолијата би можела да се соочи со некоја ненадејна, надворешна опасност заради Ракот.

Рак - Риби

Вие, и двајцата сте шармантни и романтични. Па, врската меѓу вас би можела да започне како платонска, ослободена од потребата за вулгарен секс. Но, веднаш потоа, откако ќе се осигурате во чувствата на другиот, вие би можеле од нежни погледи веднаш да преминете на брз секс. Вашата врска би можела да му одолее на тестот на времето, бидејќи вие имате речиси идентични мислења и ставови по сите животни прашања. Но, во реалноста тоа ќе биде така само до мигот додека вистински не се вљубите. Е, од тој миг за вас почнуваат страдањата, бидејќи и двајцата реагирате пречувствително, лесно плачете и често влегувате во улога на жртва.

Лав

Лав - Лав

Вие уште на првата средба сте биле фасцинирани еден од друг, бидејќи во партнерот, како во огледало, сте се виделе себеси. А, нели себеси најмногу се сакате на цел свет? На следните средби ќе покажувате взаемна почит еден кон друг и сите работи во вашиот однос ќе течат како по лој. Затоа, нема многу да се премислувате и веројатно брзо ќе стапите во брак. Како јаготка на шлагот од вашата врска ќе дојде сексот, онаков каков што и двајцата го сакате, страстен и гласен. Меѓутоа, како доказ дека не постои совршенство во материјалниот свет ќе биде тоа што еден од вас ќе направи некој непромислен потег, со што ќе го наруши вашиот заедно стекнат углед.

Лав - Девица

Вашата врска веројатно започнала лесно и непосредно, бидејќи иако сте различни, веројатно ве поврзала взаемната желба за стекнување материјално богатство. Потоа, Лавот ќе се обиде да ја заземе позицијата на оној кој одлучува и наредува. Додека Девицата ќе биде прифатена доколку се согласи да го слуша и да извршува. На сексуален план нема да биде баш најсјајно. Но, занесени од градењето на угледот и кариерата, вие тоа нема ниту да го очекувате од врската. Вашата врска има шанса да опстане само ако Лавот ја контролира својата посесивност, а Девицата својата сериозност.

Лав - Вага

Вашата врска има перспектива, бидејќи вашиот взаемен однос е чист и јасен. Вас, првенствено, ве поврзуваат љубовта и взаемната почит. А, потоа како цигли во ѕидот на вашата врска ќе се наредат вашите заеднички интереси за: уметноста, науката, патувањата и за гламурозниот социјален живот. За вас најважна улога во животот има вашиот углед во јавноста и мислењето на другите луѓе за вас, а не еротиката и сексот. Во секој случај, вашата врска ќе добие на смисла и стабилност доколку имате заеднички деца. А, ако немате, пожелно е да посвоите. Дури тогаш ќе се чувствувате комплетни.

Лав - Шкорпија

Вие би можеле да бидете восхитени еден од друг на првиот контакт. Бидејќи, Лавот ќе го почитува интелектот и храброста на Шкорпијата. А, таа ќе го почитува него бидејќи ќе го доживее како некој рамен на себеси. Меѓутоа, не би требало да започнувате врска, без увид во вашиот Споредбен Хороскоп, бидејќи врската би можела да биде или одлична или катастрофална. Инаку, вашата врска би наликувала на сојуз меѓу две страсни личности со челична волја. Додека вашиот секс би можел да биде толку силно искуство што никогаш нема да го заборавите, ниту ќе можете да го повторите со друга личност. Тоа ќе биде така додека во вашата врска не заживее љубомората. Ако тоа се случи, очекувајте проблеми да ви чукнат на врата.

Лав - Стрелец

Ова е хармонична и комплементарна комбинација. Вашиот однос би требало да биде искрен и складен, бидејќи вие верувате во исти работи, одлично се надополнувате еден со друг, се поддржувате, си помагате, умеете да простувате. Силниот и чист сексуален контакт ќе биде круната врз квалитетот на вашата врска. А, како резултат на ваквата хармонија, вие ќе успеете да останете верни во бракот, заедно ќе патувате, ќе доживеете чест и углед во јавноста.

Лав - Јарец

Вие сте толку различни што е вистинско чудо ако некогаш ви се вкрстат патиштата. Но, ако тоа се случи, можно е да бидете фасцинирани еден од друг. Лавот ќе биде восхитен од дисциплинираноста на Јарецот и од неговата посветеност во достигнувањето на врвовите во општеството. Додека Јарецот ќе се восхити на ноншалантноста со која Лавот ги остварува своите високи животни цели. Ако дојде до брак, на Јарецот ќе му треба многу сексуална умешност и топлина да го задржи жешкиот Лав, кој на првата кривина ќе побара задоволување на своите потреби надвор од брачната постела. Но, и покрај тоа, вашиот брак би можел да трае долго, ако немате преголеми очекувања еден од друг или ќе заврши несреќно, на жалост на обете страни.

Лав - Водолија

Разликите во вашите карактери можат да внесат поларитет во вашата врска и да ја направат интересна и бурна. Вие сексуално се привлекувате уште на прв поглед. Па, вашата врска најверојатно ќе ја започнете со секс и додека сте се уште многу жешки, ќе одлучите да стапите во брак. Затоа, Лавот, кој го сака смирениот и стабилен семеен живот, не ќе има време да забележи дека Водолијата не е страсна и дека е склона на ексцентрични испади и неверства. Тие и помагаат да го разбуди својот заспан сексуален нагон. И покрај тоа, Лавот ќе биде подготвен да и прости, во интерес на опстанокот на бракот и семејството.

Лав - Риби

Кај вас може да се јави моментна привлечност еден за друг. Но, тоа кусо трае. Па ако, заради некоја причина, останете заедно, треба да знаете дека вашата врска ќе биде тешка и напорна, обременета со многу конфузија, недоразбирања, одбивање, неускладена еротика. Рибите ќе имаат потреба да се потпрат на Лавот, да се жртвуваат за него, да му служат. Додека Лавот ќе биде сексуално незадоволен и ќе прави излети надвор од бракот. Но, Рибите молчешки ќе трпат и ќе му простуваат. Сепак, и покрај разликата во вашите карактери и сексуални афинитети вашиот брак би можел да опстане, доколку ве врзуваат исти идеали, традиција или грижа за болни членови од семејството.

Девица

Девица - Девица

Вие сте толку слични што нема поларитет во вашиот взаемен однос. Затоа, одлично се согласувате, но брзо си станувате здодевни еден на друг. Од друга страна, предвидливоста ви дава чувство на сигурност, што ви одговара. Па, со цел да не го бранувате својот живот, вие ќе одлучите да не размислувате за она што не чини во вашиот однос. За таа цел, или ќе се окупирате со разни ситници од секојдневниот живот или брзо ќе започнете со неверства, кои ќе бидат лек против монотонијата. Сепак, треба да знаете дека ќе ви биде потребна само мала самоконтрола и вашиот брак може долго да потрае.

Девица - Вага

Врската меѓу вас најчесто не се одржува поради привлечност и страст, туку поради некаква сметка. Вие дури не умеете ниту да се бакнете асално, а камоли да доживеете некое подлабоко задоволство. Девицата во Вагата можеби ќе гледа трофеј кој ќе и обезбеди влез во високото друштво. Додека Вагата ќе ја доживува Девицата како паричник без дно од кој ќе може бесконечно да троши за своите потреби. Затоа, ако сакате да опстане, вашата врска ќе мора да ја градите и одржувате постојано, со многу стрпливост. Во некој период од животот можеби ќе се разделите поради работа. Во друг период, секој ќе си најде нов партнер, ама бракот не би требало да се разведе. Бидејќи, љубовта поминува но интересите се вечни, нели?

Девица - Шкорпија

Ова е многу темпераментна комбинација, исполнета со оптимизам и позитивна енергија. Сексуалната привлечност меѓу вас е очигледна. А, страста сигурно спонтано се разбудила во текот на вашите долги и длабокоумни разговори. Доброто во вашата врска е фактот што секој од вас го поттикнува другиот да стане подобра личност. Иако е пострасна и има посилен сексуален апетит, на Шкорпијата нема да и пречи првичната затвореност на Девицата и нејзиното послабо либидо. Како суверен мајстор во сексот, таа ќе знае како да ја води сексуалната игра со цел да ги задоволи своите потреби. Додека Девицата ќе биде маѓепсана пред сексуалната умешност на Шкорпијата и верно ќе ја следи.

Девица - Стрелец

Вие можете одлично да се забавувате кога сте заедно на некое патување, во филозофските и религиозните разговори или во анализите на политичките случувања. Меѓутоа, заради разликата во природите што ги поседувате, кога на ред ќе дојде сексот би можел да се јави проблем. Девицата е недоверлива и затворена за покажување на чувствата. Додека Стрелецот нема влакна на јазикот, отворено кажува што мисли, во сексот нема срам и предубедувања и за своите сексуални искуства отворено зборува пред другите. Таквото однесување може уште повеќе да ја уплаши Девицата, бидејќи таа нема да сака сите да дознаат што правела во кревет со Стрелецот. Врската е неодржлива на подолги патеки и поради фактот што и двајцата се тврдоглави и принципиелни.

Девица - Јарец

Вашиот прв контакт сигурно бил културен, исполнет со паметни и домаќински муабети, без многу возбуда. Но, потоа ќе сакате пак да се видите и да си поприкажете со вашата сродна душа. За кусо време ќе сфатите дека сте како создадени еден за друг. Па, дури и во сексот, кој ќе го доживувате како исполнување на некаква должност. Девицата е таа која ќе се потчини во врската. Додека Јарецот ќе ја преземе одговорноста за нејзиниот живот и вредно ќе работи на обезбедување на материјалната стабилност.

Во бракот би требало да останете верни, додека не ве раздели некоја виша сила.

Девица - Водолија

Вие, и двајцата, сте перфекционисти по природа, со што се отежнува вашиот однос. Можеби интелектуално ќе се согласувате и ќе можете со задоволство да го критикувате општеството во кое живеете, колегите од работа, пријателите. Меѓутоа, заради тоа што и двајцата имате слабо либидо, сексуалната привлечност меѓу вас ќе биде недоволна. За волја на вистината, таа брзо ќе се појави, нагло ќе се расплини и кога ќе очекувате дека задоволството вечно ќе трае, преку ноќ ќе исчезне. Ако вашата врска продолжи по тоа, таа ќе биде комплицирана, нејасна и постои опасност да страдаат вашите нерви или едниот од вас ќе започне да се однесува неморално.

Девица - Риби

Вие се сакате искрено и вашата врска може да му пркоси на времето. И двајцата сте во потрага по некои повисоки идеали. Затоа, и двајцата посакувате сексот да биде ваша заедничка активност преку која ќе доживеете и духовни искуства, не само физички. Ако вашата врска прерасне во брак, вие ќе бидете подготвени без размислување да се жртвувате еден за друг, во ситуации на немоќ и болест. Но, и покрај сите добри страни, вашата врска има една слабост. Тоа е вашата склоност на разни пороци. Таа склоност би можела да упропасти се. За да не дојде до тоа, би требало заедно да се посветите на некој повисок идеал.

Вага

Вага - Вага

Во принцип, меѓу вас може да се случи само флерт и ништо повеќе. Меѓутоа, ако започнете врска, луѓето ќе ве доживуваат како хармоничен, елегантен и галантен пар. Па, можно е да имате пристап до највисоките кругови во општеството. Во суштина, вашата врска ќе биде еднолична и здодевна. Секој од вас ќе има потреба од повеќе љубов и внимание отколку што самиот ќе може да даде. Кокетирањето со други луѓе ќе биде нормално продолжение на безстрасниот контакт.

Вага - Шкорпија

Нежниот стил и лесните емоции на Вагата и страста и фокусираноста на Шкорпијата се спротивности кои екстремно се привлекуваат. Па, ако дојде до физички контакт меѓу вас, не е потребно сексуалната игра да биде доведена до крај за вие да доживеете оргазам. Подоцна, откако подобро ќе се запознаете, Шкорпијата ќе мисли за Вагата дека е површна личност која умее да се преправа. Додека на Вагата ќе и пречи љубомората и директноста кај Шкорпијата.

Вага - Стрелец

Вас ќе ве зближи уметноста, музиката, танцот, некое патување или студиите по право. Потоа, ве очекуваат редовни и максимални уживања во сексот. И логичниот след на настаните би требало да ве донесе до стапување во брак. Во суштина, вашата врска би можела да биде трајна, ако желбата на Стрелецот за авантура не упропасти се. И покрај тоа, вашиот брак би можел да се одржи, бидејќи Вагата има потреба од партнер и не може да функционира сама. Уште повеќе што се плаши и од тоа што ќе речат луѓето ако се разведе. Но, со текот на времето, вашиот однос ќе стане блуткав.

Вага - Јарец

Ова е исклучително тешка комбинација која тешко завршува со врска. Но, ако до неа дојде, тогаш и двајцата погрешно ќе ги толкувате особините на другата страна и лесно ќе влегувате во конфликт. Веселбата и тагата постојано ќе се испреплетуваат во вашиот живот. Уште повеќе што меѓу вас нема да постои возбуда, а камоли страсни активности во кревет. Сепак, никој нема да има смелост да ја прекине врската.

Вага - Водолија

Веројатно сте се сретнале на некој уметнички настан. Првиот контакт меѓу вас сигурно не бил страстен, но секако бил без предрасуди и вие сте биле задоволни поради тоа. Потоа во секој аспект од животот ве очекува хармонија, што ќе биде добра замена за страстите кои ќе отсуствуваат во креветот. И кога најмалку очекувате, вашиот идиличен однос би можел преку ноќ да пукне поради неверството на Водолијата.

Вага - Риби

Вие толку си одговарате во љубовта што сигурно сте биле вљубени еден во друг долго време пред воопшто да се бакнете.

Потоа, меѓу вас би требало да се развие љубов, благодарение на способноста на Рибата да му се предаде на партнерот. Но, ако вашата врска потрае, би требало да се случи нешто чудно. Имено, Вагата има некоја нерационална потреба некој да страда поради неа. Додека Рибите се чувствуваат удобно во улогата на жртва. Така, чекор по чекор, вашата врска, без да забележите, ќе се претвори во однос исполнет со сочувство, помагање, грижа за некого, жртвување.

Шкорпија

Шкорпија - Шкорпија

Меѓу вас сигурно заискреле искри уште на прв поглед. Вашата взаемна страст е неспорна. А, сексот величествен и бучен. Но, вие умеете случувањата од спалната соба да ги задржите само за себе. Вашата врска би можела да биде одлична, длабока, поттикнувачка и трансцендентална, доколку сте вие зрели и продуховени личности. Бидејќи, само во тој случај ќе умеете да ја контролирате својата посесивност и љубомора.

Шкорпија - Стрелец

Вие сигурно сте се маѓепсале еден со друг зборувајќи за теми поврзани со филозофијата, мистиката, музиката, астрологијата, политиката, правото и правдата. Потоа, откако ќе завршите во кревет, Шкорпијата ќе му ги покаже на Стрелецот убавините на неистражениот ерос. А, тој ќе ја научи како повеќе да ужива со сопственото тело. Сексот ќе биде чест, оргазмите експлозивни. Но, потребата за слобода и авантура на Стрелецот може да уништи се.

Шкорпија - Јарец

Оваа врска би требало да почне полека и да се гради камен, по камен. Прво ќе почнат допирите со рака, па галењата, додека дојде до првиот бакнеж. Потоа, ќе треба време Јарецот да стекне доверба и да се случи сексуалниот контакт. Но, врската потоа може да трае долго, бидејќи она што Јарецот ќе го доживее во сексот со Шкорпијата нема да го доживее со никој друг. Додека заради конзервативноста и затвореноста на Јарецот, кај Шкорпијата нема да се развие љубомората.

Шкорпија - Водолија

Ова е исклучително оригинална и мистична врска, која ќе го привлекува вниманието на другите луѓе. Вашата врска веројатно започнала како пријателска. Потоа следело меѓусебното препознавање и се појавила магнетската привлечност меѓу вас. Во почетокот сексот би требало да биде фантастичен. Но, проблемот ќе се појави тогаш кога Водолијата не ќе може повеќе да го следи темпото и длабочината на чувствата на Шкорпијата. Па, заради својата нестабилна природа можно е Водолијата да направи прељуба, обидувајќи се на тој начин да ги лечи комплексите на пониска вредност што ги чувствува покрај супериорната Шкорпија. Меѓутоа, ако и двајцата сте духовни личности и ако се занимавате со метафизика, тогаш би можеле да остварите квалитетна и неповторлива врска и брак кој ќе му пркоси на времето.

Шкорпија - Риби

Вашиот прв контакт веројатно бил срамежлив или трапав. Но, откако малку ќе се запознаете, вие отворено ќе ги покажувате своите симпатии еден кон друг. Па, иако имате различно темпо во сексуалната игра, вашите темпераменти се комплементарни и одлично ќе се согласувате. Како резултат на тоа сексот ќе биде јаготката на шлагот на вашиот хармоничен однос и редовно ќе завршува со взаемен оргазам. Сепак, подобро е Шкорпија да биде мажот, бидејќи во спротивно мажот Риби со задоволство ќе се претвори во папучар.

Стрелец

Стрелец - Стрелец

Вашиот прв контакт сигурно бил природен и директен и веднаш, без многу размислување, веројатно уште на првата средба сте имале секс. Ако вашата врска продолжи, вие ќе уживате во еротските игри, бидејќи не се срамите од своето тело и на сексот гледате како на нешто најприродно на светот. Потоа, би можеле заедно да патувате, спортувате, да се занимавате со музика, со теми од правна или религиозна проблематика. Меѓутоа, поради тоа што и двајцата сте претерано себични и неодговорни, вашето однесување би можело да ја наруши вашата идила.

Стрелец - Јарец

Иако на прв поглед вашата врска изгледа како невозможна мисија, заради сосема различните темпераменти, ако еднаш влезете во врска вие тешко дека ќе излезете од неа. И покрај тоа што ќе бидете сексуално незадоволни. Па, Стрелецот веројатно прв ќе падне на испитот и ќе изневери. Но, вашата врска не би требало да се распадне, бидејќи за Јарецот тоа не е сериозен проблем. Како резултат на тоа, вие би требало да останете заедно заради семејството, материјалната сигурност, наследството, децата.

Стрелец - Водолија

Со малку труд оваа врска има изгледи за успех, бидејќи и двајцата се водите од девизата: „Живеј и остави ги и другите да живеат“. Инаку, вашата врска веројатно почнала одненадеж. На луѓето веројатно ќе им изгледате неспоиво и бизарно. Но, вие вистински се разбирате еден со друг, си помагате и одлично се надополнувате. Ако мажот е Стрелец врската ќе биде пожешка и посексуална. Ако мажот е Водолија, жената Стрелец ќе се изнаседи сама дома чекајќи ја Водолијата да се врати, а сексот ќе биде млак и нередовен.

Стрелец - Риби

Ова е прилично тешка и комплексна комбинација во која речиси ништо нема да функционира. Стрелецот на сексот гледа како храна која ја конзумира и за неа не дискутира. Додека Рибите сакаат да зборуваат, да теоретизираат, постојано бараат докази дека се сакани, тупат со претерани изливи на чувства. Затоа, ако започнете врска, брзо ќе се заситите и заморите еден од друг. Ако дојде до брак, тој би требало да е конфузен и веројатно ќе постои проблем околу потомството.

Јарец

Јарец - Јарец

Ова е сосема солидна комбинација која може да го издржи тестот на времето. Можеби вие нема да се топите од страст еден за друг, но вас ќе ве поврзуваат истите животни вредности и истите погледи на светот. Затоа, доколку останете заедно, би требало да стекнете материјално богатство во втората половина од животот. Сепак, доколку меѓу вас постои разлика од 7-8 и од 14-15 години, тоа негативно ќе се одрази на вашата врска.

Јарец - Водолија

Ова е бесмислена комбинација, бидејќи Јарецот живее во минатото, а Водолијата во иднината. Па, никој од вас не престојува доволно долго во сегашноста за да можете да се сретнете. Ако сепак се сретнете, меѓу вас ќе се разгори страст. Меѓутоа, страста нема долго да трае, бидејќи се што едниот ќе прави ќе му пречи на другиот. И двајцата ќе имате чувство дека партнерот ве ограничува и задушува и брзо ќе се оладите. Не е исклучена ниту можноста Водолијата да направи неверство.

Јарец - Риби

Вие умеете добро да се забавувате кога сте заедно. Јарецот им буди чувство на сигурност и заштита на нежните Риби. Додека Рибите му ја разубавуваат реалноста на Јарецот, внесувајќи му некоја посебна магија во стилот на живеењето. Сепак, сексот е премногу млак и стандарден. Но, тоа не е доволна причина што ќе ве натера да ја прекинете врската. Па, бракот ќе наликува на заедница меѓу двајца незадоволни луѓе кои се проколнати да останат заедно. А, можни се и проблеми со постарите членови на вашите семејства.

Водолија

Водолија - Водолија

Вашата врска е нестандардна и ексцентрична. Првиот контакт веројатно сте го оствариле веднаш. Брзо сте станале пријатели и не сте забележале кога сте завршиле во кревет. Но, потоа ќе следат осцилации во вашиот љубовен живот. Заради тоа што вашата природа не е страсна, веројатно ќе се служите со перверзии за да го задржите интересот за сексот. Потоа ќе следи неочекувана разделба и врска со нова личност, но контактот меѓу вас нема да прекине. Вие и понатаму ќе се слушате, гледате и ќе си помагате. Можно е да соработувате во активности поврзани со филмот, компјутерите, видео-игрите, фотографијата, астрономијата, астрологијата, социјалната или хуманитарната работа. А, можно е и повторно да се споите и без проблем да ги прифатите брачните и вонбрачни деца од вашите претходни врски.

Водолија - Риби

Ова е психопатска врска исполнета со чудна романтика, ексцентричност, перверзии, лажење, самозалажување, неверства и чести промени на расположението. Посебно после пијанство или после користење дрога. Сексот ќе се случува кога нема да очекувате, најчесто во нехигиенски услови. Крајот на врската би требало да биде неочекуван и тажен. Само ако сте зрели и изградени како личности, способни за самоконтрола, само тогаш Водолијата постојано ќе има потреба да ги докажува своите љубовнички способности пред сексапилните Риби. Посебно ако Водолијата е мажот.

Риби

Риби - Риби

На почетокот сигурно сте биле маѓепсани еден од друг, како да ја гледате својата слика во огледало. Сакате исти работи, имате ист сензибилитет, едноставно чудесно. Но, потоа се би требало да се распрсне како меур од сапуница, бидејќи ќе нема цврста рака која ќе ја гарантира стабилноста на врската. Па, веројатно брзо ќе почнете меѓусебно да се изневерувате, но ќе се правите дека не го забележувате тоа. Можеби ќе започнете да пиете или да користите дрога. Ако сте воспитани религиозно, ќе молчите и ќе го трпите незадоволството и понижувањата заради семејството, децата, заради своите убедувања.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие каков е вашиот однос со родителите и зошто, но истовремено ќе ви покаже како да ги подобрите односите со блиските и околината.


Имам веќе две натални карти и искрено не очекував Оваа да биде нешто многу поразлична од останатите. Сепак многу се изненадив. Многу сум задоволен од одговорите кои ги добив благодарејќи на Вашата натална карта! Искрено Благодарам! 

Гога Поп-Георгиевски, Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2020
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби