In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Ретрограден Меркур во Риби

Француски бакнеж

Годишен хороскоп за 2020 година

Ни претстои неочекувано среќен период

Во што се крие благословот

Ретрограден Меркур во Шкорпија

Што ќе ни донесат ѕвездите во октомври 2019?

Венера во Вага - Време за Љубов

Млада Црна Месечина на 30 август 2019

Немаш ни благодарам

Ќе ја сретнеш својата судбина

Ни на Небо, ни на Земја

Затемнување на Месечината на 16 јули 2019

Не ја мати водата

Ретрограден Меркур во Лав И Рак

Талентот е Божји дар

Вера, Надеж и Љубов

Сиротата мала богаташка

Ѕвезденото небо над светот во јуни 2019

Двете Марии

Цветна, Сина Месечина на небото на 18-ти мај

Министерот со шешир и темни очила за сонце

Ѕвезденото небо над светот во мај 2019

Љубовта е во воздухот

Нека го фрли првиот камен...

Сатурн коњукција Плутон

Ќерката на офицерот со ружи

Ретроградни планети - што ќе ни донесат?

Ѕвезденото небо над светот во април 2019

Кралот на Троседот

Оној што спасил живот

Ветената Земја

Ретрограден Меркур во Риби

Имаш лице какво што заслужуваш

Ѕвезденото небо над светот во декември

Женски Болести

Јами Мами од Мајами

Јупитер во Стрелец

Ѕвезденото небо над светот во ноември

Ако сте родени меѓу два хороскопски знака

Внимавај кого пушташ во својот живот

Пониското и повисокото ниво на секој знак

Ѕвезденото небо над светот во октомври

Затемнување на Сонцето на 13-ти јули 2018

Ѕвезденото небо над светот во јули

Исправи се, Викторија!

Ретрограден Марс во Водолија

Ѕвезденото небо над светот во јуни

Уран во Бик

Скршеното огледалце од пудриерата на Џеки Кенеди

Објавено на 21.09.2017

Скршеното огледалце од пудриерата на Џеки Кенеди
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

Јас не знам каков бил и каков е односот кон жените во останатите култури и држави во светот, меѓутоа во Македонија, посебно во нејзиниот западен дел, дискриминацијата кон жената, во помал или поголем степен, била и останала на сила. Се сеќавам на својата шокираност кога како дете ја прашав тетката на мојот татко, која потекнуваше од западна Македонија, зошто сите ја викаат баба Велкоица, по името на мажот Велко? Дали таа има свое име? А, баба Велкоица слатко се изнасмеа, како да ја слушна најголемата шега на светот и мирно, без чувство на пониженост или незадоволство, само ми одговори: „Хахахаха... После толку години брак дури и јас не си го памтам вистинското име. Стојна, Стојна ме викаа како девојка. Ама кога сега, некој од фамилијата ќе ме викне на тоа име, ми се случува да не се свртам. Како да викаат друг. Повеќе не го имам како мое.“

Замислете какво обезличување на едно човечко суштество од кое се очекува да биде столбот на семејството, да раѓа живот, да ја продолжи семејната лоза? Како тогаш можеме да очекуваме дека таквата личност, која и семејството од кое потекнува и семејството во кое се мажи и околината и општеството и го менуваат нејзиниот идентитет и константно ја ништат како човек, како таквата личност може да ги воспита своите деца да се почитуваат себеси, да имаат достоинство и интегритет? За среќа, баба Велкоица беше силна жена, а дедо Велко добар човек, па таа ги порасна своите деца во самосвесни и претприемчиви луѓе. Меѓутоа, најголем број од жените на кои, во минатите времиња, им се менувал идентитетот во моментот кога стапувале во брак, морале да се простат од своето достоинство. Тие можеле, рамо до рамо со Буда, да држат предавања на тема „Кршење на егото и ослободување од него“. Но, најчесто го немале потребниот капацитет да ги научат своите деца како да го почитуваат својот интегритет и како да го бранат своето достоинство. Бидејќи, не може некој да учи некого на нешто што и самиот не го знае.

И што се случувало со таквите жени кога, не дај Боже, сопругот ќе умрел? Еве, да претпоставиме дека, заради воспитувањето, не постоела можност сопругот да ги остави заради друга. Во семејството од кое што потекнувала несреќната жена враќање немало. Бидејќи, генетскиот инженеринг што на ментален план и го спроведувало новото семејство ја правело неподобна да се врати во старото, а да не ја извалка неговата „генетска чистота“. На семејството пак на мажот, таа му претставувала товар. Бидејќи, според нивната логика, зошто би хранеле уште една уста кога нивниот брат или син го нема, а кукавицава, и онака, нема кој да ја брани? Посебно ако во игра бил и некој имот за делење. Па, на ваквите жени не им преостанувало ништо друго освен да се премажат, да избегаат во странство или да се убијат.

За жал, ваквиот однос кон жената, посебно во западниот дел на Македонија, со мали промени заради времето во кое живееме, е останат до денешен ден. Македонската жена, барем до почетокот на 21-от век, можела да биде образувана, независна, модерна. Но, во моментот кога ќе влезела во брак, од неа се очекувало да му се подреди на мажот и никако да не отскокнува од него, ниту по памет, ниту по убавина, ниту по функција, ниту по заработувачка. Затоа, најголемиот број од повозрасните жени кои растеле во времето на Титова Југославија и претходно и кои имале успешни мажи, се сметале за добри сопруги додека не се обидувале да создадат сопствен идентитет, кариера, свои интереси и свој круг на пријатели. Од нив се очекувало да се поистоветат со идентитетот што за нив го создавал нивниот сопруг. Но, ако се случело сопругот да ги остави, заради некоја причина, како што е смртта, мешањето на семејството или заради друга жена, тогаш тие биле тотално загубени. Без еднодимензионалната претстава за себеси како сопруга на тој и тој филјан човек, таквата жена не знаела ниту која е, ниту умеела да се снајде во светот што ја опкружува, со чест на исклучоците. Навикната секогаш кон неа да се обраќаат како кон Госпоѓа Таа и Таа, одеднаш добивала чувство дека е никој и ништо.

Токму за ваква жена зборува и мојава приказна. Имено, пред некое време се сретнав со една прекрасна, негувана и задоволна дама, која ги живее своите златни години. Во неврзаниот муабет таа ме потсети на една заедничка епизода од нашите животи.

„Се сеќаваш ли“ ми вели таа „каква беше нашата прва средба?“

Не можам, а да не се сеќавам. Беше тоа пред дваесеттина години. Таа тогаш беше во своите најдобри години, стегната во црвен костим. Со својот изглед, насмевка и однесување, неодоливо ме потсетуваше на Џеки Кенеди. Така и ја завикав, а таа немаше ништо против. На закажаната средба дојде полна со себе. Не затоа што имаше проблеми. Туку водена од својата љубопитност да дознае какви убавини за иднината ќе и открие нејзината Натална Карта.

Но, нејзината Натална Карта покажуваше дека иако имала добар старт во животот, иако потекнуваше од богато семејство кое ќе и остави убаво наследство, иако беше омажена за успешен маж кој претставуваше име во областа со која се занимаваше, иако имаше големо друштво на образовани и богати пријатели, во иднина ја очекуваа години на искушенија. Кога и соопштив дека може да се соочи со финансиски проблеми во еден подолг период и дека може да се случи нејзиниот сопруг да си замине без збор во текот на следната година, таа само одмавна со рака и смеејќи се на цел глас ми рече: „Финансиски проблеми? Па, добро, можеби ќе треба малку да го стегнеме ременот. Син ми Ведран го запишавме на факултет во Виена и тоа ќе ни биде голем издаток со години. Ама Ангел да ме напушти? Хахаха... Тоа нам не може да ни се случи. Па, ние во целото друштво сме пример за среќен брак. Кога некој од пријателите сака да каже некому како изгледа идеален брак, вели како Гоца и Ангел.“ Јас на тоа замолчев, бидејќи знам дека човек на крајот ја прифаќа токму онаа вистина што на почетокот ја негирал од дното на душата.

Помина една година од нашата прва средба и јас бев заборавила на македонската Џеки Кенеди. Беше последниот ден на август 1997 година и додека го подготвував материјалот за снимање на мојата емисија, на телевизија го следев известувањето за смртта на принцезата Дајана. Во тој миг заѕвони телефонот. Нечиј лелек, кој како да излегуваше од длабочината на земјата, ме пресече. А, зборовите што успеав да ги разберам беа: „Вики, замина!“

Уште неможејќи да сфатам кој ми се јавува и за што зборува, дали некој плаче за смртта на Дајана, адскиот глас продолжи со лелекот:

„Замина како што ти ми кажа... Без зборови... Само го снема. Претходно се беше супер, не се каравме... Ааах... Дури го договаравме друштвото за бриџ вечерва кај нас... Не знам што му стана...Кога се вратив од работа само видов дека ја нема неговата облека! Замисли се си земал...Неговиот дел од шифоњерот е празен...А, не оставил никакво писменце со објаснување...Барем за децата...Се пребарав...Што да им кажам сега?“

И кажав да се смири, бидејќи се додека луѓето се живи, ништо не е загубено и работите можат да се сменат веќе во следниот миг. Уште повеќе што таа не знаеше што точно се случило и каде заминал. Моите зборови и дадоа утеха во најкритичниот миг. Меѓутоа, подоцна разбра дека и неа ја снајде судбината што ја имаат доживеано многу прекрасни жени. Беше оставена поради некоја помлада. А, причината Ангел да избега без збор после дваесет години брак, беше неговиот срам. Тој не можеше да ги гледа своите деца и жена во очи и да им каже дека ги напушта, бидејќи неговата двојно помлада љубовница останала бремена. Според зборовите на Гоца, најмногу повредена од целата ситуација беше нивната ќерка, неговата принцеза, Бисера. Таа уште не беше полнолетна и заминувањето на татко си го доживеа лично. Човекот кој немаше пропуштено ниту една вечер без да ја бакне пред да оди на спиење, сега ќе бакнува некоја туѓа жена и некое друго дете, а таа нема да учествува во неговиот живот, ниту тој во нејзиниот.

Кога неколку дена по кобниот настан се сретнавме со Гоца, таа од нејзината брендирана чанта извади едно најлонче и на масичката во мојата канцеларија почна да ги реди стакленцата од скршеното огледалце од нејзината пудриера.

„Знам дека ова нема врска со астрологијата, ама ова мора да го видиш. Огледалцево ми падна и сол се направи. Ова ми се случи утрото пред Ангел да си замине. Во моментот не му придадов значење, ама отпосле, кога размислував каде згрешив и што можам да направам за да го вратам, ми текна на огледалцето. Некаде имам прочитано дека оној кој ќе скрши огледало ќе го следат 7 години несреќа. Што мислиш, има ли вистина во тоа? Можно ли е сама да си ја предизвикав несреќата?“

За мене, приказните за скршеното огледало и за 7-те години несреќа се тотално суеверие. А, јас не се сметам себеси за суеверна личност. Меѓутоа, чувствувајќи колку страда и со цел да и дадам некаква надеж за иднината и реков:

„Не верувам дека е од тоа, Гоца. Ама еве, ако тебе ти е шубе од прочитаното, тогаш обиди се повторно да ги залепиш скршените делови. Така можеби ќе го смениш текот на настаните и можеби сите работи ќе се вратат на старото место.“

Додека ги кажував овие зборови, таа го слушаше само она што нејзе и одговара. Тогаш за прв пат во текот на нашата средба нејзиното лице се озари, како на болен кому му кажале дека ќе преживее. „Ќе го залепам целото, ќе видиш“, во гласот на Гоца почувствував нова жар и верба.

Кога се видовме следниот пат, мојата Џеки Кенеди беше веќе посмирена. Како човек што ја прифатил судбината.

„Не успеав да го залепам“ ми рече. „Ми недостасуваа делчиња, а некои што ги залепив штрчеа над другите.“

Оценувајќи дека е подготвена да ја чуе вистината се надоврзав:

„Не се секирај, не е до тебе. Никој не успеал да го состави тоа што се скршило, ниту да изгради убава куќа врз рушевини. Прво мора да ги исчисти рушевините, да го фрли ѓубрето, да го израмни земјиштето. Затоа, дај си време да ја одболедуваш повредата и почни да ја градиш сопствената среќа од почеток, на здрави темели. А, оној ден кога раната ќе се залечи и срцето ќе ти биде подготвено повторно да сака, ќе сфатиш дека Ангел ти направил добро дело.“

„ Ми направил добро дело? Да сакам друг човек наместо Ангел? Па, тоа не може да се случи. Само тој ги има сите особини што ми одговараат. Со него имав живот. Ќе направам се да ми се врати“, беа последните зборови што Гоца ги кажа на таа наша средба.

Никогаш не разбрав што се направи за да го врати својот сопруг, но кога повторно ја видов, дваесеттина години по овој настан, на средбата за која пишувам на почетокот од приказнава, мојата Џеки Кенеди ми рече: „Ти ги памтам зборовите што можеби ти си ги заборавила. Кога Ангел си замина ти ми рече дека ми направил добро дело. Јас тогаш не сфаќав што ми зборуваш и зошто си толку сурова. Но, гледано од денешна перспектива, Ангел навистина ми направи добро дело. Поминав низ многу тежок период. Со години се чувствував дека сум никој и ништо без него. Години по разводот го носев неговото презиме правдајќи се пред луѓето дека е тоа заради децата. Но, всушност потајно се надевав дека тој ќе сфати што загубил и дека ќе ја остави таа, младата. А, Ангел? Па, тој не заборави и мене и децата оној ден кога ја затвори вратата од нашиот стан зад себе. Не не праша како сме, дали има од што да живееме? Дали Ведран има со што да ја плати школарината за факултетот на кој тој инсистираше да се запише? Дали Бисера може да заспие без да ја бакне? Не избриша како никогаш да не сме постоеле во неговиот живот. Сега ми е криво што толку го преценив како човек.“

„Но, сега ми изгледаш топ“, се обидов јас да ја сменам темата на разговор. Меѓутоа, Гоца го следеше сопствениот тек на мислата и не ме ни слушна, само продолжи:

„По првиот шок морав да се соземам, бидејќи децата очекуваа се од мене. Станот во кој живеевме го издадов и со Бисера се преселивме кај мајка ми. Но, тие пари не ја покриваа школарината на Ведран. Тој започна и да подработува преку студентска. Но и тоа беше малку. Затоа, го преуредив подрумот од куќата на мајка ми. Па, ние се преселивме во подрумот, а спратот од куќата започнавме да го издаваме на странци. За среќа, се случи денационализацијата и ни беше вратен огромен имот. Така некако успеавме да излеземе од калта. Потоа, го сретнав Марко кога на крај памет не ми беше за љубов. Прво ми беше срам дека не е во ред да мислам на љубов кога ќерка ми пораснала за мажење. Но, тој беше упорен и сега сум му благодарна за тоа. Замисли, јас дури со него се разбудив како жена. Да останев со Ангел, никогаш немаше да почувствувам што значи да бидеш сакана од мажот и што значи добар секс. Сега дури сфаќам што сакаше да ми кажеш кога ми рече дека Ангел ми направил добро дело. Ти благодарам што ми ги отвори очите.“

Ова, драги мои пријатели, е во куси црти моето искуство со македонската Џеки Кенеди. Разговорот со неа ми наметна една размисла. Како да знаеме кога треба некои луѓе да ги пуштиме да си одат од нашиот живот? Како да бидеме сигурни кои се луѓето што треба да ги задржиме? А, од кои луѓе е пожелно што побргу да се ослободиме?

Одговорот ми дојде сам од себе. Едноставно ми стана јасно дека луѓето со кои повеќе немаме што да си размениме, ниту љубов, ниту солзи, ниту заеднички цели и вредности во животот, мораме да ги пуштиме да си одат. Без жалење. Бидејќи, како што скршеното огледалце од пудриерата на мојата клиентка не можеше повторно да се состави, така не можат да се соединат ниту луѓето чии што животни патишта се разидуваат. Ние можеме да останеме заедно со таквите луѓе заради различни причини. Заради носталгија по минатите времиња, заради страв од иднината или заради материјалната немоќ. Но, ако останеме, ќе бидеме непотполни. А, нашиот живот ќе наликува на искривената слика во скршеното огледалце.

Од друга страна, треба на време да препознаеме кои луѓе од нашето минато вреди да ги вратиме во нашиот живот. Тоа треба да го направиме брзо, додека не станало доцна и додека не се исушил внатрешниот лепак кој не соединувал. Ако ве интересира кои се луѓето што треба да ги побарате и да го обновите контактот со нив? Тоа се сите оние кои ни правеле само добрини, а ние сме ги повредиле во моменти на хир или невнимание.

И тоа е тоа. Тоа се луѓето што вредат да останат покрај нас. Сите останати, посебно оние кои ни го скршиле срцето, не треба повеќе да ја уживаат нашата доверба и љубов. Човечки е да им простиме, ако се покајат. Но, тоа не значи дека треба повторно да ги пуштиме во нашиот живот. Бидејќи, оние на кои не им било гајле за нашите чувства, кои си поиграле со нив или не повредиле, се како криминалците кои секогаш се враќаат на местото на злосторството. Па, ако не ги спречиме на време, ќе се обидат да го повторат делото.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие кој е вашиот идеален партнер, како се однесувате во љубовта и сексот, зошто секогаш привлекувате одреден тип на личности и како можете да го подобрите својот љубовен живот.


Вистината што извираше од првите страници на мојата натална карта ме скамени. Цела недела ми беше страв да продолжам со читањето. Сепак, љубопитноста победи. Имав што да научам за себеси. 

Борис П., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2020
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби