In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Кога умира душата?

Колку трае еден ден на секоја планета

Крадци

Светот е глобално ријалити шоу

Луѓето се како очи

Убавите круши...

Како да знаеме дали е наше тоа што ќе дојде

Ретрограден Марс во Овен

Најголемата слабост на секој знак

Бони и Клајд

Несудената Фрида Кало

Јуни 2020 - Месец на две Еклипси

Сите бои на Виножитото

Љубов, Ах Љубов

Човекот наречен Надеж

Ретрограден Меркур во Риби

Француски бакнеж

Годишен хороскоп за 2020 година

Ни претстои неочекувано среќен период

Во што се крие благословот

Ретрограден Меркур во Шкорпија

Што ќе ни донесат ѕвездите во октомври 2019?

Венера во Вага - Време за Љубов

Млада Црна Месечина на 30 август 2019

Немаш ни благодарам

Ќе ја сретнеш својата судбина

Ни на Небо, ни на Земја

Затемнување на Месечината на 16 јули 2019

Не ја мати водата

Ретрограден Меркур во Лав И Рак

Талентот е Божји дар

Вера, Надеж и Љубов

Сиротата мала богаташка

Ѕвезденото небо над светот во јуни 2019

Двете Марии

Скршеното огледалце

Цветна, Сина Месечина на небото на 18-ти мај

Министерот со шешир и темни очила за сонце

Ѕвезденото небо над светот во мај 2019

Љубовта е во воздухот

Нека го фрли првиот камен...

Сатурн коњукција Плутон

Ќерката на офицерот со ружи

Ретроградни планети - што ќе ни донесат?

Ѕвезденото небо над светот во април 2019

Кралот на Троседот

Оној што спасил живот

Ветената Земја

Ретрограден Меркур во Риби

Сатурн во Водолија

Објавено на 24.03.2020 во 08:49

Сатурн во Водолија - Господарот на времето ќе го руши старото за да создаде ново
 

Додека престојуваше во Јарец, Сатурн се обиде да не научи како да се приземјиме и да се самодисциплинираме. Случајот со коронавирусот е само јаготка врз шлагот на лекцијата за самодисциплина.

Кога ќе патува низ Водолија, од 23 март 2020 до 7 март 2023, Сатурн ќе ги руши застарените форми на секој план и ќе ги создава условите за еден нов свет.

Ако прашате: „Како?“, одговорот сам се наметнува.

Имено, ако ни е познато дека Сатурн е поврзан со минатото, со традицијата, со се што е старо, додека Водолијата е знак на новото и иднината, аналогијата е јасна. Ќе се судрат традицијата и модерното, минатото и иднината, и тоа на секој план. А, бидејќи тркалото на историјата не се враќа наназад, иако минатото е нашата зона на конфор, во таа нерамноправна борба ќе победат само оние од нас што ќе умеат брзо да им се прилагодат на промените, оние кои ќе ги отфрлат своите застарени уверувања и оние кои се отворени да го прифатат новото. Сите пак оние кои грчевито ќе се држат за она што им е познато, оние кои ќе сакаат да ги задржат ситуациите во својот живот и луѓето околу себе онакви какви што биле до сега, ќе наидат на разочарувања, стагнирање на секој план, па дури и на уназадување.

Патувајќи низ Водолија, Сатурн ќе побара од нас да го направиме она што отсекогаш потајно сме го посакувале, но сме имале пречки, на несвесно ниво, истото да го реализираме. Ова прво ќе предизвика внатрешен конфликт во секој од нас. Но, ако сме подготвени брзо да се менуваме и да се прилагодуваме на новите услови за живот и ако свесно се ослободиме од внатрешните кочници кои не спречувале да го живееме сопствениот живот со полни гради, тогаш ќе се случи процес на прочистување на наталожениот талог и тежини, прво кај нас самите. А, бидејќи општеството представува збир од индивидуи, би требало да се смени и атмосферата на колективно ниво, во државите и во светот и повторно да се роди надежта за едно подобро утре.

Меѓутоа, процесот нема да биде едноставен. Веројатно ќе треба да поминеме низ „Крв, труд, солзи и пот“, што би рекол Черчил, за да дојдеме до условите за тоа подобро утре. А, до нив ќе дојдат, повторувам, до услови за подобар живот ќе дојдат само оние кои најлесно ќе умеат да расчистат со минатото, со начинот на живот што до сега го живееле, со своите кочници и со забраните во својот ум. До подобро утре полесно ќе дојдат луѓето кои ја почитуваат идејата „Живеј и остави ги другите слободно да живеат“, а не оние што сакаат да ја наметнуваат сопствената волја и стил на живот на другите. Само за илустрација, кога последениот пат Сатурн транзитираше низ Водолија, во 1991, 1992 и 1993 година, се тресеше Балканот. А, Балканот во астрологијата е пртставен со знакот Јарец. Во тие години се менуваше лицето на светот што до тогаш го знаевме.

Ако го знаеме ова, нема да ни биде чудно зошто коронавирусот, кој се појави како предвесник на влегувањето на Сатурн во Водолија, ги напаѓа само старите лица, а младите се преносители. Уште една впечатлив симболика на борбата меѓу новото и старото, меѓу модерното и застареното. Значи, само промената на свеста, лична и колективна, може да не направи отпорни на промените што ќе ги донесе новото време.

За да не испраша дали го положивме тестот на самодисциплина и приземјување, Сатурн повторно, привремено, ќе се врати во Јарец, од 2-ри јули до 17-ти декември 2020. Ако лекцијата не е научена, ќе не удри посилно отколку првиот пат. Исто така, додека е во Водолија, посебно од февруари до септември 2021, Сатурн ќе се најде во неповолна позиција во однос на непредвидливиот Уран во Бик. Па, тогаш се можни непланирани, изненадни и силни удари по светската економија и по финансискиот систем на државите. А, тоа ќе се одрази и на финансиската состојба на секој човек поединечно. За да не ве начека овој период неподготвени, добро е уште од сега да внимавате на што ги трошите парите, во што ги вложувате, на кој начин да ги чувате.

КАКО САТУРН ВО ВОДОЛИЈА ЌЕ ВЛИЈАЕ НА СЕКОЈ ЗНАК

Влијанието ќе го почувствува секој знак, но на различен начин.

Така, Сатурн ќе биде најстрог и најизмачувачки за Водолиите, Лавовите, Биковите и Шкорпиите. За Вагите, Близнаците, Стрелците и Овните, тој би требало да биде помек. Па, дури на моменти ќе има и поволно влијание. Додека за Рибите, Јарците, Раковите и Девиците би требало да биде понеутрален.

Сепак, секој од нас ќе биде исправен пред некое животно искушение од кое ќе треба да научи нова лекција.

Но, пред да откриете која леција ќе треба да ја учите вие, имајте предвид дека предвидувањата се правени само со следење на движењето на Сатурн. Затоа, сликата за случувањата во вашиот живот не може да биде ниту целосна ниту прецизна. Вистинската слика за тоа што ве очекува би ја дознале кога би ги изработиле вашите Петгодишни Предвидувања или Соларниот (Годишен) Хороскоп.

За таа цел одете на оваа страна.

Упатство за читање: Прво прочитајте го текстот што важи за вашиот Подзнак. А, потоа комбинирајте ги информациите со текстот што се однесува на вашиот знак.

Овен

Во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, случувањата во животот веројатно ќе ве натераат да ја смирите топката, да ја зауздате лековерноста и да го прочистите својот список на пријатели. Бидејќи, Сатурн ќе ги тестира вашите пријателства, како и вашите планови во животот. На списокот ќе останат само неколку имиња на оние кои биле покрај вас и во лошо и во добро. Додека пријателите кои ве бараат само тогаш кога им треба ваша услуга ќе ги ставите таму каде што им е местото, во групата на познаници.

Потоа, веројатно ќе направите промени и на вашите планови и приоритети во животот. Можно е да се разочарате во клубот или партијата на кои им припаѓате или ги симпатизирате и да започнете да сметате само на себеси, на сопствените способности и таленти.

Од февруари до септември 2021, кога Сатурн ќе го вкрсти своето копје со Уран, би требало да бидете екстремно штедливи. Тогаш не е прпорачливо да влегувате во ризични зделки, да започнувате бизнис со пријатели, да дадете пари на заем на пријатели. Но, ако вие сте тие кои имаат земено заем од пријателите, можно е да се соочите со непријатна ситуација кога ќе треба да ги враќате парите назад. Исто така, не е ислкучено да имате дополнителни проблеми со здравственото или пензиското осигурување.

Бик

Во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, непоткупливиот учител, Сатурн, ќе се обиде да ве натера да ја зауздате својата себичност, ароганцијата и желбата да шефувате секаде и со секого. Ова посебно ќе биде изразено на професионален план, во комуникацијата со луѓето што ви се надредени или потчинети, како и во комуникацијата со вашите родители, доколку ги имате. Па, ако на време ги сфатите сигналите и ако покажете висок морал, праведност, скромност и воздржаност, можно е на крајот негативните тенденции во кариерата да ги свртите во своја корист.

Ако пак се однесувате арогантно, недисциплинирано или ако сте корумпирани, тогаш веројатно ќе се соочите со губење на позицијата, на работното место, со губење на честа и угледот. Посебно напорен ќе биде периодот од февруари до септември 2021 кога Уран од вашиот знак ќе му пркоси на Сатурн, создавајќи ви неочекувани проблеми во кариерата или со едниот родител.

Близнаци

Во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, непоткупливиот Сатурн ќе ги стави на тест вашите убедувања (политички, религиозни, философски). Но, на испит ќе биде ставено и вашето чувство за право и правда. Па, ако во минатото сте ги почитувале законите и не сте се врзувале фанатично за ниедна политичка или верска идеја, туку сте се однесувале космополитски, според законите, во овој период би можеле да добиете некоја правна битка.

Меѓутоа, ако сте се врзувале за луѓето, сте им прогледувале низ прсти на човечките слабости и сте го практикувале законот на посилниот, тогаш е можно да се соочите со судски процеси. Посебно непредвидлив ќе биде периодот од февруари до септември 2021, кога Сатурн ќе го има својот двобој на небото со непредвидливиот Уран, создавајќи ви услови за изолација или зголемувајќи го влијанието на вашите тајни непријатели.

Исто така, актуелни ќе бидат и прашањата поврзани со учењето, дипломите, патувањата во странство и контактот со странци. Па, ако сте ги почитувале високите морални норми и сте работеле напорно, нема да изостане успехот. Посебно ако сте студенти, постдипломци, дипломати, професори или туристички работници.

Рак

Во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, Сатурн некако ќе ви наметне да размислувате на теми поврзани со животот, смртта и болестите. Па, можеби ќе бидете подготвени на големи одрекувања со цел да ги реализирате своите амбиции или пак ќе се одречете од амбициите и донесувањето нови одлуки за вашата иднина поради стравот од болестите или од губењето на силата или на моќта.

Во истиот период ве очекуваат и искушенија поврзани со парите. Па, ако сте подигнале кредит во минатото, ако сте земале заем, ако се потпирате само на финансиите од партнерот или сте во процес на поделба на наследството, можно е да се соочите со проблеми. Тие ќе имаат за цел, одговорноста за својот живот да ја превземете во свои раце и конечно да расчистите со минатото.

Ако пак сакате да се поштедите од проблеми, ќе биде препорачливо да се воздржите од земање или давање пари на заем, од подигање кредити и од поделба на евентуалните наследства. Посебно во периодот од февруари до септември 2021 година, кога Сатурн ќе си ги мери мускулите со Уран од Бик. Тогаш не е препорачливо да правите долгорочни планови за иднината, бидејќи би можеле да ви се изјаловат. Можно е да се разочарате во некој пријател или да не ја добиете поддршката од партијата на која и припаѓате или клубот во кој членувате. А, можо е да се соочите и со проблеми од сексуална природа.

Лав

Во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, Сатурн ќе ги стави на тест вашите партнерски односи од секаков вид. Посебно ќе биде непријатно ако сте веќе во брак или ако имате ортак во бизнисот. Тогаш е можно да исчезнат илузиите што сте ги создавале околу партнерот, со цел да не го видите неговото вистинско лице и да ја продолжите илузијата на вашиот, божем, заеднички живот. Затоа, многу бракови тешко дека ќе го пребродат периодот безбедно.

Посебно тешко ќе биде во периодот од февруари до септември 2021. Па, додека Сатурн и Уран си ги мерат своите сили на небото, ќе настрада вашиот брачен живот и углед, на Земјата. А, можни се и проблеми поврзано со кариерата, со авторитетите од секаков вид, со едниот родител. Затоа, уште од сега собирајте сили и решавајте ги акумулираните проблеми на овие планови од вашиот живот. Не чекајте да бидете изненадени за да ги направите промените што се неопходни и да се прилагодите на новонастанатите услови. Во периодот од февруари до септември 2021 е можно да започнете и судска разврска на некое бизнис партнерство поради измама.

Ако сте слободни, можно е да ви се појави шанса да стапите во брак со личност која ќе биде значително повозрасна или помлада од вас. А, вие ќе имате намера да ја прифатите, заради страв од осаменост или поради практични причини, а не поради љубов.

Девица

На својот пат низ ориентираната кон иднина Водолија, Сатурн, во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, ќе дојде да ги наплати сметките за начинот на кој до сега сте го живееле вашиот живот и да ги ревидира вашите навики поврзани со работата и слободното време.

Па, ако имате развиено здрави животни навики, ако се храните здраво, ако ги избегнувате стресните ситуации, ако спортувате и доволно се одморате, би можеле да се соочите со сезонски заболувања или само да чувствувате замор без причина. Ако пак сте живееле нездраво, тогаш е можно да се соочите со посериозни здравствени проблеми поврзани со крвотокот, вените, потколениците, нервите.

Што се однесува до работата, ако сте научени на сериозен и одговорен однос кон работата и колегите, тогаш е можно да се почувствувате преоптоварено од обврските и помалку да уживате во извршувањето на работните задачи. Ако пак сте злобни, лицемерни, неодговорни и мрзеливи, или пак сте ја злоупотребиле својата службена должност, тогаш е можно дури да го загубите работното место или да бидете деградирани. Посебно во периодот од февруари до септември 2021. Тогаш Сатурн и Уран ќе ги мерат своите сили на небото, па би можело да се случи да имате проблеми поврзани со работата, здравјето, патувањата, образованието и законот.

Вага

Вас Сатурн ќе ве тестира по прашањата поврзани со љубовта и децата.

Па, ако во досегашниот живот ја имате научено лекцијата на преданост, верност и истрајност во врските, во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година веројатно ќе започнете сериозна врска со личност значително помлада или повозрасна од вас. А, ако некого сте го повредиле во минатото на емотивен план и ако се каете за своите грешки, во овој период би можеле да ги обновите контактите со таа личност. Ако умеете безусловно да ги сакате своите деца, би можеле да ги преизградите своите односи на темелите на заедничката почит и немешање во животите едни на други.

Ако пак не сте свесни за своите грешки или не сакате да ги признаете поради своето силно его, тогаш Сатурн ќе ве соочи со испразноста на осамениот живот за да имате доволно време да се преслушате себеси и да го вратите филмот наназад. Но, можно е и да започнете врска која ќе биде трауматична, со цел преку сопствените страдања да научите како се чувствувале вашите партнери покрај вас во минатото. Крајната цел ќе биде да сфатите дека се што постои во животот поминува и ништо не ни останува, освен љубовта што сме ја сочувале во нашите души и онаа што сме ја предизвикале кај другите.

Ако сте во брак, ве очекуваат проблеми во покажувањето на чувствата и во практикување на сексот, кои во периодот од февруари до септември 2021 би можеле да кулминираат и да доведат до разделба со партнерот. А, ако сте родители, во истиот период ве очекуваат и искушенија поврзани со децата. Искушенијата ќе имаат за цел да ве научат да не ја условувате љубовта кон вашите деца со работи што вам ви се важни.

Шкорпија

Во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, Сатурн ќе ви донесе искушенија поврзани со домот, членовите на семејството, родителите или недвижниот имот.

Па, ако до сега сте ги потиснувале незадоволствата, а проблемите сте ги туркале под тепих заради одржување на семејниот мир, во следните неколку години искушенијата ќе бидат толку големи, што ќе ве прават исклучително нервозни во комуникацијата со членовите на семејството. Така, нема да биде чудно, ако наместо љубовта и хармонијата, во вашиот дом зацаруваат кавгите, обвинувањата, финансиските проблеми. Па, ако сте во брак, можно е да се случи растурање на домот, поригиден начин на живот, разделба со партнерот. Посебно тежок ќе биде периодот од февруари до септември 2021, кога Уран ќе го активира детонаторот на бомбата со која Сатурн започнал да ги урива застарените работи поврзани со вашиот дом, членови на семејство, брачен партнер.

Исто така, можно е да се соочите со болест на родителите или на друг член од семејството. А, ако сте невнимателни, можно е да бидете во загуба при купувањето, продавањето или ставањето под хипотека на стан или друг недвижен имот. Периодот од февруари до септември 2021 многу бракови не ќе можат да го издржат. Само оние во кои партнерите си дале комплетна слобода, се однесуваат како пријатели и се подготвени постојано да се прилагодуваат на промените поврзани со нивниот брачен партнер, на честите разделби, на одвоениот живот.

Стрелец

Сатурн ќе ги стави на тест вашиот интелектуален развој, вашиот начин на комуникација и вашите односи со браќата, сестрите, роднините и соседите. Па, во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, вие ќе почувствувате посилен порив кон учењето, читањето и кон интелектуалното воздигнување.

Како резултат на промената во вашата свест, вие ќе согледате дека вашето агресивно и конфликтно однесување кон другите не ви донело ништо добро во минатото. Па, веројатно ќе се обидувате да го смените својот пристап во комуникацијата со луѓето. Но, тоа ќе предизвика да се подобрат и вашите односи со браќата, сестрите, роднините, соседите и сите луѓе со кои секојдневно комуницирате на овој или на оној начин, во личен контакт, преку социјалните мрежи и слично. Сепак, ако одлучите дека ви е тешко да се менувате, на тоа ќе бидете принудени во периодот од февруари до септември 2021 година, под влијанието на неумоливите вибрации на Сатурн и Уран. Но, тоа ќе биде за ваше добро.

Периодот најтешко ќе го поминат Стрелците ученици, студенти, вработените во образовните институции, во рекламните и маркетинг агенции, во авто салоните и авто школите.

Јарец

Студените вибрации на Сатурн ќе внесат заладување во вашето поле на парите во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година. Тоа значи дека ве очекуваат искушенија поврзани со заработувачката на пари, со инвестициите и долговите. Меѓутоа, ако до сега сте се научиле на напорна работа, на одрекувања, скромност и издржливост, тогаш е можно Сатурн да ве поштеди. Па, веројатно ќе имате само повеќе работа за истите пари.

Но, ако сте алчни, себични, импулсивни, завидливи и мрзеливи, тогаш би можеле да се соочите со финансиски проблеми, да заглавите во долгови или пак да вложите пари во инвестиција која ќе биде неисплатлива и ќе заврши како финансиска загуба. А, ако сте направиле некаква финансиска малверзација во минатото, сега за тоа ќе има да си платите со камата. Посебно неповолен ќе биде периодот од февруари до септември 2021, кога Сатурн ќе си ги мери мускулите со Уран во полето на вашите финансии и ќе настрадаат истите. За да не дојде до тоа, во тој период не е препорачливо да преземате поголеми финансиски трансакции, да правите поголеми инвестиции и ќе треба да се воздржите од непотребни трошоци.

Водолија

Иако Сатурн е ваш совладетел, на неговиот пат низ вашиот знак, во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, тој нема да ве штеди. Напротив, ќе искреира илјада начини да испита од каков материјал е изградена вашата личност, вашиот карактер, вашиот вредносен систем.

Како резултат на тоа, можно е да бидете изложени на непријатни ситуации за кои можеби нема да бидете виновни лично вие, но ќе ги чувствувате последиците, а не ќе можете ништо да смените. Ако сте повозрасни сетете се како ви било во 1991, 1992 и 1993 година. Можно е да се повторат слични ситуации како проверка на тоа што тогаш требало да го научите. Ако сте помлади, имајте предвид дека е можно се што ќе почнете да ви оди тешко и да бара од вас дополнителни напори и ангажман. Но, можно е да треба да свртите нова страница во животот, процес кој нема лесно да ви оди, бидејќи научени на старото, не ќе сакате да ги менувате навиките.

Меѓутоа, ако животот веќе ве научил на одговорност, стоицизам и смиреност во проблематични ситуации кои не зависат од вас, тогаш е можно од целиот процес да излезете помоќни. Ако пак настојувате работите да се одвиваат според вашите желби, ако не сте прилагодливи, ако сакате да стигнете на врвот по полесниот пат или газејќи по трупови, тогаш би можеле да очекувате стрмоглав пад. Па, дури и здравствени проблеми. Посебно напорен ќе биде периодот од февруари до септември 2021, кога ќе се соочите со непланирани случувања поврзани со домот, членовите на семејството, недвижниот имот. Можеби ќе треба за кусо време, да се преселите и тоа ќе дојде неочекувано.

Риби

Вибрациите на Сатурн, во периодот од 23-ти март 2020 до 7-ми март 2023 година, би можеле да имаат двојна природа во однос на вас. Па, ако во минатото сте живееле чесен живот и не сте го прекршиле законот, тогаш тие вибрации би можеле да ве натераат некако да се повлечете во себе, да ги избегнувате луѓето, да работите на себеси и на својот духовен развој, многу да читате, да го анализирате своето минато. Таквиот пристап би можел да ви донесе некои вредни сознанија кои ќе ви користат во иднина.

Меѓутоа, ако сте живееле несреден живот, ако сте им подлегнале на пороците или пак сте направиле нешто нелегално, постои опасност да бидете изолирани од луѓето, да престојувате во болница или да одговарате пред законот. Посебно опасен ќе биде периодот од февруари до септември 2021 година, кога Сатурн и Уран ќе ги вкрстат своите вибрации и нема да покажуваат никаква милост. Тогаш е можно да имате проблеми со браќата, сестрите, роднините и соседите, со полагањето испити, на патување, со колата. Вредните документи и парите чувајте ги на безбедно место.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие кој е вашиот идеален партнер, како се однесувате во љубовта и сексот, зошто секогаш привлекувате одреден тип на личности и како можете да го подобрите својот љубовен живот.


Навистина овој хороскоп не е клише како многу други. Овој хороскоп баш ти дава одговори за тоа кој си бил, каков си и што треба да правиш за да станеш подобра личност. 

Деја З.К.


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2020
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби