In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Љубов, Ах Љубов

Овој текст е авторски и не смее да се копира и реемитува без одобрение на авторот, Виолета Марсол

Љубов, Ах Љубов
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

Уште пред околу 25 века, грчкиот философ Хераклит има убаво забележано дека „Човек не може два пати да згази во истата река“. Бидејќи, ништо на светот не останува исто и се постојано се менува, како водата во реката што постојано некаде брза.

Исто е и со нашите животи. Секој од нас постојано се менува, и физички и ментално и емотивно. Се менуваат нашите размислувања, нашите ставови, нашите погледи на светот, нашите вкусови, нашето однесување, се менува модата. Така, со текот на времето се менува дури и вкусот на истиот човек за една иста работа. А, тоа посебно се забележува во љубовта. И фала Богу што е така, бидејќи што би рекле кога би требало целиот живот да го поминете со личноста што ви се допаѓаше кога бевте тинејџери? Дали би посакале со таа личност да го поминете остатокот од животот? Секако, доколку се случи, тој или таа, да останат исти како што ги паметите во тинејџерските години. Не знам за вас, но јас признавам дека не би сакала.

На, 15, 16, 17 години, не се вљубуваме во личноста на другиот (да бидам искрена, некој тоа не го прави во текот на целиот живот), туку во тоа како таа личност се смее, како се облекува, дали фраерски се однесува.

Потоа, како стануваме повозрасни, предност и даваме на сексуалната привлечност. Кога доаѓа време за мажење и женење, оние кои не направиле непланирано дете во претходната фаза поради кое биле принудени да стапат во брак, тие стануваат попрактични во изборот на партнер. Па, ги интересира неговото образование, неговата материјална состојба, ги интересира дали би можеле да живеат со таа личност и заедно да подигаат семејство. Затоа, во астрологијата постојат аспекти за различни видови на љубов. Додека полето одговорно за бракот се разликува од она за љубовта, што покажува дека бракот не мора да биде склучен од љубов.

Потоа, ако проценката на партнерите е добро направена и ако личностите се во брак, тие би требало да запловат во помирни води, во однос кој подразбира взаемно пријателство и силна поддршка. Некои, заради различни причини, а најчесто заради нискиот степен на самопочитување, заглавуваат во врски во кои се малтретирани, понижувани и третирани како предмети во приватна сопственост на партнерот. Само ретките среќници доживуваат нивната љубов да ги надмине сите граници и пречки и да прерасне во највисокиот степен на приврзаност што постои меѓу човечките суштества и се вика безусловна љубов. Оваа љубов е толку ретка во време кога себичноста царува, што може да се спореди со најскапоцениот камен, со највредниот дијамант. А, се одликува со безрезервна верност, стрпливост, доверба и сочувствителност меѓу партнерите.

И тука скептиците можеби ќе забележат дека штом го сакаш својот партнер во секакви услови и ситуации, тогаш значи не ти е важно што тој прави, како изгледа и како се однесува. Па, во тој случај, безусловната љубов не е ништо поразлична од рамнодушноста. Психолозите пак ќе кажат дека бракот не е безусловна љубов, бидејќи безусловно можат и треба да се сакаат само сопствените деца. А, нашиот партнер не е наше дете. Но, јас од моето искуство можам да потврдам дека сум имала случаи кои ме убедиле дека безусловната љубов можеби не постои во обликот што ние си го замислуваме. Но, дека постои љубов која им пркоси на проблемите и се продлабочува со текот на годините. А, притоа покрај безрезервна верност, стрпливост и доверба, зачинета е со сексуална привлечност која не го намалува својот интензитет. Таков беше случајот на Вилма и Горан.

Кога Вилма за прв пат дојде кај мене, таа, според нејзините критериуми, немаше никакви проблеми. Ниту имаше потреба од духовен развој. Тоа беше премногу небулозен поим за нејзиниот прагматичен ум. Значи, беше дојдена најмногу поради љубопитност. Всушност, најпрецизно кажано, беше дојдена да го тестира во живо она што гледала дека го правам на телевизија со познатите личности. За себе сметаше дека е успешна личност, бидејќи живееше повеќе од лагоден живот. Таа и нејзиниот сопруг имаа по една фирма кои работеа со иста дејност. Имаа два луксузни автомобила, две деца, нов и простран стан, плус викендица. Вилма на себе носеше скапа облека и златен накит што буквално тежеше најмалку половина килограм. И што е најважно, сето ова го имаа стекнато во златната ера за богатење преку приватен бизнис, во првите десетина години од осамостојувањето на Македонија.

Меѓутоа, нејзината Натална Карта што лежеше на масичката пред нас не беше толку сјајна. Напротив, таа покажуваше дека и покрај добриот старт, и покрај нејзината нескриена љубов кон сите работи што можат да се купат со пари, и покрај подемот на материјален план, нејзината материјална состојба би требало да биде променлива, како и нејзината ситуација на брачен план. Имено, нејзината Натална Карта покажуваше дека нејзиниот сопруг би требало да е некој мрачен и таинствен тип кој е способен за сомнителни бизниси или некој страстен коцкар. Не многу убав, со темен тен, со поинаква националност од нејзината и со голем нос кој требаше да доминира на неговото лице.

На овие мои зборови Вилма се насмеа на цел глас, како да кажав добар виц.

„Ха-ха-ха, не можам да верувам. Точно од збор до збор. Ха-ха-ха. Добро, ај за другото, ама како можеш во тоа крукче да видиш дека има голем нос? Па, и дека е од друга националност? Точно, татко му е Хрват, мајка му Црногорка. Колку го бива за матни бизниси не знам. Но, навистина е таинствен и коцкар. Ама мене токму тоа ме возбудува. Јас не сакам маж што со мене ќе седи дома пред телевизор. Јас сакам срцето да ми заигра кога ќе го видам. А, со Горан секогаш ми игра кога ќе му ги чујам чекорите во ходникот. И по десет години брак.“

И навистина, додека Вилма зборуваше за својот сопруг, и слеп човек можеше да забележи колку е вљубена и со каков восхит зборува за него. Таа ми беше уште еден од безбројните докази за вистинитоста на изреката „One man’s trash is another man’s treasure“ или дека она што за еден човек е отпад, за некој друг е богатство. Бидејќи, она што на Вилма и се допаѓаше кај Горан, за 99% од жените би било неподносливо и би означувало сериозна причина за крај на врската.

Тогаш морав да и ја кажам целата вистина. И кажав дека нејзината врска со Горан беше само продолжение на нејзината врска со него од минатиот живот, кога улогите биле сменети. Кога Вилма била маж кој својот недостаток на пари вешто го компензирал со вишок на шарм и неверојатна речитост. Додека Горан бил жена, богата наследничка, со скромна појавност и добра душа. Во тој живот, Вилма го завела Горан со предумисла, со цел да ги користи неговите пари. А, Горан и ги простувал сите глупости, бидејќи бил безумно вљубен во неа. На тој начин, таа му го потрошила целото богатство и заминала во непознат правец. Додека Горан остатокот од животот го поминал жалејќи по својата љубов. Во овој живот тие повторно морале да се сретнат со цел Вилма да го искупи својот кармички долг кон Горан. И ако успее во тоа, сметките ќе бидат израмнети, па ќе им биде дадено остатокот од животот да го поминат во љубов и хармонија.

Додека ова го зборував нејзиниот поглед изгледаше како погледот на човек кој на големата сложувалка штотуку ги пополнил последните празни места и ја видел комплетна големата слика. Па, рече:

„Да знаеш дека има логика. Конечно се си доаѓа на свое место. Знаеш, Горан воопшто не беше материјал за брак. Пораснат како вонбрачно дете, како грешка на неговата мајка од младоста, исмеван од околината заради тоа, без некое солидно образование, без иднина. Но, кога прв пат го видов како гром да ме погоди. Стомакот ми се врза во чвор и знаев само едно, тој мора да ми биде маж.“

Додека ја гледав збунето, таа продолжи:

„И знаеш што е најинтересно, јас го бркав него, а тој не ме забележуваше. Одев онаму каде што излегуваше за да го видам. Им кажав на сите негови пријатели дека ми се допаѓа. Тој и понатаму не реагираше на мене, но јас бев упорна. Првиот пат кога водевме љубов тој беше пијан, а јас бев на седмо небо. Потоа, очекував, ама тој не ме побара. Но, изгледа така сакало да биде, јас останав бремена после само една, единствена ноќ помината со него. Кога го побарав да му кажам дека сум бремена, прво не ми веруваше. Мислеше дека се фолирам за да ја продолжам врската. Ама откако поминаа неколку дена и тој се созема од шокот, како нешто да се скрши во него. Ме побара и ми рече: „Јас цел живот растев како копиле и нема да дозволам така да расте и моето дете, ајде да се земеме.“ Да ти кажам искрено, ме изненади. Не очекував таков одговор. Поготово не од таков скопски шемаџија, каков што беше Горан.“

„Сепак излегол фер, а не морал“ забележав јас.

„Да, така изгледа од страна“ одговори Вилма. „Но, првите месеци од нашиот брачен живот сто пати пожалив што не абортирав. Беше очигледно дека не ме сака. Секоја вечер излегуваше со друштвото. Ме оставаше сама дома, со мајка му што ме гледаше како некоја што го излажала син и. Но, работите се сменија откако се породив со Горан. Забележуваш, на синот му го дадов неговото име? Потоа, моите родители решија да ни помогнат. Ни дадоа пари да го почнеме бизнисот. Отидовме под кирија. И тогаш водата почна да оди на нашата воденица. И еве не денес. По десет години заеднички живот стекнавме повеќе од доволно. И не барам повеќе, само нека продолжи така.“

Меѓутоа, нејзината Натална Карта покажуваше дека и се подготвува сериозно искушение по прашање на финансиите. А, јас не бев сигурна дали таа ќе го издржи тестот. Поточно, за 4 до 5 години од моментот кога зборувавме видов дека таа ќе биде соочена со опасност од загуба на многу пари. А, бидејќи материјалните работи и значеа многу, не бев сигурна како таа загуба ќе се рефлектира на нејзините односи во бракот. Оваа информација не ја загрижи, бидејќи, според неа, тие имаа се што им е потребно. Па, дури и кога бизнисот не би им одел толку добро, би можеле да се преориентираат, да продадат дел од недвижниот имот, некој од автомобилите, да се снајдат. Така и се разделиме, во пријателска и оптимистичка атмосфера.

Поминаа 2-3 години од нашата прва средба кога Вилма повторно дојде на консултации околу нејзините Предвидувања. Веќе се беа појавиле првите облаци во рајот на нејзиниот брачен живот. Интересот на пазарот за она што таа го работеше со Горан почна да опаѓа. Мораа да ја затворат едната фирма. А, требаше да се покрие и по некој коцкарски долг. Па, ја продадоа едната кола. Вилма добро ги поднесуваше овие удари. Но, од она што јас го видов, најлошото допрва доаѓаше. Со цел да ја антиципира штетата и на материјален и на емотивен план, знам дека и повторив да не се врзува премногу за материјалното. Да не влегува во непроверени и ризични инвестиции. Но, доколку и после сите мерки на претпазливост повторно се случи да претрпи финансиска загуба, да прифати дека тоа е чашата што не можела да ја одмине, дека тоа е лекцијата што морала да ја научи. Уште повеќе ако во тоа има удел и Горан. Бидејќи, кон него носи кармички долгови од минатиот живот, кога безочно го потрошила целото негово богатство.

Овој пат, моите предупредувања не ги дочека со голема доза на ноншалантност, како претходно. Напротив, беше видно загрижена како ќе успее да го менаџира својот живот во иднина. Но, секако не беше човек што покажува слабост.

Поминаа години. Времето течеше како водата во реката на Хераклит. Се случија многу промени и во светот и во мојот живот. А, Вилма исчезна и од моето видно поле и од мојата меморија. До денот кога една од нејзините најдобри пријателки беше дошла кај мене, на нејзина препорака. На моето куртоазно прашање „Како е Вилма?“, нејзината пријателка ми го раскажа делот од мозаикот кој ми недостасуваше. Имено, коцкарските долгови на Горан не биле толку малечки за да се покријат со парите од продажбата на колата. Туку тие морале да го продадат и големиот стан и да се преселат во двособното станче на неговата мајка. Но, Вилма во ниеден момент не се откажала од Горан и од желбата да му даде поддршка. Дури и во моментите кога најдобрите пријатели му го свртеле грбот, сметајќи го за лузер.

По отплаќањето на долговите, по наговор на Вилма, започнале со сосема нов бизнис, што до тогаш го немало во градов. Почнале повторно да заработуваат и да застануваат на нозе. А, откако мајката на Горан починала, тие го продале нејзиниот стан и со заштедата што веќе ја направиле повторно купиле голем стан во една од помалку елитните населби во градот. Управувањето со финансиите сега било исклучиво во рацете на Вилма. Додека Горан добивал џепарац за рекреативно коцкање за време на викенд со старото друштво.

„Не знам што да кажам“ заврши нејзината пријателка. „Но, нивниот однос сега ми изгледа подобар од кога и да било порано. Постојано се заедно. Често патуваат. Го оженија синот во странство. Изгледаат како тазе вљубени. Боже ме прости, понекогаш мислам како да беше добро што им се случи таков финансиски крах.“

Каков погодок во центарот на вистината. Така е, финансискиот крах беше начин да се измират кармичките долгови меѓу Вилма и Горан и да се отвори патот за нивната вистинска љубов. Ако ме прашувате дали нивната љубов беше безусловна? Одговорот е „не“. Бидејќи, љубовта меѓу Вилма и Горан се зацврсти откако тој си ги смени навиките. Но, најблиску е до безусловната. Најпрецизно кажано, нивниот случај повеќе ми е доказ дека секој пат, одново и одново, мора да ја заслужуваме љубовта на партнерот. Дури иако сме во брак 50 години.

А, ако ме прашувате што е тогаш тајната на љубовта која му пркоси на времето, прочитајте ја поучната приказна што следува во продолжение:

Си биле двајца најдобри пријатели кои заминале на авантуристичко патување со џип низ Сахара. Но, џипот прегреал на жешкото сонце и престанал да работи. Сакале или не, пријателите биле принудени да побараат помош во првото населено место, во првата оаза.

Одејќи така низ пустината, започнале да се обвинуваат еден со друг, кој е одговорен за ситуацијата во која се нашле. Меѓусебните обвинувања прераснале во жолчна расправија која толку кулминирала што едниот го удрил другиот. Удрениот се почувствувал длабоко повреден од постапката на својот другар, но не му возвратил, само си ја искажал својата болка на песокот пишувајќи:

„Денес ме удри најдобриот пријател.“

Другиот ден го продолжиле патот молкум и имале среќа за кусо време да наидат на една оаза. Прво што направиле било да се изнапијат вода. А, второ, да се избањаат во езерцето. Оној што минатата вечер беше добил шлаканица од пријателот го зафатил грч и започнал да се дави. Но, за среќа, неговиот пријател бил присебен и плус добар пливач, па успеал да го спаси. Откако се соземал од првичниот шок, давеникот ја издлабил на еден камен пораката:

„Денес најдобриот другар ми го спаси животот.“

И токму ова е животот, денес лошо, утре добро. И токму ова е тајната и на секое долгогодишно пријателство и на секоја љубов што им пркоси на годините и на проблемите. Јас не велам дека секоја работа треба да се прости и заборави. Напротив. Сметам дека на оној што ќе ни направи некоја крупна грешка, повреда, измама или предавство не треба да му дадеме втора шанса. Бидејќи, втората шанса е само можност уште полошо да бидеме повредени следниот пат.

Меѓутоа, кога пријателот или партнерот направи некоја помала грешка, тоа треба да го запишеме на песок, за да можат ветровите да го избришат. Но, кога ќе направи нешто добро, тоа треба да го изгравираме во камен, за да не може со ништо да се избрише. Всушност, кон животот би требало да се однесуваме како кон фотоапаратот. Ние избираме на што ќе го фокусираме. Ги фаќаме само убавите моменти. Ги развиваме сликите од негативот. А, ако работите на крајот не излегуваат како што треба, се обидуваме повторно. Но, на партнерот му ги покажуваме само најубавите слики.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне да ги откриете причинско-последичните врски меѓу вашиот минат и сегашен живот, ќе ви открие што се случувало во вашиот минат живот, како тоа се рефлектира на вашето однесување и на случувањата во сегашниот и која е целта на вашето раѓање.


Вистината што извираше од првите страници на мојата натална карта ме скамени. Цела недела ми беше страв да продолжам со читањето. Сепак, љубопитноста победи. Имав што да научам за себеси. 

Борис П., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби