In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Кога умира душата?

Колку трае еден ден на секоја планета

Крадци

Светот е глобално ријалити шоу

Луѓето се како очи

Убавите круши...

Како да знаеме дали е наше тоа што ќе дојде

Ретрограден Марс во Овен

Најголемата слабост на секој знак

Несудената Фрида Кало

Јуни 2020 - Месец на две Еклипси

Сите бои на Виножитото

Љубов, Ах Љубов

Човекот наречен Надеж

Сатурн во Водолија

Ретрограден Меркур во Риби

Француски бакнеж

Годишен хороскоп за 2020 година

Ни претстои неочекувано среќен период

Во што се крие благословот

Ретрограден Меркур во Шкорпија

Што ќе ни донесат ѕвездите во октомври 2019?

Венера во Вага - Време за Љубов

Млада Црна Месечина на 30 август 2019

Немаш ни благодарам

Ќе ја сретнеш својата судбина

Ни на Небо, ни на Земја

Затемнување на Месечината на 16 јули 2019

Не ја мати водата

Ретрограден Меркур во Лав И Рак

Талентот е Божји дар

Вера, Надеж и Љубов

Сиротата мала богаташка

Ѕвезденото небо над светот во јуни 2019

Двете Марии

Скршеното огледалце

Цветна, Сина Месечина на небото на 18-ти мај

Министерот со шешир и темни очила за сонце

Ѕвезденото небо над светот во мај 2019

Љубовта е во воздухот

Нека го фрли првиот камен...

Сатурн коњукција Плутон

Ќерката на офицерот со ружи

Ретроградни планети - што ќе ни донесат?

Ѕвезденото небо над светот во април 2019

Кралот на Троседот

Оној што спасил живот

Ветената Земја

Ретрограден Меркур во Риби

Бони и Клајд - Made in Macedonia

 

Бони и Клајд - Made in Macedonia
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

Беше тоа во деновите околу Нова Година. Мислам 2000-та, ама не ме држете за збор. Беше сив и студен ден кога луѓето стуткани во своите зимски палта брзаа да стигнат кон топлината на нивните одредишта. А, како што сигурно веќе сте почувствувале на сопствената кожа, деновите околу големите празници се или исполнети со љубов и заедништво. Ако ја имате таа среќа да бидете опкружени со луѓе што ве сакаат, со кои ќе ги прославувате. Или, се исполнети со тага и носталгични сеќавања за некои поубави времиња кога сте биле среќни, а не сте го знаеле тоа.

Е, токму во еден таков ден јас и мојата, тогашна, најдобра другарка седевме во една пицерија, обидувајќи се зимската меланхолија да ја претвориме во зимска идила. Меѓутоа, како да се чувствуваш идилично кога од масата што е на чекор од тебе те гледаат два пара втренчени очи, како оние на мачките кога во нив ќе засветлат автомобилските фарови. Беа тоа очите на едно високо момче кое, според моја груба проценка, беше во средината на триесеттите години од неговиот живот и очите на една симпатична и нежна девојка, нешто помлада од него. Во еден миг дури помислив: „Боже, подобро е да беа мачки. Тогаш барем ќе им дадев од пицата и ќе ме оставеа на мира. Но, што да направам за да се спасам од погледите на овие двајца кои не се разбираат од бон тон.“

„Мислам дека залациве ми одат во тилот“ и се обратив на другарка ми со нервозен глас.

Таа, сфаќајќи ја целата ситуација низ смеење ми одговори: „Еее, така е кога си јавна личност. Постојано те гледаат на телевизија и може им е интересно што те гледаат во живо.“

Во тој миг девојката стана и со еден чекор дојде до нашата маса. Како да ми ги чита мислите рече: „Извинете што вака гледаме во вас. Можеби е непристојно. Но, ве препознавме и цело време собираме сили кој од нас да ви се обрати.“

„Кажете“ одговорив, малку засрамена како некој кој го фатиле на дело.

„Редовно ја гледаме вашата емисија „Ѕвездите говорат за ѕвездите“ и одамна сакаме да ни направите натални карти. Но, не знаевме како да стапиме во контакт со вас. А, ова е како некој да ни ги исполнил желбите. Не интересира дали правите натални карти и за обични луѓе, освен за ѕвезди?“

„Секако“ одговорив „Само ако се сложувате да ве побарам кога ќе бидам во можност. А, тоа може да потрае неколку месеци.“

Откако ми ги запиша нивните податоци додадов: „Само да ви кажам. Јас не знам во каква релација сте вие двајца, но да знаете дека кај мене ќе дојдете посебно, еден по еден.“

Времето по овој настан ми леташе како лудо, докажувајќи ја на дело теоријата на Ајнштајн за релативноста. Имено, кога работиме нешто интересно што не исполнува или кога сме со луѓето што ги сакаме, времето побрзо тече. За разлика од миговите исполнети со здодевност или страв. Тие никако не поминуваат и ни се чини дека траат вечно. Така, моето време исполнето со работата што ја сакам како во еден миг да ме пренесе од студенилото на зимата во најубавиот месец, мај.

Надвор веќе се беше раззеленето, живо, звуци се слушаа од секаде. А, сонцето грееше доволно да ми внесе оптимизам, но не премногу силно за да ми предизвика нервоза. Беше петок, јас се ослободив од обврските кон телевизијата и го отворив тефтерот каде ги запишував имињата на луѓето на кои им бев ветила средба. Првото непрешкртано име беше на девојката од пицеријата. Ја побарав, а таа со весел и возбуден глас ми одговори:

„Конечно. Мислев дека нема да се јавите. Едвај ја чекам нашата средба.“ Јас и кажав на која адреса треба да дојде во недела и нагласив: „Не заборавај дека треба да дојдете посебно. Ти во 12 часот. А, твојот пријател во 14.“

Изненадувањето ме чекаше кога започнав да ја изработувам Наталната Карта на девојката. Таа покажуваше дека станува збор за личност на која многу и се важни материјалните работи и удобниот живот. Дека за да ги оствари своите цели е подготвена на се, дури и на нелегални активности. Дека овие нејзини погледи на светот се само продолжување на нејзините активности од минатиот живот кога се занимавала со криминал. Па, дури било можно да била член на некоја мафијашка група.

„Леле“ си реков во себе „Не ми се верува. Зарем зад онаква фасада на нежна и кршлива девојка се крие криминална ментална матрица?“

Продолжив со работата врз нејзината Натална Карта и уште повеќе ме шокираше тоа што открив дека токму во тој момент постои опасност таа да биде откриена од полицијата и да оди во затвор.

„Добро“ си реков. „Можеби не е се така црно. Можеби во нејзиниот карактер има предиспозиции за криминал. Но, заради воспитувањето, средината или заради милоста божја, тие предиспозиции не се реализирани. Бидејќи, во астрологијата планетите само укажуваат на некои работи, но луѓето имаат слободен избор и самите одлучуваат што ќе направат во дадена ситуација.“ Повторно се навраќав на мојот прв впечаток за неа. „Не, не верувам дека е во состојба да направи некаков криминал“ се смирував себеси. „Веројатно се наоѓа во некоја тешка состојба. Сигурно е на тешки маки, можеби е болна или изложена на некое големо искушение. Но, криминал? Тоа сигурно не.“

Тогаш продолжив со изработка на Наталната Карта на момчето што беше со неа. Иако според годините, доцни триесетти, тој веќе беше маж, според младоликиот изглед го доживував како да е се уште во своите момчешки години. И неговата Натална Карта изобилуваше со аспекти кои укажуваа дека тој животот го доживуваше како една голема авантура и секако, беше склон на криминални активности. Меѓутоа, во неговата Натална Карта не стоеше опасност од одење во затвор. И тој во минатиот живот се занимавал со криминал, бидејќи уживал во адреналинот што го предизвикува неизвесноста од помислата дали ќе биде уловен од полицијата или не.

И во еден момент го здогледав најважното нешто. Аспектите во нивните Натални Карти се вклопуваа едни во други како делови во сложувалка, како лего коцки, како Јинг и Јанг. Сега веќе бев сигурна дека нивниот однос е љубовен. Но, уште пофасцинантно беше сознанието дека тие ја започнале својата љубовна врска уште во минатиот живот. Биле љубовна двојка која заедно врши криминални дела. Биле... Најверојатно биле Бони и Клајд или некој сличен пар.

Од тој миг на провидение не можев да ги викам поинаку освен како личностите кои останаа запишани во американската криминална историја како озлогласен тандем кој пљачкал луѓе, продавници, банки и пружал вооружен отпор на полицијата. За на крај и двајцата да бидат убиени од заседа. Според официјалните податоци. А, како било навистина, само еден господ знае. Моите Бони и Клајд дури и физички наликуваа на вистинските, а не на глумците од истоимениот филм, Феј Данавеј и Ворен Бити. Но, според нивните натални карти, македонската Бони, Тамара, во минатиот живот го предала македонскиот Клајд, Петар, на полицијата, со цел да се спаси себеси. Тој погинал. Па, таа во овој живот е дојдена со кармички долг кон него.

Кога открив за какви луѓе станува збор си помислив: „Што да правам со моите Бони и Клајд?“ Прво што ми падна на памет е да се јавам кај Тамара и да ја откажам средбата со некаков изговор. Но, потоа проработе мојата совест и човечност, па си реков: „Добро. Штом господ ни ги вкрстува патиштата значи така требало да биде. Значи, можеби треба да одиграм некаква улога во нивниот живот, а и тие во мојот.“ Потоа започнав да се преиспитувам себеси: „А, што ако ова што го гледам во нивните Натални Карти е само потенцијалот кој го носат, но кој се уште не се манифестирал? Можеби разговорот со мене ќе им помогне да се освестат и да го сменат правецот во кој се движат?“

„Па, да.“ си реков после неколку часа размислување. „Штом вчера разговарав со Тамара, значи се уште е на слобода и покрај опасноста од одење во затвор. Тогаш е вистински момент да ја соочам со вистината за нејзиниот карактер и за перспективите кои ја очекуваат.“

Така, подготвена со добра намера, го дочекав неделниот ден. Беше сончево, птици црцореа во дворот, а кај мене се поврати ведрината.

Точно во 12 часот, како што бевме договорени, на вратата од канцеларијата го слушнав ѕвончето. Заѕвони два пати. „Ха, ха, ха, поштарот секогаш ѕвони два пати“ се насмеав самата во себеси сеќавајќи се на името на еден стар филм. Но, кога ја отворив вратата, пред мене стоеше Петар. Се збунив и со раката му покажав да влезе.

„Што? Си ги заменивте местата?“ прашав незадоволно, бидејќи бев подготвена рафално да истрелам илјадници зборови кон Тамара.

„Не“ одговори Петар „Тамара не можеше да дојде.“

„Не е во ред. Тоа е непочитување на моето време. Требаше да ми каже пред два дена, кога се чувме.“

„Во право сте. Да седнеме и се ќе ви објаснам.“

Во тој миг се сетив и прашав: „Да не е веќе во затвор?“

„Од каде знаете“ се здрви тој.

„Како од каде знам? Па, нели ја правев нејзината натална карта? Токму сега стоеше најголема опасност за нејзината слобода. Штета. Не можев да и помогнам. А, кога се случи тоа? Јас ја слушнав пред два дена.“

„Вчера.“ одговори тој. И почна да ми раскажува дека тој е газда на некоја фирма, оженет, татко на две деца. А, дека Тамара работела за него. Потоа ми кажа дека се вљубиле и дека биле заедно неколку години. Но, дека, и покрај тоа што ја сака, тој нема намера да се разведе од жена му. Поради децата. Потоа, започна да раскажува дека Тамара е сметководител и дека започнала за него да прави нешто со чековите. Тука го прекинав.

„Доста!“ реков. „Не сакам да знам што сте правеле. Ако разберам на телевизија - добро, ако не - уште подобро. А, и со ова што сте дојден кај мене, вие ме изложувате на опасност.“

Потоа му објаснив дека иако изгледа неправедно таа да биде во затвор заради желбата да го задоволи него, во минатиот живот тој погинал предаден од неа. А, бидејќи во Вселената не постои збор, а камоли постапка без свое ехо во вечноста, заради воспоставување на рамнотежа, во овој живот улогите се сменети. Па, Тамара на своја кожа мора да го почувствува она што му го направила нему, да се почувствува предадено. Но, ако сака да го прекине кругот на причини и последици, тој, во овој живот, не смее да ја остави на цедило, бидејќи ќе си предизвика лоша карма за себе, и за овој и за идниот живот. Но, ќе предизвика влошување на кармите и на неговите деца. Го советував дека без оглед на тоа како неговата поддршка на Тамара за споделувањето на вината ќе се одрази на неговиот брак, тој мора да го признае својот удел во целата работа. А, жена му? Ако е речено да бидат заедно, а на тоа укажуваа ѕвездите, тие ќе останат во брак и покрај се. Ако не е судено, таа ќе го напушти и вака и така.

Се разделивме со негово ветување дека ќе ги послуша моите совети. Што стана понатаму? Не сум запознаена. Дали Клајд од Македонија го направи она што му го реков? И тоа не знам. Дали Бони од наше маало научи нешто од тоа што и се случи? Исто така немам информации. Само, сигурна сум дека ако, заради некоја причина, треба да знам, на некаков начин веста ќе стигне до мене.

За крајот на оваа мрачна приказна се инспирирав од делата на Ричард Бах. Меѓутоа, за да можете да ја почувствувате пораката што сакам да ви ја пренесам, треба да запрете за миг и да се пренесете во Трансилванија. Замислете дека сте во туристичка обиколка на замокот на крволочниот вампир, грофот Дракула. Замислете дека се шетате низ мрачните и студени одаи и дека од далеку го слушате гласот на водичот кој објаснува: „Овој замок е изграден во 1377 година...“

Занесени во размислувањата чувствувате студен здив на вратот. Се вртите и се гледате очи во очи, погодете со кој. Лично со грофот Дракула. Тој со плачен глас и натажени очи ви вели: „Ве молам да ми помогнете. Јас не сум избрал да бидам вампир. Јас сум несреќен. Живеам сам. Немам пријатели. За да преживеам морам да се напијам малку свежа крв. Ако нема, тогаш се грчам од болки. Ве молам да ми дозволите да ви ја исцицам крвта. Ако не ми дозволите ќе ме повредите. Јас ќе умрам.“

Што ќе направите во тој миг? Ќе се исплашите и ќе избегате? Ќе се сожалите на кутрото суштество и ќе му го подадете својот врат? Ќе се правите дека не го забележувате? Можеби ќе му врзете шлаканица?

Ако веќе се згрозувате од сценава и се прашувате што ми е целта на муабетов, еве ќе ви кажам. Секој оној што ви кажува дека ве сака, но ви наметнува да живеете според неговите правила кои се одразуваат лошо на вас, секој таков е Дракула кој сака да ви ја исцица крвта. Но, не заборавајте дека и вие се однесувате како Дракула секогаш кога ги уценувате луѓето да направат нешто што не е добро за нив, ама вам ви оди во корист.

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Девиците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие каков е вашиот однос со родителите и зошто, но истовремено ќе ви покаже како да ги подобрите односите со блиските и околината.


Наталната карта што ја добив е фантастична!
Ви благодарам многу што ми го подаривте огледалото на мојот живот :) 

Виктор К., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2020
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица (тековен стил) Вага Шкорпија Стрелец Јарец Водолија Риби