In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Другата страна на надежта

Објавено на 17.08.2021во 22:30

Другата страна на надежта
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 


„Не можеш да се вратиш назад
и да го смениш почетокот.
Но, можеш да почнеш од таму каде што си
и да го смениш крајот.“
 
~ Ц.С.Луис

Ви се случило ли некогаш, во разговор со некој човек, да ве притисне во градите целата тежина на ситуацијата во која тој се наоѓа, па дури да почувствувате дека не можете повеќе да дишете? Ви се случило ли да се почувствувате среќни и олеснети во мигот кога до вашата свест допрело сознанието дека вие не сте на неговото место?

Сигурна сум дека ви се случило. А, и мене. Еве на пример, јас така се чувствував додека ја изработував Наталната Карта на Аида. Комплицирана Натална Карта. Тешка. Наликуваше на пакетче со Новогодишни подароци во кое пијаниот Дедо Мраз ставил само неубави нешта: тежок живот, сиромашен дом во детството, студена атмосфера, разделба на родителите, брак кој ќе се случи на брзина, со насилна личност, и со истата брзина ќе се разведе, проблем да го изгради своето семејно гнездо и истото да го сочува. Значи, како што вели гатанката, „нигде ѕирка ни проѕирка“. Освен шансата да ја пронајде животната радост преку раѓање дете, без очекување дека ќе го расте со неговиот татко, ниту дека ќе има туѓа помош.

А, сето тоа како последица на кармичкиот долг што таа го носи од минатиот живот, кога живеела во некоја од земјите на далечниот исток. Во тој живот, иако и тогаш била жена, таа била премногу пресметлива личност, безмилосна, несочувствителна, се водела само од сопствената корист и од студениот разум. Карактеристики кои и во овој живот ќе испливуваат на површина кога таа ќе се најде во ситуација на емотивна исполнетост или кога ќе биде сигурна дека ги контролира чувствата на партнерот. Затоа, во овој живот, кармичкиот долг ќе треба да го отплатува на тој начин што ќе има проблем да се реализира на љубовен план, со цел, да го научи Патот на срцето, а не да го следи оној на разумот.

Кога ја сретнав, таа, како дождлива година, истури порои од солзи пред мене, уште после првите две-три реченици што и ги кажав. Кревка, нежна, со светла боја на кожата и очи со боја на хризопрас, полускапоцениот камен, амајлија на Александар Македонски, кој требало да ја стимулира неговата видовитост и да му помогне да ги направи вистинските потези во освојувањето на светот. Во нејзиниот случај, бојата на очите веројатно покажуваше дека иако формално необразована, таа имаше толку силно развиена интуиција и љубопитност, што тие ги покриваа дупките во нејзиното образование.

На почетокот, од време на време, ја прекинуваше мојата приказна, само низ солзи да го потврди тоа што го кажувам. А, откако јас завршив, таа во еден здив ми ја раскажа својата животна сторија, која веќе беше запишана во ѕвездите. Но, со детали, кои и додадоа боја и живост.

Потекнуваше од сиромашно семејство од внатрешноста на Македонија. Татко и, во потрага по леб за семејството, заминал во белиот свет кога таа била многу мала, препуштајќи и ја грижата за децата на својата жена, нејзината мајка. А, таа млада, желна за љубов, со расипан морален компас, а без цврста рака од повозрасни членови на семејството, за кусо време го побарала тоа што и недостасува во други мажи. И го нашла. Не само во еден маж, туку во дузина кои продефилирале во нејзиниот живот и во заедничкиот дом, пред немите очи на децата.

И како што обично бива, мажот последен дознава, но сепак дознава. Во овој случај од устата на своите деца. Браколомницата е протерана. Децата останале со таткото. А, тој не можел да се грижи за нив, но не можел да ја напушти ниту работата. Па, пронашол Соломонско решение. Повторно се оженил за вдовица со деца, бидејќи претпоставил дека како што таа се грижи за сопствените, така ќе се грижи и за неговите деца. Меѓутоа, сите знаеме дека есапот направен дома и оној на пазар никогаш не се исти. Па, додека тој бил во белиот свет, маќеата кон затекнатите деца се однесувала како вистинска маќеа опишана во приказните.

Џабе биле поплаките од децата, таткото не смеел да си признае дека повторно погрешил во изборот на животен партнер. А, рака на срце, и немал друг избор. Па, си ставал чемери на душа и ги советувал своите деца да ја прифатат ситуацијата и да издржат. Тие некако издржале, но не и неговото срце. Тоа му ја откажало послушноста на педесет и некоја. А, маќеа ко маќеа. Мртвиот уште асално не бил ни изладен кога, на денот на погребот, таа и соопштила на неполнолетната Аида дека и нашла маж, некаде во Санџак. Останатите, повозрасни нејзини браќа и сестри, заминале кој каде стигнал, како птичињата кога гнездото ќе го разурне некоја птица грабливка. Бидејќи, домот во кој се родиле и израснале веќе бил препишан на маќеата, како гест со кој нивниот мртов татко сакал да ја осигура својата втора жена за „не дај Боже“, уште додека бил жив.

И по кој знае кој пат, дури и во 21 век, се повторува судбината на жените на Балканот, кои немаат заштита од семејството или барем од машки грб. Сопругот ја третирал Аида како слугинка која треба да му готви, чисти, пере, пегла, да му биде сексуално достапна кога тој ќе посака и секако, да ги двори неговите љубовници, кои, тој ги довлечкувал дома, после фајронт во околните кафеани. А, ако Аида му противречела, редовно добивала и по некој бокс, во стомак или лице. На тој начин Аида го загубила своето неродено бебе. Поради удар од нејзиниот пијан и насилен сопруг во стомакот. Но, овој момент е капката која ја прелила чашата на достоинството на нејзините подалечни роднини. Па, еден од нив, конечно се сожалил и ја оттргнал од рацете на аздисаниот насилник, за да ја испрати како бебиситерка во семејството на своите пријатели, во една од Скандинавските земји.

Желна за учење, природно бистра и љубопитна, Аида поминала неколку прекрасни години во семејството кое ја почитувало и се грижело за неа како за своја рода. Ама секоја работа има свој почеток и крај. Па, кога децата пораснале, таа се вратила во родната куќа како потстанарка. Успеала да се вработи, поради познавање на странските јазици, и така некако нејзиниот живот започнал да тече во некој друг правец. Но, ѓаволот ниту ора ниту копа. Па, по некое време, љубоморните колеги и наместиле сопка, која таа не можела да ја прескокне. Така, ја загубила работата и тоа беше окидачот да дојде кај мене.

„Добро“, и реков. „ За секој проблем секогаш има барем едно решение, ако не и повеќе. Ајде да ја резимираме твојата моментна ситуација. Немаш образование, немаш работа, немаш дом, немаш семејство, немаш родители, немаш љубов. Што имаш?“

Таа се сепна, ме погледна со изненадување, замолча и солзите престанаа да и течат од прекрасните очи.

„Како што имам? Па, немам ништо.“

„Не е точно. Ајде од почеток. Знаеме што немаш. Ама ајде сега да направиме список на работите што ги имаш!“

Малку посоземена, таа почна да набројува:

„Имам некоја заштеда. Ако сум внимателна со парите, можам од неа да живеам барем една, можеби две години.“

„Одлично. Продолжи!“, ја охрабрив јас.

„Потоа, имам неколку пријатели...Имам и еден човек кој вели дека е заинтересиран за мене, ама не сме во врска.“

„Супер. Твојата кошничка со работите што ги имаш почнува да се полни. Но, во неа јас би ја додала и твојата љубопитност, бистрината на твојот ум, брзината со која ги учиш новите работи, твојата младост, жилавост. А, човекот што ми го спомна, дали ти се допаѓа?“

„Не знам што да мислам. Ми се допаѓа, ама некако не му верувам. Не можам да се опуштам“, одговори Аида.

„Разбирливо, после се што ти се случило во животот“, се надоврзав јас. „Но, нели веќе ти кажав дека таква е твојата карма. Во овој живот нема да добиеш потврда за својата љубов. Ќе треба само да го следиш срцето. И колку твојот разум да ги проценува надворешните услови и случувања како неповолни за тебе, ти ќе треба да го слушаш само гласот на срцето. А, мојот пак разум би ти советувал уште веднаш да се запишеш како вонреден ученик во некое од средните училишта и тоа во област која најмногу се бара и плаќа во странство. Бидејќи, најголемата среќа во животот ќе ја доживееш токму во странство и преку странци. А, кога за две ипол години ќе има шанса да останеш бремена, немој да се обѕираш на тоа дали си во брак или не, ниту што за тоа ќе речат луѓето. И тогаш следи го гласот на срцето. Детето родено од љубов би требало биде вратата која ќе ја отвори радоста во твојот живот.“

Речено - сторено. По нашиот разговор Аида го направи токму тоа, се запиша како вонреден ученик во едно од нашите средни училишта. Кога следниот пат се видовме веќе беше мајка, иако сеуште не беше сопруга, и беше дојдена да чуе што за нејзината иднина ќе открие Соларниот Хороскоп. А, ѕвездите укажуваа на фактот дека таа конечно ќе добие диплома. Но, и дека ќе го смени домот или местото на живеење. И навистина. Денес Аида живее во една од Европските земји, со таткото на нејзиното дете, и претпоставувам дека и понатаму го следи гласот на срцето.

И сега, што сакам да ви порачам?

Животната приказна на Аида неодоливо ме потсетува на една поучна приказна за човекот кој нашол пеперуткина чаура. А, за кусо време ќе дознаете и зошто. Значи, човекот ја нашол чаурата, ја чувал во својот џеб и со нетрпение чекал од неа да излезе пеперутката. Конечно се случил и тој миг. Чаурата напукнала и човекот со часови гледал како пеперутката се бори да го провлече своето тело низ малиот отвор. Во еден миг, пеперутката престанала со својата борба. Изгледало дека го достигнала максимумот на своите можности и дека повеќе нема сила.

Човекот се уплашил дека таа ќе умре и побрзал да и помогне. Зел ножици и го исекол врвот на чаурата. Тогаш пеперутката со леснотија се ослободила од чаурата. Но, гледај чудо. Нејзиното тело останало слабо, а крилјата мали. Човекот продолжил да се надева дека таа еден ден сепак ќе ги отвори своите крилја и ќе полета. Но, не се случило ништо. Пеперутката никогаш не полетала. Остатокот од животот го поминала лазејќи, како гасеница со свиени крилја. Она што човекот, во својата брзоплетост и добродушност, не го разбрал е дека тесниот отвор на чаурата и борбата на пеперутката да излезе низ малиот отвор бил всушност начинот на кој Господ предвидел флуидите од нејзиното тело да се пренесат во крилјата и тие да оцврснат. Така, таа би била подготвена за лет кога ќе се ослободи од чаурата.

Веројатно веќе претпоставувате што сакам да ви порачам, драги мои?

Најчесто борбата е токму тоа што ни е потребно во животот за да оцврснеме. Ако Господ ни дозволи целиот живот да го поминеме во лагодност и изобилие, без никакви проблеми и пречки, тоа ќе направи од нас инвалиди. А, тогаш не ќе можеме ниту да му полатаме во прегратките на животот.

Во случајот на Аида, јас не бев човекот со ножиците. Јас бев глетката што таа ја виде кога ѕирна низ дупчето што самата го направи во нејзината чаура.

Виолета С. Марсол

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Стрелците. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне да ги откриете причинско-последичните врски меѓу вашиот минат и сегашен живот, ќе ви открие што се случувало во вашиот минат живот, како тоа се рефлектира на вашето однесување и на случувањата во сегашниот и која е целта на вашето раѓање.


Навистина овој хороскоп не е клише како многу други. Овој хороскоп баш ти дава одговори за тоа кој си бил, каков си и што треба да правиш за да станеш подобра личност. 

Деја З.К.


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Шкорпија Стрелец (тековен стил) Јарец Водолија Риби